Skip to content

За децата од улица

Денес како меѓународен ден на децата од улица се одлучив да пишувам баш за најранливата категорија на население – за децата. Најневини и најчисти душички, суштества кои не знаат да лажат и се безгрижни. Но, за жал сите деца на овој свет ја немаат таа среќа да растат во хармонични семејства, па поради различни причини остануваат на улица. Кај нас, најголем дел на деца кои живеат на улица се од ромска националност, но има и деца од други националности кои ја немаат таа среќна околност да растат во дом со семејство па или мора да се згрижуваат во домови за деца без родители или да се соочат со посуровата реалност – да растат на улица запознавајќи се со сите опасности кои ги носи тој живот таму. Верувам дека животот на улица не е воопшто лесен, посебно не во зимски услови кога мора да го трпат тој студ и да измрзнуваат боси и гладни, па се приморани да питаат или во најлош случај да крадат за да се прехранат. Тие не одлучуваат дали ќе се родат и каде ќе бидат родени, не се виновни што нивните родители не се во можност да им овозможат пристојни услови за живот. Додека родителите на тие деца се друга приказна. Најчесто или и тие се растени како деца на улица или нивните деца се производ на несакана бременост, па младите мајки незнаејќи што ќе прават со бебето го оставаат на милост и на немилост. Во нашата држава министерството за труд и социјала е задолжено за работа со ваков тип на население кое за жал кај нас постои, Но сите акции не се доволни за ситуацијата преку ноќ да се смени. Потребно е да се работи долго време и во континуитет за овој проблем да се искорени иако со сигурност не може да се каже дека еден ден потполно ќе ги снема овие деца кои питаат на улица. Такви деца речиси отсекогаш постоеле(не сум сигурна баш од кој период), па и ќе постојат и во иднина, но може многу да се направи за нивниот број да се намали. Принудени се да питаат, без постојано живеалиште, без храна и соодветна облека, а за образование да не зборуваме. Најчесто родителите ги тераат да просат за сите да се прехранат, но најлошо е што на улица не го учат само тоа, таму учат уште полоши работи како крадење и насилство. Се сретнуваат со сите штетни пороци затоа што нема кој да ги поучи за нивната опасност и да им укаже на правилно однесување. Улицата за нив е воспитна установа, нивната прва учителка која е немилосрдна и прави за жал уште непораснати да не го живеат детството кое го заслужуваат. Не знам колку од тие деца еден ден успеваат да станат вистински личности и да се стекнат со основно образование и да го продолжат животот нормално или остануваат засекогаш во канџите на улицата и завршуваат просејќи и молејќи се за трошка денар. Дали се самите виновни што не успеваат да се спасат од тој живот или треба да бидат охрабрени и поддржани од соодветни установи? Дали можат на своја иницијатива да почнат да работат барем некоја улична работа која ќе им биде доволно платена колку да можат да се прехранат, а после тоа да си најдат или направат некое скромно живеалиште? Што и да напишам повеќе нема да биде доволно за да им помогнам на таквите деца кои растат на улица. Сите секојдневно гледаме барем по едно такво дете кое претрчува по улиците борејќи се да преживее и верувам секој барем еднаш се сожалил со тие деца и посакал да имаат среќно детство. Денес како меѓународен ден на децата од улица министерот бил на посета во дом каде што се згрижени такви деца за да го обележи денот. Сметам дека и тие деца безразлика на нивната судбина да се родат на улица, треба да имаат подеднакви права за образование и пристојно живеалиште како и сите останати деца. Би требало многу повеќе да се направи за нив, да се изградат домови каде што ќе се згрижуваат за бројката на деца од улица да биде значително намалена, па дури и искоренета. Треба да се направи многу повеќе за оваа ранлива категорија на население, треба да им се обрне многу повеќе внимание, наспроти некои други инвестиции кои се превземаат во нашава  држава. Вакви деца нема само кај нас, ги има насекаде во светов кои се нарекуваат бездомници. Кога би се правеле акции за помош на вакви деца од страна на семејства кои имаат поголеми приходи кои би им помогнале на некој начин би било многу поубаво. Зборувам за некоја скромна донација на облека или храна која им е неопходна, затоа што тие кои имаат подлабоки џебови би можеле да си го дозволат тоа, па наместо еден ден да го поминат на шопинг или јадење во некој елитен ресторан, би донирале скромна цифра и би им помогнале на одредени деца барем одреден период. Секако дека тоа не е доволно за да се замени топлината на домот или засекогаш би им го решиле животното прашање, туку ќе им го направат денот поубав, ќе им ги наполнат празните стомаци барем на ден и ќе ги стоплат во некој ладен зимски ден. Не знам како завршуваат сите деца кои растат на улица на крај, дали умираат од болест или од глад или цел живот живеат како бездомници, веројатно повеќето ја делат истата судбина, поминуваат низ тежок период, а оние кои успеале да се спасат од улица и да застанат на нозе се за восхит.
Не би пишувала повеќе бидејќи што и да напишам нема да му помогнам на ниедно дете – бездомник. Не сум ни фактор кој би превзел иницијатива и би спровел проекти за заштита, но најмалку што можам е да им го посветам овој текст. Се надевам дека надлежните ќе бидат одговорни и тие се оние кои треба да се занимаваат со овие прашања. Но, сите треба да ги засега ситуацијата во нашата држава и треба да знаат дека на сите деца не им цветаат рози во животот и немаат сите безгрижно и среќно детство.
http://en.wikipedia.org/wiki/Street_child

Image

Напишете коментар