Skip to content

Додека ја бараше

Ја бараше во мислите. Не знаеше колку време треба да помине за да ја најде или можеби веќе ја нашол, а сè уште не ја препознал? Ричард стана обземен од мислата КОГА ЌЕ ЈА ПРОНАЈДАМ. Знаеше дека времето брзо поминува, годините изминуваа и тој со секоја година стануваше се повозрасен. Тој веруваше во сродна душа. Веруваше дека некаде се наоѓа неговата сродна душа со истата страст како него, со исти интереси и цели во животот. Барем му беше полесно во тоа да верува затоа што така ја одржуваше надежта и ги негуваше неговите мечти и желби кои сакаше да се претворат во реалност. Иако изминатите години беше со многу жени, сепак не ја најде онаа која според него беше вистинска. Да ги споеше сите карактеристики од сите жени така можеби ќе ја добиеше идеалната. Очекуваше сродната душа да биде совршена, многу слична на него, но сепак знаеше дека ако сака да бара совршенство тоа мораше и да го поседува. Со оглед на тоа дека тој не беше совршен се одлучи да ги намали критериумите зошто ако не го направеше тоа никогаш немаше да ја најде неговата животна сопатничка. Ја повикуваше во сонот. Се обидуваше да го замисли нејзиниот лик, нејзиниот изглед, нејзиното име, но не му успеваше. Се прашуваше што ли прави таа во овој момент. Дали и таа е осамена како него? Дали навистина постои некоја која го очекува и го посакува истото како него?

Тој посакуваше да ја пронајде. Неговата желба беше да се вљуби во неговата вистинска љубов и да остане со неа до крајот на животот затоа што му здодеа да ги искористува останатите околу него за кои велеше дека му досадиле и за жал ниедна со која беше не ја сметаше за негова сродна душа. Беше привлечен. Речиси секоја жена ја маѓепсуваше уште при првата средба, а не беше во потполност свесен за неговата моќ која ги тераше жените да се заљубуваат во него. Природноста и неговата машкост ги привлекуваше жените кои му се лепеа како лепак и сеуште не ја најде онаа која ја бараше. Еден негов другар му рече на шега: “Ако продолжиш да бидеш толку пребирлив, ќе останеш цел живот сам“. Ричард за момент се замисли и си помисли можеби дека има вистина и во тоа што му го рече другар му, но знаеше дека не бара премногу, а и сите кои му се “лепеа” не бараа сериозност, туку забава за една ноќ и утротоисчезнуваа без никаква трага. Во животот Ричард беше заљубен вистински само еднаш, но беше повреден од жената за која и животот би го дал затоа што таа го изневери и оттогаш многу му беше тешко повторно да се заљуби. Како да се плашеше од тоа чувство, како да се плашеше дека пак ќе го повредат и затоа реши после авантурите кои што ги доживеа последните години малку да се смири и да се насочи кон потрагата на жената на неговиот живот. Знаеше дека нема да биде лесно. Си вети себе си дека нема да се плаши да се поврзе со некоја, но знаеше дека мора да биде трпелив макар останал сам и целиот живот. Потрагата почна. Се заколна дека штом ја пронајде ќе направи сѐ за да ја добие нејзината љубов. Беше упорен. Потрагата сеуште траше. Времето ќе покаже дали Ричард ќе го пронајде тоа што го бара и ќе биде конечно исполнет.

Напишете коментар