Skip to content

Би се викал „те сакам“

И да умрам и повторно да се родам пак би те сакал тебе. Не знаеш ти колку боли да те сака тебе човек. Не знаеш колку боли кога те глeдам секој ден со помислата дека некогаш ќе бидеме заедно. Виновен сум. Не успеав да се приближам до тебе кога имав одлична шанса, место тоа јас се однесував како што не би требало да се однесува човек кој сака да го освои срцето на една девојка. Но, не каква било девојка. Девојка како тебе која секој ја посакува, но се плаши да ѝ се приближи, а кога ќе ѝ се приближи не знае како да ја задржи затоа што е премногу добра за него. Така се однесував и јас, како човек кој не знае вистински да сака иако сите мои мисли и соништа беа упатени кон тебе. Се будев со помислата дека еден ден твојата насмевка ќе ми припадне мене и ќе успеам да ти влезам под кожа, а заспивав замислувајќи те тебе до мене како ме галиш и бакнуваш за добра ноќ. Тогаш би чекал да заспиеш па би те гледал како спиеш одмерувајќи го секој сантиметар на твојот лик, секоја владбантина и секоја црта од твоето лице би останала врежана во моите сеќавања како најубави спомени. Никому немаше да му дозволам да ги украде тие спомени од мене, но не ги заслужив! Се проколнав самиот сто пати, а дупло пати повеќе се поколебев што не успеав да те освојам. „И да умрам и повторно да се родам пак би те сакал тебе“ ми одзвонува во главата како ѕвоно, како некоја меланхолична мелодија која допира до ушите и те тера да ја слушаш одново и одново сѐ додека не ти здосади, но мене оваа мелодија од зборови што ми одѕвонува во мислите нема да ми здосади никогаш, само што немав храброст да ти го кажам тоа во лице, проклет да сум!

***
Некој би се прашал како може една девојка толку силно да се сака, да се идеализира дури што би се умрело и за неа, а јас би му рекол дека штом се запрашува никогаш не љубел вистински. Пријателе, да ја запознаеше можеби и ќе можеше да ме разбереш, но јас сум убеден дека во животов никоја и никогаш нема да сакам како неа. Би се викал „те сакам“ за секогаш кога ќе го изговориш моето име да ми допреш длабоко во душава, посакав да ѝ речам тогаш кога останавме сами, но се јави еден внатрешен глас кој ме одврати од намерата и после тоа никогаш немав шанса да и признаам или барем мене ми се чинеше така сѐ додека не се заљуби во друг. Каква кукавица сум бил си помислив! Промаршената шанса остана да лебди во воздухот, мислите повторно насочени кон неа, но сега како нешто кое е недостижно. Можеби ќе речеш дека сум кукавица штом не се борев за мојата љубов, но како да се борам кога таа сака друг? Сознанието дека таа е среќна со друг никако не можеше да ме направи среќен и задоволен затоа што не бев тој јас кому таа му викаше „те сакам“, но еден дел од мене беше задоволен што таа ја пронашла љубовта. „Повеќе среќа следниот пат“ ми рече другар ми. “Нема да има следен пат пријателе“ му одговорив. “Вечно ќе живее во моето срце, но само на тоа ќе остане. Мојата шанса замина и јас ја испуштив, ќе се обидам среќата да ја пронајдам со друга колку и да ме боли на почеток, сигурно постои девојка на овој свет што ќе можам да ја засакам барем доволно за да биде мајка на моите деца, но никогаш нема неа да ја замени. Јас веќе ги сонував нашите деца со неа, а реалноста е таа што тие никогаш нема да се родат. Ќе се родат други, но не заеднички, но јас исто ќе ги сакам и одгледувам исто како што би ги сакал и нашите, ме разбираш?“ Ех, пријателе, отсекогаш беше романтичар, но твојов последен разговор ме погоди навистина. За момент помислив дека не веруваш повеќе во љубовта и дека никогаш не планираш да сакаш некоја друга, па дури ни да ја ожениш, но човек како тебе заслужува вистинска љубов, се надевам и дека ќе ја добиеш“

images

Напишете коментар