Skip to content

Повторно пред уште еден животен тест

images

Не се измори? Не се измори од постојано поставување на тестови со цел да видиш како ќе се справуваме со нив? Не се измори од постојано измачување и ставање на најјаките личности во такви ситуации од кои секогаш истите излегуваат како победници само затоа што тие се навикнати да бидат јаки?Нема силна личност која не била повредена и ставена под тест само затоа што е таква, а да не излегла од ситуацијата уште посилна од претходно. Зошто ги измачуваш оние кои претрпеле најмногу болка, па како да не им е доволно тоа, упорно ги соочуваш со предизвици? Затоа што пак ќе победат? Или затоа што се доволно силни и изгорени за пак да бидат поразени? Сакаш предизвици? Епа на силните личности доста им е од твоите предизвици, изморени се од постојано натпреварување и докажување на јачината.
Не се измори од измачување? Зошто мора толку проклето да бидеш неправеден кон оние кои најмногу пателе? Секогаш си го поставувам истото прашање, а одговорот останува да лебди во воздухот…
Како што стаклото скршено на илјадници парчиња што не може повторно да се состави, така не може ни изминатото време да се врати назад, а знаеш ли колку време им треба нив, на оние кои молат да имаат малку повеќе време? Знаеш ли дека оставаш траги со секој изминат ден и со секоја помината секунда? Знаеш ли дека си најценет, најскапоцен, најпосакуван и најзафркнат истовремено? Знаеш ли колку некогаш знаеш да болиш? Знаеш ли дека некогаш те слават, а некогаш посакуваат воопшто и да не постоеше? Зошто има толку поларности во тебе? Можеби поради баланс? Или за да ни бидеш поинтересен? Можеби со причина. Можеби после тебе се крие уште еден нов, поубав свет, во кој не поставуваш тестови и предизвици. Некаде кадешто луѓето не се делат на силни и слаби, некаде кадешто болката не постои ни како поим, ни како емоција.
Не постои човек на планетева кој не се нашол пред твојот тест, а само најхрабрите го поминуваат, а излегува дека скоро сите се јаки и речиси и да нема човек кој не го поминал. Но, стравот, исчекувањето, грижата, болката, гневот, ужасот, очајот и страдањето мораат да бидат наплатени за еден да сфати колку всушност е јак. Кога ќе погледнеш назад, тој што успеал да го помине тестот е најголемиот победник, не животе, не си ти победник, затоа што на крајот, единствениот победник кој ќе не победи сите е смртта, онаа од која не можеме да избегаме, а секогаш успешно ја одбегнуваме додека не дојде судниот ден. Дотогаш, ќе ја заобиколуваме вешто, ќе ја избегнуваме и предизвикуваме, затоа што кога еден ден ќе дојде таа непосакувана и ќе рече дека ѝ дошло време да го победи животот ние згаснуваме, а таа останува да живее вечно славејќи си ја победата.

Напишете коментар