Skip to content

„Записите за Џозефина“ (63)

black_and_white_girl_by_lgkf310-d5eg3ft

Ако насмевката го продолжуваше животот
Џозефина ќе беше бесмртна,
ако далечината беше голема,
таа ја правеше малечка,
ако денот беше ноќ,
таа никогаш немаше да спие,
неуморно талкаше по патеките
кои своеволно ги избираше.
Не беше сигурна каде точно
патишата ќе ја одведат,
но знаеше дека кога има некој до неа,
некој како него,
беше посилна, а и поспремна за предизвиците.
Знаеше дека сè додека верува во себе
не постои нешто што не може да се исполни,
а кога до тебе имаш личност
која дополнитело те инспирира
и те поддржува,
само небото ти е граница.
Џозефина беше навикната сè што ќе добие
да си го добие заслужено,
поинаку не смееше,
а и не ни сакаше да биде.
Џозефина беше како снег,
прво беше ладна,
ама можеше лесно да се стопи,
и секогаш така кога тој ќе ја допреше,
се топеше како доцен зимски снег.
Или како свеќа.
Или како сладолед на сонце.
Сеедно.
Се топеше од убавини.
Не сакаше да помисли на зло,
нему местото му беше
подалеку од неа и од најмилите,
но не сакаше да го предизвикува,
да можеше да го истреби,
би го сторила тоа без секунда размислување,
за никој никогаш да не знае за него,
за никој никогаш да не го доживее,
за никој да не го осети на своја кожа,
ама да можеше.
Не беше семоќна,
а некогаш толку посакуваше да биде,
не беше совршена,
а никогаш не ни сакаше да биде.
Не беше безгрешна,
ама се трудеше да не прави грешки,
не беше беспрекорна,
ама токму тоа ја правеше посебна.
И беше таква.
Таква која се раѓаше само еднаш.
Еднаш и ќе ја снема.
Но, дотогаш, си вети дека
ќе направи нешто вредно за паметење,
затоа што беше таква,
тешко се забораваше,
а лесно влегуваше под кожа,
тешко дека некој некогаш ќе ја заборави.
А, тој не сакаше никогаш да ја заборави.
И нема.
Затоа што ќе биде покрај неа.
Од самиот почеток, до крај.
Кога заедно ќе се потсетуваат
на сите оние работи вредни за паметење.

Напишете коментар