Литература Проза

Хармонија

Делот од целото недостигаше. Така правеше хаос кој повеќе наликуваше на уметничко дело. Не си комплетен кога заспиваш со недовршени редови…Не си цел кога твоето отсуство не боли никого, а празнината нема кој да ја пополни. Добро знаеш како е да ти фали дел од сложувалката. Трчаш да ги пополниш сите празнини, а трчајќи правиш уште поголеми и така одново почнуваш па сѐ до крајот. Не се плаши од нихилизам, плаши се од несфаќањето за неговото значење. Бидејќи постоиш за да разбираш и не смее да биде поинаку.

Кога можеш да го разбереш и она што никој не го разбира, кога некој ќе те разбере кога мислиш дека никој тебе не те разбира тогаш си вистински среќник. Не трагај по среќата, трагајќи можеш да се изгубиш себе, пронајди ја неа зошто таа е скриена во тебе. Кога гледаш напред не заборавај каде води обратниот пат. Кога ќе стигнеш онаму кај што не бил никој бидејќи сите имаме различни патеки ќе сфатиш зошто твојот пат бил таков. Кога некој ќе те гледа како никогаш никој претходно, тогаш има смисла сѐ што правиш. Сомнежот во себе те јаде одвнатре, ама ти исто така имаш шанса да го изгризеш, проголташ и никогаш повеќе да не му текне да се појави.

Кога можеш да го прифатиш она што си мислел дека не е прифатливо ќе се ослободиш. Ако хаосот го гледаш како дел од хармонијата, тогаш не си повеќе истиот. Сега си отворен кон нови предизвици. Делот од целото во секое време можеш да го пополниш, ама сфаќаш дека и без него се можело. Всушност недостатокот го прави целото да изгледа хармонично. Зошто поинаку не би можела да постои хармонијата. Не би можеле да ја видиме, не би можеле да ја препознаеме. Сега ја знаеме. И тоа е доволно. Знаеме дека нејзе ја има во секој детаљ, во секое ќоше и несовршено место. Затоа што човекот е најхармонично уметничко дело полно со несовршености, во кого спие хармонијата.

Н.Н

Слични написи

2 thoughts on “Хармонија

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје