Skip to content

Структура

Нејзината душа составена од илјадници мали парчиња кои лесно можеа да се скршат, а не смееја. Внатрешниот дел кој се обидуваше ѕверски да го сокрие и да го брани секогаш попушташе кога беа во прашање луѓето што ѝ значат. Знаете, најслаб си само пред оние кои неизмерно ги сакаш, со нив можеш да бидеш повторно дете, да плачеш без срам и страв дека ќе бидеш осуден затоа што знаеш дека од нив нема да бидеш предаден. И знаете што? Не дозволувајте никој да почне да ви ги крши парчињата кои ја пополнуваат вашата душа, затоа што тоа многу боли. Делот од целото кога недостасува ништо не е исто, вие чувствувате дека мора повторно да воспоставите хармонија, а некој се обидува да ви го уништи внатрешниот состав кој со години сте го составувале.
Нејзината душа ја исполнуваа ситници, малечки детали кои никогаш не ѝ остануваа незабележани, можеа да ја „купат“, но истовремено и да ја „оддалечат“. Ако се обидуваш да влезеш во нејзиниот живот, најверојатно со помош на тие ситници си го трасирал патот до нејзиното срце, но баш поради истите можеш лесно да го најдеш патот кој води до нејзино потполно исчезнување од твојот живот.
Малечка беше структурата, но преполна со емоции кои не ги собираше ни во најдлабоката пештера. Малечка беше и таа, но доволно силна за да посака да ја одбрани својата душа, за да не ја боли…
И успеваше. На чуден начин секогаш тоа ѝ успеваше. Се восхитуваше на себе си како е можно тоа мало делче, а толку важно за неа да го брани и да го чува толку себично.
Нејзиниот ден го сочинуваа тие ситници дел од структурата која ја сочинуваа нејзината душа, секојдневно се обидуваше да ја пополнува, негува и заситува. Зошто обратно ако беше настануваше онаа проклета болка. Не можеше лесно да се контролира тоа знаете, во еден дел во тоа пополнување играа и другите, а таа макотрпно се трудеше останатите да немаат голем удел во нејзината структура зошто тие правеа најголем пустош кој не смееше да си го дозволи.
Со години ја храниш душата со убави моменти, ја храниш за да може да прима љубов, а да даде дупло повеќе и тогаш настанува презаситеност зошто поради огромната количина таа расте, а доволна е само пак една значајна ситница за тоа што се градело долго време да се издиши како балон и процесот мора одново да започне. Ме разбирате? Само оние со огромни души на кои ситниците им значат повеќе од сѐ, само оние чиишто души се полни со неизмерни количини на љубов и ненормална доза на емоции што знаат да ги изразуваат сето тоа можат да го разберат, останатите не можат да ја разберат својата, а камоли да „прочитаат“ туѓа душа.

download.jpg

Напишете коментар