Skip to content

Ти реков, ми рече: За самодовербата и фејсбукот

Нема ништо попривлечно од тоа кога човекот е потполно свесен за своите квалитети. Знае да се вреднува себе без да ги омаловажува останатите. Вака некако најеоднставно и лаички би ја опишала самодовербата. Самодовербата не се гради ниту брзо ниту лесно. Посебно ако не си ја стеканл во теко на животот. Потребни се долги години за да се изгради, за да се зацврсти. Уште поголем напор за да се задржи и негува. 

Во последно време работите се променија многу. Самодовербата почна да се гради на поинаков начин. Се губи брзо кога не е стекната на правилен начин. Конкретно мислам на она кога на одредени поединци самодовербата им расте правопропорционално со бројот на лајкови на нивната „селфи“ слика. Да, дотука сме. Колку е сликата „полајкувана“ толку повеќе се зголемува таа кај поединецот што ја прикачил. Работата е појдена до таму што бројот на лајкови е мерило за убавина, односно така некои поединци си го толкуваат „значењето“ на една обична опција на „фејсбук“.

Сега прашањето зошто толкава фама и опишување на една секојдневна работа од денот на еден обичен смртник кој поминува пред екранот од компјутерот минимум 3 часа. Зошто? Затоа што не сме ни свесни колкаво е влијанието од социјалните мрежи. Како и времето кое го поминуваме на нив и колку тоа влијание има улога врз нашето целокупно функционирање па и расположение во текот на денот. Длабоко во потсвеста ни се врежуваат сите работи кои сме ги виделе и прочитале, а не сме свесни дека некогаш тие се од пресудно значење за некоја наша одлука.

Затоа мислам дека е редно да им се посвети одредено внимание затоа што не се сфатени сериозно. Можат да бидат причинители на сериозни одлуки и настани. Од друга страна пак социјалните мрежи не треба да се сфаќаат ни премногу озбилно. Кога би се анализирало површно функционирањето конкретно на социјалната мрежа „фејсбук“ во кратки црти тоа би изгледало вака: еден албум полн со слики од најразлични луѓе вклучувајќи ги и твоите. Фотографии од блиски личности до непознати кои никогаш во животот ги немаш сретнато. Реклами кои постојано се појавуваат на „почетна“ и потсвесно ти викаат: „купи го тој производ само затоа што е лајкуван и поддржан од 2543 корисници“ или „купи ме бидејќи ќе продолжам да се појавувам додека не ја променам твојата одлука“.

Вака некако ги доживувам рекламите. Всушност целиот фејсбук ти е една голема маркетиншка мрежа каде познатите се рекламираат за поголема популарност, се натпреваруваат по број на „допаѓања и следбеници“, рекламираат производи и си заработуваат од рекламите, додека одредени брендови те убедуваат дека се најдобри, трети ти продаваат совети за нега на кожа тврдејќи дека нивните производи се магични и никој друг производ не дава ефект како тие.

Во принцип, целата плаво-бела социјална мрежа ти овозможува да видиш што се случува со луѓето кои ти се пријатели дури и кога тоа воопшто не те интересира. Постои тренд „да се биде означен“ на местото кај што си или каде си тргнал, што правиш, што јадеш, што пиеш, што слушаш, како се чувствуваш и слично. Кога ќе ги додадеме „четот“ и опцијата за „видео разговор“ станува повеќе од јасно дека ти можеш да се поврзеш буквално со секого во секое време. Тоа е една од причините за создавање зависност бидејќи овозможува да се чувствуваш „социјализирано“ без да мрднеш од фотелја.

Кога на ова ќе додадеме дека пости можност за пишувње „статуси“ , искажување на своето мислење, револтот, идеите, поставување прашање на кое сигурно ќе добиеш некаков одговор. Следи можноста да коментираш насекаде, членувањето во најразлични „групи“, здруженија. Таму се прават идеи за најразлични „собири“, организирање на „настани“ кои ти даваат чувство на припадност и заедништво. Станува јасно дека луѓето кои работат на оваа мрежа се доволно паметни. Многу добро знаат што прават и ненормално добро ја познаваат човечката психологија.

Се прашувам дали ако воопшто некогаш престане да постои „фејсбук“ што ќе биде следно? Најверојатно ќе биде презентирано на поинаков начин. Иновации постојано се случуваат, нема да биде изненадувачка појавата на нешто слично во следните десет години. Луѓето трагаат по нови работи. Посебно во полето на технолошкиот развој. Не е ни чудно што постојано се случуваат промени во самата мрежа од самиот почеток до денес. Промени се случуваат насекаде околу нас, што е многу нормално и природно.

Се стремиме кон повисоки цели, кон нови нешта кои ќе ни дозволат да растеме како личности заборавајќи дека некогаш правиме работи кои ни се спротивставуваат на првичната цел. Една пречка за растење како личност е токму непрепознавањето на сопствената вредност доколку не се добие „позитивен“ фидбек од пријателите. Гледано преку презентираниот пример погоре за самото функционирање на плаво-белата мрежа која тивко, сосема плански и ненаметливо се вовлече во животите на голем број поединци. Моментот кога некој ќе каже дека нема „фејсбук“ профил кога го гледаат како да паднал од Марс е сосема неправеден.

Тука повторно може да се види огромното влијание кое се толкува вака: „за да бидеш во тренд и прифатен од другите, не смееш да се двоиш од мнозинството. Потоа слепо ја следиш толпата и се обидуваш да бидеш активен за да не бидеш заборавен“. Секој кој не се придржува до оваа премиса е чуден и дефинитивно отскокнува од останатите, и “веројатно нешто му фали“. Сосема погрешно е ова тврдење затоа што се работи за прашање на сопствен избор, зборува за автентичноста на човекот, неговата одлука не смее да биде ниту осудувана ниту критикувана само затоа што одлучил на интернет да функционира на поинаков начин од останатите.

Тоа не значи дека сега сите треба да ги деактивираме профилите и да бидеме автентични. Туку да ги почитуваме туѓите одлуки и да не заборавиме да останеме луѓе пред сѐ во реалноста. На „фејсбук“ лесно можеш да одглумиш и да презентираш нешто што не си. Но вистината е таа која секогаш ќе постои за да те побие и која на крај испливува на површина.
Има уште многу да се зборува на оваа тема. Во кратки црти засега ова би било тоа што сакав да Ви го речам.  Вие не дозволувајте капацитетот на вашата самодоверба да зависи од туѓата реакција. Многу е важно како се доживувате сами! 

Вие вредите многу повеќе од бројот на вашите „лајкови“. Од бројот на вашите „виртуелни“ пријатели.  Многу поважно е кому може да се обратите кога ќе го исклучите екранот од вашиот компјутер. Кој е тука да ве сослуша, да ви даде искрен „коментар“ онака од прва рака, и тоа во лице!
Благодарение на „фејсбук“ вие можете многу полесно да стигнете до овој текст сега што го читате. Како и до било која друга информација!

Не е сѐ негативно зошто се покажало дека сепак постојат и позитивни нешта. Тие всушност го одржуваат во постоење. Кога еднаш ќе влезеш во канџите на плаво-белата мрежа, тешко дека можеш лесно да излезеш. Голема е веројатноста е ако излезеш повторно да се заплеткаш во бесконечната мрежа која постојано се плете и ти нуди најразлични опции. 

До следно, останете самоуверени!

Напишете коментар