Skip to content

Записите за Џозефина (90)

josephine

Две ружи имаше во раката.
Едната црвена, а другата црна.
Двете беа со боцки.
Ги чуваше и ги мирисаше.
Се наоѓаше во воз.
До неа имаше еден патник.
Ликот не можеше да му го види.
Патникот цело време молчеше.
Не знаеше кон каде е упатена.
Ни зошто ги држи ружите во рака.
Ни кој ќе ја чека кога ќе пристигне.
Ни кого оставила од каде што тргнала.
Знаеше дека е сама со еден рачен куфер.
Се прашуваше што ја чека.
Се прашуваше што напуштила таму некаде.
Се прашуваше што ќе открие.
Патувањето беше долго.
Траеше два дена.
Во текот на тие два дена не го откри ликот на патникот.
Носеше капа и очите не можеше да му ги види.
Ниеден збор не прозборија.
Тој беше задлабочен или во книга
или загледан во далечините низ прозорецот.
Ги гледаше ружите и им се чудеше.
Ни после два дена без вода не пресушија.
Не знаеше околу негата за цвеќиња.
Никогаш не ја интересирале цвеќињата.
Ниту сакаше да им дава посебна нега.
Се прашуваше уште колку долго ќе издржат без вода.
Не знаеше ни кога ќе дојде крајот на патувањето.
Ѝ се чинеше како цела вечност да ја помина во тоа купе.
Ѝ се чинеше како цел живот да си го премота додека се ѕвереше низ прозорот.
Ѝ се чинеше како ништо веќе нема да биде исто.
Ѝ се чинеше дека живее некој туѓ живот.
Ѝ се чинеше сѐ лажно, нестварно и туѓо.
Ѝ беше ладно и нозете ја болеа.
Возот не запираше.
Не запре ни после два дена.
Продолжи да патува и кога таа мислеше дека ќе се симне.
Но, не слезе затоа што не ѝ дозволија двајца чувари.
Не ја пуштија да слезе кога беше во Новатера.
Им се спротистави, но чуварите не сакаа да слушнат.
Кога возот застана, со крупни чекори се затрча кон вратата.
И тогаш се разбуди.

Напишете коментар