Skip to content

Љубов за младоста

 

Тодор отсекогаш го привлекуваа разговорите со дедо му, па секогаш наоѓаше начин да започне конверзација затоа што знаеше дека дедо му е полн со мудрости и дури и од најобичниот разговор можеше да се научи нешто. Само што се врати од дневна прошетка, го забележа дедо му седнат на старата фотелја од која не се одделуваше, задлабочен во своите мисли со поглед низ прозорот, ѝ му се обрати:
– Извини што ти го нарушувам мирот, дедо, како се чувствуваш денеска? Дедо му се сепна зошто баш во тој момент не очекуваше да биде прекинат иако навидум не правеше ништо. Знаеше дека никој не се осмелуваше да му се обрати кога е сам со себе уживајќи во мирот, зошто сите знаеја дека не сакаше да биде прекинуван во моментот кога одмараше и беше насочен кон својот внатрешен свет.

– Исто како и вчера ова време, внучко. Да не сакаш нешто важно да ми кажеш, ти се случи ли нешто?
На Тодор му стана полесно, зошто сфати дека дедо му не се налути што е прекинат во „одмарањето“, па мислејќи како да го насочи разговорот, му рече: Мене секогаш нешто ми се случува, но сега немам ништо важно да ти кажам, туку да те прашам.
– Прашај ме, ако знам ќе ти одговарам. Тодор се насмевна покажувајќи ги белите заби, зошто знаеше дека дедо му имаше одговор на секое прашање.
– Дали ти некогаш си посакал повторно да бидеш млад?

Дедо му направи една гримаса која требаше да биде протолкувана како насмевка, за момент зеде воздух, додека го вдишуваше ги впиваше спомените од некое претходно време и кога накрај го испушти воздухот, со рамен тон му рече: „Внучко, едно е да посакуваш, друго е да можеш да го направиш тоа. И да посакам да бидам повторно млад, знам дека тоа е невозможно. Но, знаеш што? Најважно е да се чувствуваш младо, младоста да не умре во твојата душа, а годините се само бројка.“

Тодор, фасциниран од одговорот добивајќи ја посакуваната информација, го праша следново:
– Кога размислуваш така, дали често си ја повикуваш младоста во мислите?
Дедо му, со насолзени очи: „Младоста е секогаш со мене, таа е присутна во секое време, зошто не ѝ дозволив да замине. Со неа заминаа само мојата сила која сега е многу намалена и проблемите кои ги имав. Сега не ми е грижа за ништо, па и тоа што може да претставува проблем, повеќе не го нарекувам така.“

Тодор: Навистина, сите проблеми се минливи, на нас останува како ќе ги доживуваме и како ќе реагираме на нив.
Дедо му: Знаев дека си паметно момче, сега ми го потврди тоа. Но, знаеш што? Уживај во твојата младост повеќе, без многу да се запрашуваш дали ќе ти недостига некогаш, зошто ќе ти недостигаат шансите кои не си ги искористил и моментите кои не си ги доживеал.
Тодор: Во право си дедо, како и секогаш.
Дедо му: Одбирам да бидам во право. Но, и јас знам да згрешам. Животните лекции ќе ги учиш допрва момче, но гледам дека си на вистинскиот пат.

Напишете коментар