Skip to content

Зад добрата жена, прашина се крева

 

Не се крева прашина само зад добриот коњ, сега по ново зад секоја добра жена, прашина се крева. Сакам да ти ја раскажам приказната која го поткрепува ова тврдење. Сигурно и ти си се сретнал со своја верзија од истава приказна.
Меѓутоа, добра жена си е добра, во каква и да е смисла на зборот.

Секој има своја дефиниција за доброто во нешто. Додека се обидувам да образложам што сѐ е добро кај жената, подобро да го пренесам начинот на кој тоа може да се препознае. Тоа се чувствува со душата, се чувствува преку прегратка и се чита во нејзините очи.

Очите никогаш нема да ја скријат нејзината добрина, Тие можеби скришно плачат кога никој не ги гледа, ама зениците не можат да престанат да се шират кога ќе го видат и не можат да престанат да светкаат кога се радосни.
Душата нејзина создадена од челик и памук истовремено, нема да може да те повреди. Иако нејзината била распарчувана и составувана. Само ќе ја чувствуваш твојата како се распаѓа ако ја повредиш нејзината.

Добрата жена никогаш нема да оцрнува никој друг пред никого, а за неа веќе се напишале „романи“ од оние кои не можеле да ја поднесат нејзината добрина. Од оние кои не знаат што да прават со своите животи и измислуваат триста други за туѓите, наместо да се занимаваат со сопствениот.
Прашината е ветар во грб за добрата жена. Таа не може да ја собори, не може да ја поколеба. Ниту пак може да ѝ ја извалка чистата душа. Од прашината што ја остава зад себе се хранат злобните усти. Но никогаш нема да можат да ја достигнат нејзината големина затоа што се хранат од нејзината прашина.

Што прави добрата жена?

Коњот не се врти назад за да види колку далеку стигнал, а добрата жена никогаш не се враќа назад во минатото за да ги поправа грешките.
Никогаш не се враќа ни кај она што ја скршило, но не го заборава.
Никогаш не заборава како стигнала таму каде што е.

Памти кој бил покрај неа и кој фрлал камења по неа правејќи прашина.
Не се врти назад, за да не ѝ влезе прав во око. За да има повеќе за гладните усти.

Кутрите, изгладнети, едвај чекаат да смислат нешто ново. Нејзе ништо не ја допира, како никогаш што не ја допирало. Ако дозволела да биде допрена ќе се удавела во прашината.
Ова е мојата приказна за добрата жена зад која се крева прашина.
А, на злобните усти им останува само да изградат замок од прашината што таа ја остава зад себе…

Напишете коментар