Skip to content

Петре М. Андреевски – Да не би да болко

И дојде време за Македонска поезија!
И овој четврток, рецитација на одбрано дело од Петре М. Андреевски.
Доколку имате посебна желба да слушнете нешто по ваш избор, слободно пишете во коментар, ќе се обидеме да го исполниме вашето барање.
Слободно давајте идеи и предлози што би сакале да прочитате и  воедно слушнете, следно!

Слушнете со кликнување на следниот линк:

Петре М. Андреевски – Да не би да болко

И цела ноќ ми велеше
дека зборот не се губи,
туку само твојата душа
ја изнесува, ја заносува,
со неа се преоблекува,
го зема ликот нејзин.

И уште ми велеше:
слушај што ти велам,
да не речеш после друго
(до катара до сатара),
да не речеш – не ми рече:
кај ми заминаа нозете,
кај ми остана главата
сосе лице, сосе очи,
да не би и сенката
да не сака да те почека,
да не би и облеката
да не може да ти одмори.

Што ме гледаш така
зар не си видела повеќе?
Да не би да дојде
да се бараме и под снегот,
да не би да се најдеме
од покусо на потесно,
да не би во глуво време
да сееме глуварица
и за сѐ  да биде доцна.

Да не би да ти дојде
и спиењето за крадено,
да не би од својот глас
да го слушаш само одѕивот,
само неговата опачина.
Да не би да си го добиеш:
да вршиш трње и колчишта,
криејќи вода под јазикот
и да бегаш и талкаш
сѐ меѓу стравот и срамот,
и сѐ на иста далечина
да бидеш оддалечена.
Да не би да, болко,
и болката да не си ја даваш.

Што да ти кажам повеќе?
Јас, ако имав повеќе,
не запирав на толку.
Не вели ми пак да ти велам:
на зборот му треба
колку што му треба,
оти зборот не се губи,
туку со твојата душа
полека се преоблекува,
го зема ликот нејзин,
како солта што го презема
лицето од водата.

 

Напишете коментар