Skip to content

„Златното лале“ – Розалинд Лејкер

После прочитувањето на „Златното лале“ откако сумирав впечатоци седнав да го напишам овој краток осврт. Ова ми е прва прочитана книга од Розалинд Лејкер и нема да застанам на нејзе. Прочитајте го краткиот осврт во продолжение.

Кратко за содржината

Таткото на Франческа е познат сликар во Амстердам, забрзан град и пристаниште; исто така е и коцкар. Иако семејството има финансиски проблеми, лекциите кои Франческа ги научила во ателјето на татко си, ја подготвиле за школувањето кај делфтскиот сликар Јоханес Вермер.
Животот на Франческа не е воопшто лесен, како и на нејзините сестри. Уште од самиот почеток кога ја губат мајката, и кога таа мора да се соочува со несреќните околности и подоцна тешките правила кои мора да ги почитува, а ѝ се наметнати без нејзина волја.
Покрај договорот кој го потпишуваат татко ѝ кој е принуден и нема друг избор и злобниот Лудолф (покровителот на татко ѝ) без нејзино знаење, дополнителни тешкотии ќе ѝ предизвика и жената кај која ќе биде сместена за време на школувањето.

Почетокот на војната, мачниот живот во 16 век, нејзината огромна желба да слика, вљубувањето во Петар кој ќе ѝ ја возврати љубовта ѝ ја враќаат вербата во животот и потребната сила за да премине преку сите препреки.
Со силен став, одлучност, решителност, но и спремност да се спротистави и да се бори лавовски, ќе го задржи тоа низ целиот роман. На крајот нејзината храброст и бунтовност ќе ѝ донесат слобода, за која долго мечтаеше.

Главните тематики во романот

Коцкање, запаѓање во коцкарски долгови, опивање до касно и враќање дома во пијана состојба се распослани на бројните страници од романот. Потоа сликарство, љубов, семејни односи, злосторства, неправди, музика, уметност, политички сплетки, шпиони и убавината и несреќата се испреплетуваат низ страниците на оваа прекрасна приказна на Розалинд Лејкер.
Книга во која ќе потонеш додека ја впиваш секоја нејзина реченица. Четиво кое нема да те остави рамнодушен и нема да сакаш да го завршиш.

Со оживувањето на периодите од холандската историја писателката совршено добро ја постигнала својата цел. Ни ја доближила Холандија на еден поинаков начин, запознавајќи нè со неа од уметнички агол, чии сцени и слики ќе ги паметиме долго време.
И за крај да не ја заборавиме „Лаломанијата“ и симболичното значење на лалето во секоја слика на Франческа.

Топло ја препорачувам, нема да згрешите ако ја прочитате.

Напишете коментар