Skip to content

Како да станете поорганизирани? (втор дел)

Доколку го прочитавте првиот дел во кој пишував за некои техники кои би можеле да помогнат во подобрата организираност, овој текст е негово продолжение.
Ако имате потешкотии при организирање, овие кратки, но едноставни совети можат да ви помогнат.

Без оглед на тоа дали сте студент, ученик, домаќинка, вработени во некоја фирма или на било кое работно место, пензионер или невработени секогаш ви е потребно да си го организирате времето.

Како и да ги распределите обврските во текот на денот  за да можете да го извлечете максимумот. А потоа да можете да си го прогласите тој ден за продуктивен.
Секако, поради тоа што сме живи луѓе, мораме да напоменеме дека секогаш ќе постојат оние денови кога не ни се прави ништо
и сме спротивни на сѐ што се подразбира под организраност, па сме одлично „организирани“ во неправање ништо.

Под неправење ништо мислам на одмарање од сѐ и од секого. “Неправење ништо“ (за некого тоа може да биде останување цел ден во кревет и правење на филмски „маратон“, за некого сосема друго нешто).

Како се постигнува организираност?

Организираноста, впрочем како и сите останати навики кои ги стекнуваме со текот на времето, не може да се постигне лесно. Ниту може да се поправи преку ноќ. Важно е да се знае дека потребно е трпение, но и подолг временски период на „тренирање“. Всушност создавање на помали здрави навики кои ќе водат до формирање на една комплетна и здрава навика која ќе направи да бидете организирани онака како што посакувате.

Некои од техниките претходно опишани ги измислив јас, а некои постојат и од претходно. Но во секој случај се добра алатка и претставуваат водич кој верувам дека ќе помогне во подобрување на вашите организациски способности. Посебно кога се во прашање личните интереси, желби, преференции и обврски.

Тука не станува збор за организирање и менаџирање на фирми или организации што е очигледно. Станува збор за лична организација, која потекнува од самиот начин на живот, која е дел од секојдневието. Меѓутоа може да помогне и на професионално поле доколку правилно се употребува.

Станува збор за применувањето на сите претходни техники или дел од нив опишани во првиот дел.  мајте ги предвид и следниве нешта во продолжение!

Не менувајте распоред на ритуалите

Никогаш не го менувајте распоредот на ритуалите и на навиките, на пример, доколку секогаш после миењето на забите си легнувате, а пред тоа поминувате кратко време во читање, секогаш правете го истото или она кое веќе сте го навикнале, а дава добри резултати за поквалитетен сон (која и да е вашата навика пред заспивање).

Легнувајте и станувајте во исто време

Обидете се секогаш да легнувате во исто време. Но и во исто време да се пробудувате, за подобро „менаџирање“ на обврските и на времето во текот на денот.

Држете се до планот колку што можете

Држете се стриктно до она што сте го зацртале како план во текот на вашиот ден. Обидете се да го исполните секој дел од вашиот план дури и ако изгледа невозможно сето тоа да се постигне.  Неисполнувањето не треба да доведува до разочараност, туку до идеја како да се направи нешто поразлично кое следниот пат ќе доведе до успешни резултати.

Најдете забава и во навидум “најдосадните“ активности

Иако правењето на истите работи секој ден во ист период од денот може да изгледа монотоно, обидете се да пронајдете нешто корисно и забавно во тоа иако мислите дека активноста е многу „досадна“.

Верувајте во себе и во своите квалитети

Секогаш верувајте во себе и во вашите способности. Ќе видите дека можете да направите многу повеќе отколку што си замислувате.

Бидете редовни и упорни

Константноста и упорноста водат до формирање на навиките, а нивното негување до успешност во секој аспект од вашиот живот.

Избркајте ги негативните мисли

Тренирањето на вашиот мозок да ги „брка“ негативните мисли и да се концентрира на позитивното во секакви ситуации може многу да придонесе за поголем успех во сѐ што правите!

Напишете коментар