Skip to content

Последниот чај – Винка Саздова (рецензија)

Спакувај се и замини! Каде? Што е можно подалеку. Зошто? За да дознаеш. Што? Не прашувај. Одважи се и тргни! Можеш ли!? Ако може жената од Последниот чај можеш и ти. Препушти ѝ се да те одведе до Тара, Елена, Савита, Џиду, Тарун, Самир… до самиот тебе.

Последниот чај ги отвора нашите сопствени приказни.
Нѐ охрабрува да се соочиме со нив и да ги прифатиме такви какви што се, убави или грди, сеедно.
Ова е роман во кој понекогаш и една единствена реченица е голема приказна врз која се останува долго време. Толку долго колку што е потребно таа да се спои со личната приказна на оној што ја чита.

Сочувствителен. Љубовен. Нежен, а цврст. Меко што зборува за груби болки и вистини, покажувајќи како се исцелуваат и претвораат во спокојство.

Секој збор кој се наоѓа на страниците на романот ќе ве гали нежно исто како што топлиот чај го гали вашето грло наутро.

Уништувањето на писмата, прибелешките, дневникот и останати безбројни мигови заробени во зборови нема да помогнат во бришење на меморијата и тоа што се содржело во нив…

Смртта!? Ах, да ! Заминав за да се соочам со неа. Да ја засакам, како што би го засакала таинствениот љубовник во ноќта. Тивко, бесшумно, безимено. И прифаќајќи ја неа, го возљубив животот. – е крајот на прологот кој ветува добра приказна, заедно со сите шолји испиени чај за време на часовите поминати во читање на книгата.

Одењето во Индија на исцелување со помош на учители, ќе ѝ донесе возбудливост, авантура, себеспознавање, новитети и што ли уште не…

На почетокот на романот има дел каде што пишува:
„Едвај се пакувам. Ставам само две-три парчиња облека во патната торба. Таму ништо не ми треба, си велам. Треба да се понесам само себе, ако воопшто нешто останало од мене“.

Од овој краток извадок може да се препознае суштината на човековото битие претставена на начин кој вели дека: од себе никој не може да побегне што и да направи, и каде и да појде“. Во делот каде вели дека треба да се понесе само себе, започнува почетокот на нејзиното исцелување, целосното запознавање на себеси, откривањето на нејзините ситни делчиња од нејзината душа, и сите останати мистерии и прашања кои некогаш ја мачеле..

Ова чудесно, магично, несекојдневно, посакувано и необично патување носи многу одговори, стекнато искуство кое ќе трае до крајот на животот, многу научени лекции кои никогаш не се забораваат, доживувања кои вредат да се прераскажуваат со генерации…

Некои луѓе се како камења, ми велеше баба. – Тоа од нив го прави љубовта. Не стареат, не се менуваат. Има по некоја трага на нив, некој ситен знак остава врз низ сонцето, ветерот и дождот, но тие вечно стојат на своето место. И да ги тргнеш , нивното место останува. Издлабено и точно по нивната мерка. Таа владбнатина е вечна како што е вечен и каменот. Засекогаш си припаѓаат еден на друг. – извадок кој говори за љубовта и за трагите кои таа ги остава во текот на животот.

Како што е каменот вечен, како што делата после секој автор остануваат  вечно, така и вистинската љубов која е искрена и чиста може да живее вечно, односно и после смртта.
И после крајот на сите приказни, и после секој нов почеток без крај.

320 страници исполнети со зборови чиниш ги голташ толку брзо на истиот начин како кога го пиеш веќе оладениот чај кога си жеден. Наша топла препорака.

Напишете коментар