Нов живот (9)

Штом ги направија првите чекори надвор од болницата, Детето не знаеше кон каде се упатени тој и Ветерот. Можеше само да му верува иако имаше потполно право да се плаши да има доверба во луѓето зошто никогаш во целиот негов живот не се потпирало на никого, не зависело од никого, улицата како негов дом уште од раѓање го научила дека животот е суров, но не кон сите подеднакво, а со самото тоа го направила претпазлив и исто толку ранлив, зошто сепак тоа беше само едно дете кое беше осудено на живот каков што никој не заслужуваше да живее…
Кој би рекол дека ќе има средба со Ветерот на кому престојот на Земјата му беше ограничен? Дали Ветерот ќе успее да ја оствари својата целосна мисија која уште не му беше позната и дали оваа средба со Детето беше дел од исполнувањето на таа мисија?
„Каде ќе одиме?“, возбудено праша Детето затоа што сега имаше и придружник и повеќе нема да биде само како претходно.
„Некаде каде ќе можеш да се искапеш и да ти ја скратат косата“, смирено му рече Ветерот.
„Какво е тоа место?“, упорно прашуваше Детето сакајќи да дознае колку што е можно побрзо.
„Прво ќе појдеме во фризерски салон, а потоа во нашиот нов дом!“, одговори Ветерот.
„Мислев дека немаш дом и дека живееш на улица како мене!“ со широко отворени очи рече Детето насочувајќи го погледот пред него како да бара нешто.
„Некогаш работите не се такви какви што ни изгледаат мило дете“, со весел тон одговори Ветерот.

Откако се средија во салонот, чисти и со празни желудници се упатија на местото кое Ветерот го нарече нивен „нов дом“. Детето уште не знаеше каде одат, но беше трпеливо иако стомакот му свиреше симфонија која означуваше глад. Најпосле, кога се приближија до куќата која беше мала, но доволна за нив двајца, Детето радосно извика: „Колку е убава, немам видено поубава!“ Кога нешто никогаш си немал, тоа што ќе го добиеш какво и да е, за тебе е од непроценлива вредност и е прекрасно. „Ајде да влеземе“, рече Ветерот.

(продолжува)

Извадок од „Патувањата на големиот ветер“

Патувањата на големиот Ветер (корица1)

http://www.makedonika.mk/ShareBook.aspx?id=13053

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?