Skip to content

Заминувањето на големиот Ветер во нови авантури (16)

Преостанатите два дена беа исполнети со многу активности, запознавање на градинарот и Детето, и прошетките на сите тројца беше совршена прилика Ветерот и Детето да ги поминат заедно преостанатите часови пред разделбата, а градинарот да се зближи со него за да им биде попријатно во првите денови додека се навикнуваат на заедничкото живеење. Од нивното однесување можеше да се забележи дека добро ќе се согласуваат, градинарот беше речиси друг човек кога беше надвор од својата градина, сериозната и сосредоточена фаца ја оставаше таму, и со себе понесуваше ведар лик покрај кој секој би сакал да биде присутен.
Детето знаеше дека тој ќе живее со него од следниот ден кога Ветерот ќе замине на пат од кој нема да се врати, и се прилагодуваше на новата ситуација секако без да му падне тешко зошто знаеше дека убаво ќе му биде да има некој покрај себе. Не му се веруваше дека животот му се промени од корен за само неколку денови, секако на подобро. Не можеше ни да замисли ваква разрешница откако беше сурово нападнато во паркот. Пред да се онесвести единствена мисла му беше дека му дошол крајот и дека тука неговиот живот најверојатно завршува. Да, дошол крајот на неговите страдања, неспани студени зимски ноќи, гладувања, умор, отфрлање, навреди, и грижи.
Сега беше поинаку.
Сега почнуваше од почеток, а од крајот што го наведе на новиот почеток научи многу.
Беше свесен дека новата шанса што ја доби мора да ја искористи и беше неизмерно благодарен за таквата награда која дојде во најнеочекуван момент. Од моментот кога почна да верува дека тоа што му се случува е вистинско, од часот кога зачекорија во новиот дом со Ветерот тој знаеше дека ќе биде поинаку. Можеби сето тоа му се случи на нестварен и филмски начин, но ќе направи сѐ што е во негова можност да ја оправда вербата што Ветерот ја имаше во него. Ако не може да ги направи неговите родители горди, иако можеби од небото тие секогаш ќе го гледаат и ќе се радуваат заедно со него, тој ќе му биде должен на Ветерот целиот негов живот.
Ветерот го замоли само да не скршне од патот, да го слуша градинарот, да биде добар ученик и никогаш повеќе да не му се врати на уличниот живот. Зошто тој за него беше само минато, а доколку има можност еден ден, тој да направи некому улицата да му постане минато.
Тоа беше нивниот договор – со секое помагање некому, со секоја подадена рака за помош Детето ќе му се оддолжува на Ветерот за огромната добрина што тој му ја направи.
И пред да ги напушти засекогаш, додека се прегрнуваа, Ветерот му рече на Детето: „Никогаш не престанувај да се надеваш и да му се радуваш на животот. Помогни колку што можеш, и нешто малку, за некого може да биде премногу. И спомнувај си за мене. Остани со здравје мило дете.“
„Ветувам. Среќен пат. Ќе ми недостасуваш“ , рече со солзи во очите.

(продолжува)

Патувањата на големиот Ветер (корица1)

(е-издание на makedonika.mk)

Напишете коментар