Skip to content

Грешката не ја барајте само во младината (колумна)

Луѓето по природа најмногу си го сакаат своето кое за нив е најубаво.
Под „своето“ можат да се подразберат доста работи што од физичка што од човечка природа, но овде под „своето“ ќе се задржам на генерацијата. Сите си мислат дека нивната генерација е најдобра, најпаметна, и се состои од најспособни поединци кои можат да направат промена во светот. И да се разбереме, тоа не е погрешен став, напротив тој е многу оптимистичен и амбициозен став без кој не би смеело да се замисли едно опшстество во развој.

Во нашето општество работите се какви што се, генерациите се тие, постарите генерации мислат дека придонесуваат доволно, тие уште постарите од нив викаат дека „на младите светот останува“ и им се чини дека новите генерации ќе ги решат сите проблеми без да се свесни дека можеби тие генерации ги создаваат проблемите кои генерациите пред нив не можеле да ги отстранат, па сега само се наталожуваат.
Да бидеме на чисто: не е младата генерација која е проблем, проблем се институциите, општеството и државата која не нашла начин (барем сè уште) правилно да се грижи и да преземе мерки за најранливата категорија жители, а тоа се децата и младите.

Во што е проблемот? Во тоа што не им се посветува доволно внимание, дали од презафатеност и преголеми обврски од страна на родителите кои немаат доволно време да седнат и да разговараат со своите деца, дали поради тоа што се оддалечени и оттуѓени од своите деца и повеќе се грижат за личните интереси и работи отколку за проблемите кои ги мачат нивните деца, сеедно.
Постојат многу причини поради кои децата денес се занемарувани од своите родители.
Не зборувам за деца на претшколска возраст затоа што тие колку толку се под контрола на нивните родители, во градинка со восиптувачки, па дома ги чуваат баби и дедовци, иако клучното е дека уште на таа возраст децата се „калемат“ и треба да им се обрнува доволно внимание за правилно да се воспитаат.

После тргнувањето на училиште кога имаат нови обврски, почнуваат нова етапа во животот, полека се осамостојуваат и се социјализираат уште повеќе од претходно, стекнуваат нови познанства и другарства, учителите и наставниците играат важна улога во нивните животи додека не завршат со школување.

Image result for young people

Што е тоа што во меѓувреме се случува? Како што растат децата и нивните обврски стануваат поголеми, нивните родители доколку не знаат да воспостават однос со нив за време на школувањето или не можат да ја стекнат потребната блискост со сопствените деца поради х причини тогаш настанува проблемот.

Во што се состои тој проблем? Детето или младите или тинејџерите глобално, сакаат да им се посвети внимание, сакаат да бидат разбрани, сакаат да ги споделуваат нивните идеи со луѓе кои ќе ги разберат и нема да ги критикуваат и да им се исмејуваат, сакаат да зборуваат за сè што ќе им падне на памет, и не само со нивни врсници, туку и со блиски луѓе.
Токму тогаш кога се нема изградено тој родителски и правилен однос помеѓу родител-дете, тогаш кога родителот нема време да го ислуша своето дете и не сака да ги слушне неговите размислувања настанува оддалеченоста, оттуѓеноста и тинејџерот се повлекува мислејќи дека никој не го разбира.

И тогаш доколку правилно не ги насочи своите мисли, доколку не најде продуктивен начин за да ја насочи својата енергија и да ја канализира својата потреба од внимание кон работи кои ќе му бидат од корист тинејџерот може многу лесно „да скршне“ од патот занимавајќи се со општествено непожелни работи.
Постојат многу форми на општествено непожелни постапки кои еден тинејџер може да ги прави, од агресивно однесување и предизвикување тепачки и прикажување вербално или физичко насилство кон другите, алкохолизам, наркоманија, крадење (клептоманија) до многу други кои не се спомнувани многу често затоа што делува дека не се опасни по животот.

Меѓутоа, живееме во време кога е модерно да си присутен на социјалните мрежи, а тинејџерите таму се најјактивни и во голем број, па многу лесно можат да станат „жртви“ на тие замки што се навидум невидливи.
Најлесна и најчеста мета за измама се токму тинејџерите кои не размислуваат многу за нивните постапки преку интернет. Не станува збор само за педофилија, тоа е плус тема за која не се зборува многу кај нас и на неа нема да се задржувам.
Овде станува збор за (не)правилното користење на социјалните мрежи од страна на најмладите.

Доколку тие не се следени од нивните родители (ете, не зборувам за нарушување на нивната приватност зошто и тие треба да имаат своја), и доколку не им е ограничен пристапот тие си имаат поголема слобода да прават што сакаат мислејќи дека нивното однесување нема да има последици.
Тука станува збор од: прикачување на слики кои се не баш најпристојни со уште понепристојни коментари под нив, објавување на неприкладни содржини, посетување на портали за возрасни и останување предолго на нив, исмејување едни со други, пишување на навредливи коментари од кои тие што се поранливи можат да имаат само негативна корист и ништо повеќе.
Исто така нивната самодоверба може многу да се намали и сето тоа негативно да влиаје врз нивниот понатамошен развој.

Тука би додала дека некои од тинејџерите сакаат да следат светски трендови па многу често ги копираат младите од Америка најчесто, кои ги следат по социјаните мрежи и сакаат да наликуваат на нив. Тоа е разбирливо затоа што се наоѓаат во процес во кој си се пронаоѓаат себеси, сакаат да се идентификуваат со останатите и модели за идентификација им се луѓе од социјалните мрежи кои не ги запознале воопшто или славни лица кои ја постигнале славата речиси преку ноќ токму со помош на тие тинејџери кои следејќи ги им го овозможиле тоа.

И кога сме кај нас, постои некој чуден тренд – сè што е поразлично и нешто што „отскокнува“ од обичното и нормално, станува доста популарно, коментирано, критикувано па и исмејувано затоа што не може да се разбере токму затоа што е поразлично од тоа што се навикнати да прават или да гледаат.

Зборувам за „однесување“ на социјалните мрежи, а во последниве неколку месеци се крена „фама“ околу тинејџерка која сè уште се пронаоѓа себеси и која е помалку изгубена во својот пат до пронаоѓањето на себеси.
Таа го одбрала начинот кој што го одбрала и го сметала за најсоодветен за да се прикаже на социјалните мрежи, но уште од старт е осудена на исмејување и на неразбирање на нејзината состојба без да се размисли двапати дека тука нешто не е во ред.
На тинејџерите им е потребно разбирање и внимание кое доколку родителите не умеат да им го пружат тие бараат други прифатливи начини за нив за да го добијат.
И тоа често пати се покажува како негативно затоа што начините кои ги преземаат тинејџерите за да бидат уважени, прифатени и да се чувствуваат значајно, се покажуваат крајно погрешни во поголемиот број случаи.

Родителите се клучни фактори во процесот на воспитување на нивните деца, нивно осамостојување и градење на нивната личност!
Семејството како еден од најважните агенси на социјализација е местото каде детето расте, се развива, се учи на морални и културни вредности, се стекнува со здрави навики и се подготвува за самостоен живот.
Доколку во потесниот круг на негово опкружување не наиде на разбирање, на поддршка, на прифаќање и не се чувствува значајно и вредно, тогаш настапува на сцена „потрагата по било какво внимание“ од други кои ќе му го дадат сето тоа што во семејството не можело да го добие или постигне.

Затоа, кога би се надоврзала на почетоков на овој текст, би рекла дека сите генерации имаат свои предности, но и недостатоци.
И сите заедно го сочинуваат општеството во кое живееме.

Најмладите и најновите генерации покрај тоа што се „новата надеж„ и иднината или светлата точка во секое општество, треба да се сфатат сериозно, да им се обрне доволно внимание и да се работи со нив за да им се даде можност да прераснат во здрави, нормални, вредни и успешни личности кои ќе можат да се соочат со предизвиците и препреките кои ќе им ги донесе животот.
Без здрава младина, нема здраво опшстество, а без здраво општество нема развиена и успешна држава.
Како ланец се поврзани некои работи, не смее да дозволиме младите како најранлива и најслаба алка да се испуштат од раце и да се занемарат!

Напишете коментар