Што се случи? Како е ова можно? Ова не беше никаде спомнувано во ниту едно правило, а не го вежбал додека се подготвуваше за живот на Земјата, или грешеше, не беше сигурен воопшто. Прво си помисли дека е некоја грешка, или пак тие со кои соработуваше намерно не му спомнаа за тоа како дел од експериментот, но беше убеден дека луѓето така не можат да исчезнат од едно место и да се појават на сосема друго.
Тоа го немаше сретнато, ниту го имаше чуено кога ја проучуваше природата на човечкото суштество како дел од испитот што мораше да го положи како предуслов за добивање на потребната квалификација.
Не можеше да праша никого зошто само тие контактираа со него преку писма, а тој дури и да напишеше не знаеше на која адреса да испрати писмо. И се откажа од идејата. Налудничаво би звучело да праша некој странец што ќе го сретне што му се случува и дали е можно луѓето да се движат на таков начин. Не знаеше ни како да го опише начинот, ни да го објасни, а не пак тек да прашува. Знаеше само дека експресно го напушташе едното место и се појавуваше на сосема друго, и немаше идеја како стигнал зошто тоа се случуваше додека да трепне.

„На изненадувањата им нема крај“, си рече. „Кој знае што ќе ми донесе крајот на ова патување кој се ближи“, си заклучи во себе.
Нов почеток. Ќе ти донесе нов почеток Ветеру, сигурна сум.
Откако се договори со себе дека мора да издржи зошто кога тогаш ќе дојде крајот и на ова патување, реши да го истражува новото место на кое пристигна пред неколку минути. Се наоѓаше на место со мек и топол песок и наоколу имаше огромни градби на кои не им знаеше име. Да, беше во пустина, опкружен со пирамиди и исто така беше сам и жеден.
Му текна на планинарите, па си помисли: „Мислам дека од целата нивна опрема сега најмногу ми треба вода“.
Реши да прошета малку наоколу, со надеж дека ќе си ја изгаси жедта.

Поминаа речиси пет часа откако стигна тука, не сретна никого, бесцелно чекореше по песокот, и не успеа да пронајде извор кој ќе му донесе вода.
Му се причини дека здогледа една камила ама во тој момент кивна и го напушти местото и додека да земе здив се најде на една селска ливада во близина на која имаше бунар со вода. Потрча да се напие занемарувајќи го изненадувањето со кое повторно се соочи. Мислеше дека ќе остане заглавен во пустината додека не најде начин да замине оттаму зошто знаеше дека не смеат да го остават таму, па ако не се снајдеше сам ќе му помогнеа.
Но, со мистериозното „прелетување“ од едно на друго место веќе му беше помогнато.
„Колку била слатка водата кога многу ти се пие“, му рече Ветерот на селанецот кој се појави од никаде.
„Првпат ве гледам овде. Што ве донесе патот во нашето село?“, прашално со пријателски тон изусти селанецот.
„Не знам ни јас пријателе, знам само дека многу ми се пиеше вода, се надевам нема да ми замериш што се послужив сам“, шеговито му одговори Ветерот.
„Од каде доаѓате господине?“, љубопитен беше селанецот.
„Од едно преубаво место преполно со цветни леи, дрвја и природа“, му рече Ветерот со надеж дека нема да добива повеќе прашања, а и тоа беше прво што му падна на памет.

Во тој момент по селанецот викна некој и тој мораше да замине, па за среќа разговорот заврши тука, којзнае какви прашања ќе паднеа ако не се разрешеше така незгодната ситуација. Повеќе незгодна за Ветерот отколку за селанецот, морам да признам зошто Ветерот во тој момент ја имаше заборавено инструкцијата која се однесуваше за местото на неговото потекло.
Реши да ја истражи малку и оваа околина. И таман штом одлучи да најде некоја селска крчма да седне да одмори и да руча, повторно кивна и исчезна, и се појави на друго место.

Патувањата на големиот Ветер (корица1)