Skip to content

Неочекувана средба (19)

Се појави во дворот на една огромна куќа која претходно никогаш ја немаше видено. Не знаеше точно каде се наоѓа, ниту пак знаеше кои се сопственици на куќата во чиј двор беше веќе влезен. Тоа беше приватна сопственост и знаеше според правилата дека не смее да појде на туѓ имот доколку не е поканет. За првпат го доживеа чувството на страв, мислеше дека може да си западне во неволји доколку откријат дека им се шета во дворот. Во тој миг додека размислуваше како да го најде патот за безбедно да излезе без да биде забележан слушна некоја весела музика и луѓе кои пеат во хор. Поубава музика немаше слушнато во негова близина откако пристигна на Земјата. Се прашуваше што се случува, иако знаеше дека е нешто убаво. Сепак стравот полека почна да му исчезнува, но не целосно.
Не можеше да знае што точно ќе се случи, и дали ќе доживее некоја непријатност.

Имено, кога ја слушна музиката како да заборави на стравот и се упати кон правецот од каде што доаѓаше звукот, зошто беше љубопитен што се случува во негова близина.
Притоа, за да можеше да излезе од дворот, мораше да помине покрај собраните луѓе, и тоа му беше единствена прилика да се појави пред некој претходно да го забележи. За среќа, поради убавата атмосфера и расположените присутни и поради околностите кои му одеа во прилог тој се снајде поубаво отколку што очекуваше.
Направи само неколку чекори и се појави пред присутните кои седеа на една огромна маса богата со разновидна храна и пијалак, се смееја, некои гласно, а некои потивко си потпевнуваа додека музичарите свиреа на нивните инструменти и ги забавуваа присутните.
Не го забележаа зошто сите беа понесени од атмосферата, некој покрај со пеење беше зафатен и со дегустирање на храната, а некои беа задлабочени во меѓусебните разговори.
И таман си помисли ова е совршена прилика за да го напушти местото на „злосторството“ пред претходно да биде забележан зошто тој го забележа излезот во непосредна близина, во тој момент го здогледа едно девојче кое се плеткаше околу инструментите на музичарите, и се стрча кон него.

Ветерот се сепна, не му беше јасно зошто девојчето трча кон него наместо на пример да ги извести присутните за непоканетиот гостин.
Изгледа никој не забележа што прави девојчето, ниту пак го забележаа присуството на Ветерот. Тоа му беше мошне чудно, но си мислеше луѓето се пренесени во случувањата, и тоа му беше оправдување зошто уште не е избркан од туѓиот имот каде што не смееше да биде присутен.
Кога девојчето застана до него му рече:
„Чичко, зошто таму стоите сам?“
Ветерот размислуваше што да ѝ каже, кога процени дека нема повеќе од 4 години си помисли дека може да даде било каков одговор кој би му бил разумен на толкаво девојченце. Но, не можеше да ја претпостави нејзината реакција, и се плашеше што ќе се случи кога ќе им каже на родителите кои во секој момент требаше да видат дека ќерката им разговара со странец.
„Мислам дека се загубив. Случајно влегов во дворов барајќи една прослава на која требаше да биде присутен брат ми, а се наоѓала во близина, па изгледа ги помешав куќите.“, ѝ рече.
Девојчето му се насмевна. Никогаш претходно Ветерот не беше видел толку блескави и рамни детски запчиња, иако нејзината насмевка беше подеднакво мила како и од Детето со кое се збогуваше пред некое време.
„И возрасните можеле да се загубат?“, зачудено праша девојчето.
Ветерот не беше изненаден од нејзината љубопитност, зошто научи веќе дека децата на оваа возраст обожаваат да поставуваат секакви прашања.
„Можат да, посебно ако местата на кои се движат не им се воопшто познати.“, ѝ одговори Ветерот со пријателска насмевка.
„Добро, дојди да ти ги покажам моите родители, во нашата куќа славиме и сигурна сум дека мајка ми и татко ми ќе ти помогнат да ја најдеш куќата што ја бараш.“, му рече девојчето и почна да го влече за рака.
Ветерот не се противеше зошто му се виде како добра идеја.
Кога девојчето се приближи до масата, ѝ кажа на мајка ѝ дека некој чичко се изгубил и дека е во нивниот двор, и дека е тука до неа.
Мајката ја дигна главата меѓутоа никого не можеше да види.
Се зачуди од однесувањето на Валерија зошто никогаш претходно вака не направила. Помисли дека ќерка ѝ се шегува и дека ова е една од нејзините нови детски палавости кои обожаваше да ги смислува посебно на такви собири, но почна да се загрижува кога Валерија почна да ја убедува дека навистина до неа стои чичкото и дека со него разговарала.
„Кажи нешто, зошто стоиш така! Кажи ѝ на мајка ми дека не ја лажам!“, му викаше девојчето.
Ветерот не можеше да биде повеќе збунет. Откако пристигна тука, ваква ситуација немаше доживеано. Се прашуваше уште што ли ќе доживее. Тој можеше да ги гледа двете, присуствуваше на настанот, го слушаше разговорот, дури и зборуваше, но никој не можеше да го види ниту слушне освен девојчето.
„Малечка, мислам дека само ти можеш да ме видиш“, ѝ рече.
„Како е тоа можно?“, зачудено праша девојчето.
Мајка ѝ ја следеше како разговара со замислениот пријател и не можеше да им верува на очите колку добро ќерка ѝ глуми нечие присуство, па дури и смислува замислен разговор. Потоа си помисли дека нема причина да се грижи зошто сепак таа е дете, а тоа на нејзина возраст е оправдано.
„Не знам ни јас, но изгледа мора да заминам.“, ѝ рече Ветерот.
„Зошто другите не можат да те видат, а јас можам?“, повторно го праша девојчето за да го задржи. Ѝ стануваше интересно тоа што можеше да разговара со човек кој само таа можеше да го гледа.
„Навистина не можам да ти објаснам. Да речеме дека не сум дух, но изгледа за другите сум невидлив освен за тебе.“, се обидуваше да ѝ даде некаков одговор пред да исчезне мистериозно.
„Ајде вака да направиме, за да видиме дека не си дух и дека навистина постоиш, јас ќе земам од масата една чинија со храна и ќе ти ја дадам, и ако ја изедеш значи дека си во право.“, предложи девојчето.
Ветерот како што беше гладен оваа идеја му се допадна и беше изненаден од остроумноста и досетливоста на девојчето.
„Може, се согласувам.“, се согласи Ветерот.

Валерија не знаеше како ќе објасни зошто ѝ е потребна дополнителната чинија со храна, но сепак реши дека ќе ѝ објасни на мајка ѝ во што се состои планот.
„Ќе му ја дадам чинијата на чичкото, и тој треба да ја изеде храната. Така ќе знаеме дека навистина е тука до нас, а само јас можам да го видам. Со тоа ќе ми веруваш дека не измислувам и дека тој постои.“
На мајка ѝ прво ова ѝ се чинеше како детска лудост која можеби замина малку предалеку, но поради прославата, и за да не ѝ го расипе меракот реши да ја игра нејзината игра, ја наполни чинијата со многу храна и ѝ ја подаде. Валерија ја зеде, и му ја даде на Ветерот во раце. Тој ја зеде и почна да јаде стоејќи. Само што ја допре чинијата исчезна, а жената не можеше да им верува на очите.
Откако го заврши јадењето, ѝ ја врати назад чинијата на Валерија.
Таа задоволна дека сега има доказ дека навистина до нив стои чичкото што се изгубил, ја грабна чинијата и побрза да ѝ ја покаже на мајка ѝ. Кога девојчето ја зеде во рака таа повторно беше видлива, и мајка ѝ за малку ќе паднеше во несвест.
Ја виде и навистина беше празна. Само пред 8 минути таа со свои раце ја наполни чинијата со храна, виде како исчезнува откако ќерка ѝ ја подига во воздухот и повторно се појавува празна. Невозможно! Каква е оваа магија?
Што ли се случуваше пред нејзините очи?
Дали можеби почнала да халуцинира понесена од играта на ќерка ѝ?
Не беше можно тоа, убаво виде што се одигра пред нејзините очи, односно го виде само тоа што можеше да го види: полна чинија со храна која стана невидлива кога ќерка ѝ ја подигна, и потоа ја виде истата чинија празна кога ќерка ѝ ја крена раката за да ја земе.
„Еве, чичкото заврши со јадење!“, задоволно викна Валерија
„Не ми се верува што се случува овде!“, викна мајката.
Гостите кои се забавуваа убаво од гласната музика ништо не слушнаа, а разговорот продолжуваше да се одвива помеѓу мајката, ќерката и плус Ветерот кој можеше да разговара само со Валерија.
„Чичкото сега треба да си оди, рече дека го барал брат му кој би требало да биде на прослава во близина на нашата куќа“, убедливо рече девојчето.
„Навистина?“, праша мајката. „А, како ќе го објасниме овој настан јас и ти малечка?“, дополни.
„Нека остане наша мала тајна.“, мудро заклучи девојчето.
Мајка ѝ не можеше да се соземе како што треба, мислеше дека вакви сцени можеше да гледа само на филм, а сега вечерта ѝ стана како дел од некоја филмска сцена. Дефинитивно оваа прослава ќе ја памети до крајот на животот, па можеби некогаш и ќе го спомне настанот ако има прилика и ако оцени дека нема да ја сфатат погрешно.
Сега одлучи дека треба да продолжат со забава, па ѝ рече на Валерија да седне до неа.
Ја слушна како му вели „пријатно“ на невидливиот човек, и во истиот момент посака ова да го заборави.
Пред да го напушти дворот Ветерот ја погали по косата и се поздрави со неа.
Мило му беше што се најаде, а и што успеа да излезе така незабележан. Тоа што го мачеше се содржеше во одговорот на прашањето зошто стана невидлив и зошто почна да „прелетува“ на различни места во ист ден и сето тоа само со едно „кивнување“.

Патувањата на големиот Ветер (корица1)

Напишете коментар