Skip to content

Објаснување за мистериозното исчезнување и појавување (24)

Кога се врати назад во својата соба сфати зошто требало да се сретне со Валерија. За да не биде збунета и да биде сигурна дека навистина тој постоел, а тоа што тогаш во тој момент бил невидлив за сите останати освен за неа не можеше да се објасни за толку кратко време и затоа реши да не ја почнува темата, а и не можеше поради госпоѓата која се грижеше за девојчето.
Беше убеден дека успешно ја изврши и оваа задача од насоката и со нетрпение го очекуваше следниот ден за да ја добие следната насока.
Кога таа повторно ќе ја спомне темата и ќе ѝ објасни на мајка ѝ дека невидливиот чичко повторно се појавил и дека имал можност да разговара со госпоѓата која се грижи за неа, не беше сигурен како ќе се одвива разговор.
Но, знаеше дека неговиот дел тука е завршен. Валерија можеби овој настан и ќе го заборави после многу години, освен ако не ѝ оставил голем впечаток и ако не си го припомнува често. Но, мајка ѝ сигурно ќе го памети иако беше претерано тешко да се објасни, опише или раскаже. Не затоа што беше нешто што не може да се запомни, но беше тешко да се поверува.
Затоа тие двете никому не кажаа, ниту го спомнаа случувањето од прославата.
Можеби, кога еден ден ќе ја прочитаат приказната за големиот ветер ќе успеат да се сетат и да ја поврзат со невидливиот чичко, зошто би требало таа приказна да ги потсети токму на тој настан.
Иако, Ветерот никогаш не спомна дека е ветер, неговите натприродни моќи само така можеа да се објаснат и оправдаат.
Имено, неговите мистериозни исчезнувања и појавувања на различни места се должеа на поврзаноста со ургентната потреба за задоволување на желбата која беше поврзана со чувствување на интензивни емоции.
Всушност, кога ќе му се појавеше одредена желба да стигне на одредена дестинација најбрзо, а тоа беше проследено со интензивно чувство и тогаш со помош на кивавица го напушташе местото на кое се наоѓаше и се појавуваше токму тоа каде што требаше и каде што можеше да ја задоволи потребата.
На пример кога беше во пустината и кога долго време беше без вода неслучајно се појави во селото до бунарот. Или во случајот кога после средбата со планинарите се појави на прославата со толку луѓе зошто имаше потреба да се социјализира и да припаѓа во некоја група, но тогаш поради интензивното чувство на страв дека се наоѓа на недозволено место наместо да се префрли на друго место како и претходниот пат тој се направи невидлив. Тоа се должеше на некои од правилата кои беа запишани во дел од нацртот на експериментот.
Во секој случај, ни тоа што експериментаторите одлучија последната дестинација да му биде во старечки дом не беше сосема случајно.
Ако спасувањето на Детето не беше воопшто планирано од претходно туку беше последица на личната одлука на Ветерот, следните неколку настани поврзани со нив двајца беа на некој начин поврзани со насоките кои Ветерот ги добиваше. Додека случувањата во вториот дел од патувањето во голема мера беа контролирани од експериментаторите, барем во поглед на одлуките кога требаше да го напушти одреденото место и да се појави на друго.
Сепак, не можеше сѐ да биде контролирано зошто експериментаторите можеа да манипулираат само со одредени варијабли, останатото му беше допуштено на Ветерот зошто тој беше главниот актер во неговите авантури.
Авантури за кои многумина би рекле дека не се ни приближно блиску до нешто што се нарекува авантура, но со оглед на податокот дека не се работи за обичен и вистински човек, туку за Ветер кој е обликуван во човек, за некого самото тоа е извонредно. И можеби некој ќе си рече какви ветар во магла продава оваа приказна, и тоа е сосема во ред.
Додека наоѓате смисла и во продавањето на ветер и магла, вие не сте потрошиле залудно ниту една минута читајќи ја приказната за патувањата на ветерот.
Друг некој ќе рече дека ова не е ни приближно продавање на ветер во магла, и тоа повторно е во ред. Најверојатно тој што ќе си помисли така пронашол многу поголема смисла во самата приказна од оној кој ја видел смислата во продавањето на ветер во магла.
Јас, како раскажувач на приказната за ветерот во човечка форма, или во старечкиот дом познат како Зефир Венти, ќе ви кажам дека ниту една приказна која е некогаш напишана, не останала непрочитана, макар била и продавање ветер во магла. Сигурно не останала да биде прочитана, а да не биде прераскажана.
На позитивен или негативен начин, сигурно ќе биде раскажана од неколкумина, а тоа е доволно за да се чуе за постоењето на некаква приказна.
А, понатаму, во зависност од тоа како ќе ја прифатат слушателите ќе си го најде своето место меѓу приказните. Или ќе биде долго прераскажувана, или ќе биде заборавена. Во двата случаи добро е што постои било каква приказна. Без оглед на понатамошните случувања, секоја приказна можела да има поинаков почеток и крај.
И оваа приказна која јас ви ја раскажувам можеше да има сосема поинаков почеток, до крајот уште не сме стигнале, но и тој би можел да биде различен од тоа каков што е сега.
Впрочем, како и останатите работи во нашите животи, сите тие би можеле да имаат поразличен почеток и тек, и на крај завршеток.
И секоја приказна може да биде прераскажана на многу различни начини, и да се разликува од оригиналната, па доколку некој одлучи да ја прераскаже приказната за ветерот Зефир Венти слободно може да ја измени како што му одговара и да ѝ даде поинаков тек на настаните.
Тоа нема да значи дека неговите патувања не постоеле или дека не вредат, или дека не се важни, популарни, возбудливи или досадни, туку дека Ветерот ќе продолжи да живее повторно и во малку поинакво светло.
Важно е да продолжи да се раскажува, да бидат раскажувани илјадници приказни или една иста приказна во илјада верзии.
Да се навратиме на Детето, тоа беше спасено затоа што кај Ветерот во тој момент преовладуваше човечкото, тоа што му помогна да биде претворен во човек. Додека сите останати кои го одминуваа и се однесуваа како да не му е потребна помош на ранливо и беспомошно дете кое лежи со дупната глава, кај нив не дека отсуствуваше човечкото, но тие не му дозволија да се разбуди доволно за да би ги натерало да помогнат.
И во случајот со градинарот, тој имаше шанса да ја исправи грешката од минатото, и му беше овозможено да ја доживее семејната атмосфера и можноста да се грижи за некого, освен за цвеќиња, и без тој тоа да го побара или да се обиде да го постигне сам. Но, сепак одлучи да го прифати предизвикот иако претходно имал одлучено дека ќе живее поинаков живот. Случајот со градинарот вели дека животот дава поправен испит за некое прашање кое ни било многу важно, а од нас зависи дали ќе прифатиме да „полагаме“ по втор пат.
Долетувањето во двор од куќа во која се прославува беше уште една прилика Ветерот да се запознае и со таквата страна на луѓето, но и уште една прилика Валерија и мајка ѝ да учествуваат на еден несекојдневен настан.
Можеби настанот на кој беа сведоци не им го промени животот од корен како што тоа беше случајот со Детето, но им покажа дека додека живеат можат да се случуваат многу непредвидливи, неочекувани и незамисливи работи.
А, некогаш и самото тоа сознание, и верувањето во него е доволно за некој аспект од животот да биде променет.
И конечно, живеењето во институција со толку различни луѓе, на горе-долу слична возраст, секој од нив со различна сторија секоја посебна на свој начин, го научи дека луѓето имаат потреба да бидат покрај други луѓе целиот живот дури и кога се во последниот стадиум пред да си заминат од овој свет.
Плус тоа, во домот научи дека годините се само бројка, и дека нивните години не ги спречува да се забавуваат како што тоа го правеле многу години претходно.
Научниците ја постигнаа својата цел и експериментот се покажа како успешен. Едната цел за да биде променет нечиј живот беше исполнета многу полесно отколку што очекуваа. Затоа што доколку не можеа да се активираат емоциите кај Ветерот до тој степен, ќе мораа тие да интервенираат на нивен начин и пак ќе беше прашање дали ќе може да се снајде тој како што треба во некоја друга ситуација каде ќе требаше нечиј друг живот да биде променет.
Другата цел за да докажат дека животот на Земјата не е лесен исто така беше исполнета. Како додаток на ова беше и дека некој кој немал никакво искуство со живот на Земјата би можел лесно да се прилагоди, но со помош на многу фактори кои претходно се опишани во процесот на претворање на ветерот во човек. Приказната вели дека во правилата стоело дека не може било кој ветер да биде претворен во човек. Тука станувало збор за огромна и внимателна селекција која само врвните научници што ја создале таа нова дисциплина можеле да ја направат. И кога е во прашање Зефир Венти воопшто не погрешиле. Ќе ми извините доколку не ви се допадна приказната за неговото патување. Јас само ја прераскажав како што сум ја разбрала. И испадна дека е сосема нова приказна. И името на ветерот изгледа сум го променила. Најверојатно и текот на настаните. И неговите патувања.
Додека другите ветрови кои немаат човечки облик некогаш го променувале текот на историјата, ја инспирирале митологијата, овозможувале извор на струја, Зефир Венти ако ништо друго, ќе го промени бројот на приказни кои вие сте ги прочитале.
Најверојатно, оваа нова приказна за ветерот – човек Зефир Венти чека да биде прочитана и прераскажувана во сите нејзини можни форми.

Патувањата на големиот Ветер (корица1)

Напишете коментар