Skip to content

Нe ни ја убивајте младоста со неизвесност

Нешто пред да се родам нашата држава станала независна и се одвоила од СФРЈ. Меѓутоа како што ги гледам работиве, нас многу подобро би ни прилегало да бидеме Неизвесна држава Р. Македонија затоа што моментално многу повеќе се чувствува неизвесноста отколку независноста.

Младите ја напуштале земјата, имало излив на мозоци, имало суфицит на дипломирани студенти на одредени науки, а други биле занемарени, дипломи можеле да си се купат многу лесно, а трудот и вложувањето како да не постојат, како да не се земаат во предвид и залагањата на студентите што се како пиунчиња кои се шетаат по шалтери чекајќи ред со часови за да завршат работа од 5 минути. Или што живеат во мизерни студентски услови каде за време на врнежливо време многу лесно можат да се поплават и сл.

Да продолжам со набројување?

Фалеле медицински лица во здравствени установи, а здравствениот систем не ни е на завидно ниво судејќи по само еден пример од бројот на смртност кај новороденчиња… И тоа е само еден пример од низата останати „фалинки“ кои ни се случуваат во здравството, а не се новосоздадени.

Тешкотијата или леснотијата за поединец да биде вработен се потпира на (не)поседување на партиска книшка во поголемиот дел од случаите, со чест на исклучоци кои вработуваат кадри професионално. А, дискримнацијата на работно место по разни основи, непотизмот, мобингот, отпуштањата се посебна приказа…

Невработените со дипломи, магистри кои работат како шанкери и келнери, не сакаат квалитетен живот? Ова е повеќе и од доволно за да се дојде до постулатот дека младоста ни остаре предвреме и дека младоста ни умира во(од) неизвесност!

Како да се создаде подобра иднина кога се нема укажана можност и пружена прилика во право време?

Откако ќе се изгуби ентузијазмот, желбата, еланот и волјата за креирање и создавање, џабе се обидувате да ги задржувате од прв до последен.

Ниту една мерка, ниту една поволност нема да може да задржи изреволтиран и разочаран поединец токму поради поставената (што се дрзнав да ја создадам) „дијагноза“ на денешната наша сегашност. Немој некој случјано да се запрашал после зошто сестрата на комшивката која има само 19 заминала на работа во Англија или зошто сите бараат подобар живот надвор.

Се обидуваме да промениме некои работи, најгласни сме на социјални мрежи, изиграваме дежурни судии и адвокати делејќи правда кај ќе стигнеме, осудуваме како да имаме право на тоа, имаме став речиси за секоја можна тема/новост/вест што ќе ја прочитаме кој став неретко прераснува и во критика, навреда, исмевање и „повикување“ на жолчна дебата која може да заврши со „сочни“ коментари упатени од едната или од двете страни.

А, кога ќе се исклучи интернетот, колку од тоа што си го напишал таму (во коментар, на статус, во порака, на форум, во група) колку сето тоа (автентично како што е напишано) можеш некому да му го соопштиш во лице? Прашувам и за позитивните и за негативните коментари упатени некому, подеднакво.

Проблемите најлесно се детектираат, но изгледа кај нас најтешко е да бидат решени.

Предлагам в година да се прославуваат дваесет и осум години Неизвесна Република Македонија затоа што сите живееме во таква држава низа години наназад. Постарите генерации викаат дека во младите е иднината, а за каква иднина да се бориме ние кога и сегашноста не можеме да ја оправиме?

Сегашноста со дијагноза – неизвесна-неправедно осакатена реалност во поголем број сфери како да пробува да ни ги одземе последните надежи кои се обидуваат да зрачат со оптимизам. Како претставник на денешната младина, едно мало делче во мене сепак ми вели дека нема да може цело време сè да биде сиво како маглата надвор.

Да се натпреварува целокупниот оптимизам моментално со бројот на штетни честички во воздухов, честичките ќе имаат убедлива предност, нажалост. И како што дождот помага во растерување на маглата и се обидува да го направи воздухот почист така и ние мораме да го истераме песимизмот, колку што е можно. За да не бидеме повеќе Неизвесна држава Р. Македонија, туку држава со која секој граѓанин ќе се гордее подеднакво, во која ќе му биде драго да создава иднина без страв од непознатото и неизвесното….

Н.Н

Напишете коментар