Skip to content

Разговор помеѓу војната и мирот

Војната и Мирот решиле да се сретнат после долго време. Претходно не можеле да се затекнат на исто место во исто време, но денешната бура во главата на Војдан ги натера да седнат и да разговараат.

Таа беше силна, бучна, опасна, лоша, злобна и секој грд епитет што можеш да го замислиш, потполно спротивна од Мирот. И таква накострешена му рече на Мирот: „Конечно, после долго време се среќаваме. Што те натера да ми се обратиш токму сега?“

Мирот како по обичај, не сакаше многу да зборува и да го троши времето на бесцелни разговори, само одговори кратко и јасно: „За да ти објаснам некои работи“.

Војната налутена му рече: „Нема ти мене што да ми објаснуваш, си знам јас сè што треба!“

Мирот: „А, знаеш ли колку животи знаеш да земеш? А, знаеш ли колку болка знаеш да оставиш? Дали знаеш колку си непосакувана?“

Војната: „Некој мора да прави баланс на земјава“, дрско одговори Војната.

Војдан кој го беше изгубил татко му кој беше професионален војник пред две години, во моменти на страшно тагување и носталгија по татко му, бараше некаков спас и решение на таа состојба.

Откако го замисли овој разговор некако му олесна што може слободно во својата глава да бара виновници. Инспирацијата понатаму продолжуваше.

Мирот видно повреден ѝ се обрати на Војната: „Ти дрска, чума над чумите, како можеш да бидеш толку полна со себе? Поради тебе многу семејства остануваат без своите најблиски, а ти се гордееш со себеси?“

Војната малку како да се подзамисли, па му одговори: „Напротив. Воопшто не се гордеам со себе, но морам да постојам, а против себе не можам“.

Тогаш Мирот изненаден од овој одговор накратко заклучи: „Кој признава половина му се простува, многу жалам што знаеш и можеш да ми го заземаш местото токму кога не треба“. А, не треба никогаш, ме разбираш?“

Војната: „Те разбирам, но исто ти се фаќа“.

Мирот: „Не си ти крива што многу работи не зависат од тебе, туку од луѓето кои те предизвикуваат“.

Војната: „Најпосле сфати. Мене ме предизвикуваат, за да сфатат дека ти очајно им требаш“.

Мирот: „Барем признаваш дека сум попотребен од тебе, ова е мудро од твоја страна“.

Војната: „Морав. Ти си скапоценост и ти дозволувам да ме уништуваш секаде каде што ќе можеш зошто јас многу полесно се создавам отколку ти што остануваш и опстојуваш“, призна Војната.

Мирот: „Ќе гледам да се раширам на поголема територија. Многу е важно да сум присутна во сечија глава и душа“, заклучи Мирот.

Напишете коментар