Skip to content

Обзорена сенка

Посакувана сенка танцувајќи при таа свежа приквечерина, заборави или пак сакаше да заборави на секундарникот кој оддекнуваше со ехо осамнат над малата библиотека. Тик-так-то тик-так-то повторуваше како локомотива која доцни, како напрегнат чајник пред експлозија. Вдишав, но почувствував како влакненцата во ноздрите се заледуваат. Ги замислувам во кадар на успорен танц проследен со последниот здив. Здивот на преминувањето. Нивото на румот. На секој нареден поглед, станува се пониско и пониско. Се прашувам гласно со иритирачки тон во себе. Дали сум алкохолик? Ил пак боем? Дали сум хроничен? Ил пак умерен? Со тој кадифено кафен еликсир. Погледнувам повторно, но во отсјајот се гледам себе си. Искривен лик, кој ми се смее. Небаре вели, види се кловну на што личиш. Земајќи ја гитарата ја почувствував емоцијата на тоа старо дрво кое создава болка, радост, желба. Прв риф… и Бум! Закрцкаа дрвените салонски скали. Одгоре сенката чекори со елеганција, која одзема машка воздивка. Но и создава грутка во грлото. Знаете, онаква како кога подголтнувате при прелет на сензуална силуета пред вашите очи со длабок изненадувачки поглед. Оној благ манијачки. Ха ха… Споделуваме зборови, насмевка и прашање… дали си за чај? Ме праша, застаната пред стакленикот гледајќи во далечина.  Погледнав кон омилениот еликсир, секунда двоумејќи се, одмавнав со главата. Но сепак задоволен од моментот на кој бев сведок. Оној филмско холивудски, со успорено движење како кога хероината доаѓа кон очајно изморениот статист. Продолжив со милување на вратот од гитарата. Но сега посензуално, па таков е моментот нели. Петелот ги крева крилјата, се качува на својот пиедестал. Време е за револуција во кокошарникот. Се за Револуцијата! Хипичка! УРА! УРА! УРА! Вреснувам силно во себе (како хор во мултилевел компанија при завршното перење на мозоци) па продолжувам со наредниот риф. Се обидував потоа да создадам и друг, но залудно. Добро познатиот капетан Морган ме спречуваше во секој обид. Но претходната ноќ дружејќи се со добро црвено вино од Шагра, по некоја случајност создадов кратка мелодија. Која пак неможев да ја дефинирам. Звучеше на трубадурска онаква стара француска. Ме потсетуваше на оние мои омилени La Colonie Volvox. Или пак некој нов правец, како и да е звучеше надежно. Како што беше надежно и сонцето во обид да остане уште подолго над хоризонтот. Додека пак погледот од салонот слободно можам да кажам дека беше ноир, романтичен. Онака, свеќник со тивок полноќен блуз од Snowy White. Уффффф… наместо ѕидови, пред мене слика од ренесансен уметник. Седнат на импровизираниот кревет од палети и стари черги со малтешки етно вез го имав на дланка секој дел од таа слика. Секој пиксел испеглан. Половина Гозо, зајдисонце. Оддесно море. Јас, господар на тој призор. Почувствував како правата на импровизираниот душек се искриви. До мене, сенката. Во позадина сè уште моите изморени прсти се обидуваа да ја продолжат мелодијата. Поглед збунувачки, прашален, искрено искривен, одлучувачки испреплетено се отфрли од зајдисонцето во гро план. Се создаде и очекуваната реченица произлезена од моите усни, кои беа медицинско анестезирани од румот. Додека догоруваше миризливото будистичко стапче…

Напишете коментар