Skip to content

Пијано

Ноќната светилка ми го осветлуваше бирото. Седев на столот со скрстени нозе во топлите пижами додека ламбата со нејзината светлина ми го осветлуваше ликот правејќи сенка над копчињата од тастатурата. Одамна помина полноќ, целосно заборавив на времето додека се занимавав со работа на компјутерот.
Знаев дека следното утро ќе ми биде тешко да се разбудам, но обврските и работните задачи ќе чекаат на мене, несомнено.
Ги гледав сопствените прсти и истовремено го слушав звукот кој го произведуваа додека скокаа од копче на копче. Па нели е тоа нешто слично како кога пијанистот свири на пијано, само што звукот е поразличен? Во глувата доба додека сите спиеја мене ме фасцинираа ваквите мисли. „Што има тука фасцинантно?“, си помислив.

Продолжив да размислувам и сфатив дека речиси и да нема сличност освен мрдањето на прстите. Останатото е поврзано со музички ноти наместо букви. Патем се потсетив на Симон Трпчески. Никогаш не сум му била на настап, а тој е веќе светски познат и признат. Би го прашала за сличноста помеѓу свирењето на пијано и куцањето на тастатура.

Упорно си велев дека мора да има некоја сличност повеќе освен движењето на прстите во одредена насока. Потем, така занесена во екранот од  лаптопот додека ги пишував овие редови се прашував што ако текстов стигне до него и тој ми го одговори прашањето? Одма си одговорив дека тоа е тотално невозможно, и дека веќе далеку сум заминала со „фасцинантните“ замисли и недоумици. Убедена бев дека утре ќе ми биде тешко да станам од топлиот кревет, а упорно го трошев времето за спиење на сосема други работи.

Ако прочитам од книгата уште триесет страни ќе дојде три часот после полноќ, мене нема да ми се соспие и ќе можам да читам уште шеесет страни додека да дојде четири, си правев пресметки. После можеби ќе ми дојде сон кога ќе ми останат само четири часа за спиење.
Заклучив дека овие мисли не се воопшто фасцинантни и дека мора да прекинам да ја хранам несоницата. Во тој случај мора да направам нешто кое ќе ми го врати балансот и ќе се вратам на природниот и нормален биоритам.

Се прекорував себеси зошто дозволувам мислите да ми го окупираат вниманието до тој степен што мозокот не може да паузира…А, штом не е паузиран тешко оди заспивањето. „Ќе испробам нови методи“, си велев тешејќи се и пробувајќи да не бидам престрога кон себеси. Можеби и не е толку лошо. Можеби ова е некаков знак. Еве ги повторно „фасцинантните“. Каков знак може да биде тоа што не можам да заспијам до изутрина? Можда претерав со спиење денеска, па доволно сум наспана и полна со енергија што сега нормално е да се претворам во вампир.

Или пак, станува збор за нешто сосема друго? Ништо посебно, тотално нормална работа во денешно време. Само да не прејде во навика и да патам од инсомнија постојано, си велев додека се убедував дека не е ништо страшно тоа што не ми се спие. Тогаш се сетив! Како не ми текна порано! Ноќта ми ја буди желбата за пишување и себеизразување. Некогаш беше така.  Сега се повторува истото. Ете го знакот.
Всушност, инспирацијата и желбата за да создадеш нешто не се константни, затоа кога ќе се појават треба да се искористат до максимум. Решив да си поиграм со мислите, да им го сменам текот и да завладеам со нив. Тоа ви го препорачувам и вам. Владејте со сопствените мисли во секое време, а јас ќе се обидам да ги паузирам мислите што ме фасцинираат и да ги насочам кон тоа што треба следно да го „створат“.

Напишете коментар