Skip to content

Бронзен или бесмртен допир со небата што сјаат црвено? – Рецензија на „Еретички писма“ од Стефан Марковски

Современоста и уникатноста на писателската реч може да се согледа во секој дел од овој роман, а преку реченицава: „Вистината на светот кој стануваше сè поприсутен отсекогаш била една. А, таа не беше во животот, ниту пак во смртта“, се покажува и докажува филозофскиот ентитет кој се провлекува од првата до последната страница.

„Еретички писма“ или како што гласи поднасловот: „Наоѓајќи ги небата што сјаат црвено“ се состои од шест поглавја со наслови од шесте типови на љубов кои ги разликувале старите Грци. Според кои човекот во текот на животот требало да ги развие. Уметникот кој прави скулптури ги ваја телата со помош на неговата муза Катја што всушност претставува негова халуцинација.

Креациите на неговиот ум многупати ќе знаат да се спротивстват на реалноста, но во која реалност живее Максимилијан Комнениус?

Во онаа во која е затворен во стаклено ѕвоно додека е во своето ателје и си разговара со неговите креации или вистинската реалност која напати му бега и му се слизнува низ дланките…

Главното дејство е создавањето на скулптурите што може да се согледа преку нивна персонификација. Но и општото градење и трагање по значајните или загубените елементи од својата личност, душа и тело.

Прикажан е општествениот и социјалниот живот на Максим. Неговото бунтовништво поради кое завршува приведен во полициска станица. Ова го сигнализира идниот пат по кој ќе чекори, заедно со другарите од детството, но и без нив. Писмата што ги добил во форма на правилен шестаголник каков што е и просторот во кој живеел се сведоштво за неговата налудничавост и склоност кон криминални дејствија. Тие пак го претставуваат пресвртот во дејствието. Како и сведоштво за авторот маестрално да ги употреби и спои геометријата, кибернетиката, уметноста во секоја форма, теориите за љубовта, чекорите кон себесоздавањето, себеспознавањето и себеиздигнувањето.

Митологијата во него

Митолошкиот приод и користењето на митски ликови односно нивните имиња преку вдахнувањето на живот, посветувањето на една од креациите на Ерос (кој се вљубува во Психе во една од најубавите романтични приказни) е доказ само за мистификацијата која авторот сака да ја постигне во еден момент за да ја задржи љубопотиноста на читателот. Но и да ја долови својата настојчива природа да раскаже многу повеќе, со помалку.

44767742_277774822859919_8402288123672788992_n

Величествениот крај на поетот Бодлер е елемент што служи за да ја зацврсти тезата дека сите се смртници. Сепак поединци меѓу нив остануваат бесмртни преку своето творештво, дело и творби. Кои се оставени зад себе како сведоштво за нивните минати животи. „Смртта и животот се песочна игра. Тие и немаат друг избор освен да играат со себе и со нас. Ние сме во средето“. Ова е едно гледиште кое го опишува животниот пат. Јас би додала и дека е совршена алегорија со која се објаснуваат двете крајности на еден континуум.

Вешто се прикажани етапите во создавањето на фигурите користејќи кратки реченици со силно дејство. Сепак доволно долги за да се проникне во чувствата на протагонистот. Како и да се согледа неговата потреба од помош која во еден момент и ќе ја побара. Психолошката состојба во која се наоѓа е само еден сублимиран приказ на денешниот модерен човек кој многу повеќе отколку во минатото на старите народи страда од психички заболувања и стресови.

Прозорецот на душата на главниот протагонист ни е даден на дланка. Релацијата со Артемио ја симболизира слободната, бунтовничка природа, како и самото оттуѓување, јавајќи со часови до шумските предели.

Каков е романот?

„Еретички писма“ е прототип на современ и модерен роман каде се испреплетуваат суштествени животни прашања прикажани преку различни процеси и мисловни дејствија, кој тече како реката Ријада претставена во него и се впива секој збор со брзина како јавањето на Артемио, како музиката што ја свири бендот на Џими и како топењето на восокот за изработка на деловите за фигури.

„Се насмевна, а насмевката значеше бакнеж помеѓу душите“ е веројатно најромантичната реченица во него. Ја претставува романтичната страна на јунакот и неговите емотивни изливи и изблици на патот кој ќе му биде предизвик за искачување до Небото.

„Треба да си над сите неба и да имаш очи кои проникнуваат низ сите облици, земски магли и густи шуми за да допреш до закопаните богатства“, метафорична констатација со огромна доза реалност. Борбата помеѓу дуализмот душа-тело, вистина-лага, среќа-несреќа, љубов-омраза, стварност-илузија, е дел од борбата на човекот кон остварување на неговиот личен раст и развој. Истиот во денешно време може да биде попречен од безброј фактори.

Привиденијата се само дел од тој процес што се карактеризира со падови. Како и со отстапувања од општествени норми и правила, Потоа со кршење закони, бунтовност, недолично однесување, како и халуцинаторни знаци што доведуваат до лудило. Дали лудилото е само отсуство на нормалност и отстапување од нормалното? Тогаш што е нормално, а што лудо во денешно време?

Марковски во „Еретички писма“ вметнува голем број теми кои се подеднакво популарни денес како и во минатото. Дали свртувањето само кон религијата или само кон науката е правилниот избор? Дали науката и уметноста ги имаат сите одговори по кои трага обичниот смртник?

d181d182d0b5d184d0b0d0bd-d0bcd0b0d180d0bad0bed0b2d181d0bad0b8

Напишете коментар