Skip to content

Продадена – Марија Гојковиќ (рецензија)

Животот често знае да изненади. Дали изненадувањето ќе биде позитивно или негативно тоа зависи од многу фактори. Најубавите работи што можат да ни се случат секогаш немаат среќен крај. Секој сонува за поубав живот, за подобро утре. Притоа сака да е среќен, исполнет живот полн со љубов, разбирање, убави моменти…

Дали животот на Теа ѝ приредил пријатно изненадување баш кога била на прагот пред најубавиот период од нејзиниот живот? Во цутот на најубавите години, со факултет кој скоро треба да го заврши, со момче кое ја запросува… После тоа организира патување во Париз како подарок за веридбата, но дали ќе се случи тоа патување? Патиштата по кои одиме знаат да бидат лизгави. Тие се со безброј пречки, кривини, угорнини и удолнини.

Патот кој ќе ја однесе Теа во најмрачниот пекол и тоа што ќе биде принудена да ја работи најстарата професија во светот ја турка во една бездна и безизлезна ситуација. Ќе ѝ се чини дека никогаш нема да излезе од неволјата. Клиентите се множат, таа веќе не го ни памети нивниот број. Чувството на гадење спрема нив и спрема себеси е силно нагласено што се манисфестира со повраќање.

Што се случува понатаму?

Преместувана е на повеќе локации работејќи ја истата работа. Нејзината „добро завршена работа“ е предуслов за да биде добро платена, за да ги задоволи барањата на газдите кои работат со трговија на жени. Истите тие ги тераат да се проституираат. Се зближува со останатите девојки кои се принудени на истото како неа. Иако се малтретирани и тепани како животни, кај некои од нив желбата за живот е посилна од сето тоа што го доживуваат.

Главниот протагонист во „Продадена“ бара милост од Господ, се моли секоја вечер стискајќи го подарокот што ѝ го дала сестра ѝ Уна на денот на веридбата. Се прашува дали нејзините родители уште ја паметат, дали тагуваат по неа, дали им недостига, дали ја спомнуваат, но одговор нема.

Покрај тешкотиите пред кои е исправена таа не се предава лесно, се бори со судбината. Се натпреварува со сопстсвената издржливост, ги поместува границите на сопствената желба за живот. Самата ќе претставува симбол за храброст, јачина и издржливост. Накратко, главната јунакиња има сила и волја јаки како карпа. Сепак останува доследна на своите принципи и покрај тоа што е понижувана, малтретирана, силувања и прунудена да прави работи од кои ѝ се гади.

Пред самиот крај, кога мисли дека го допрела дното и дека нема да се спаси никогаш.  Убедена е дека ќе умре, сонува сон кој го претставува пресвртот во романот. Благодарение на сонот таа се полни со нова доза на надеж. Одеднаш ѝ се враќа насмевката и си ја замислува својата светла иднина баш како што ја виде на сонот. Кога ѝ кажуваат да се подготови дека ќе ја носат на друго место, влегува во кола само со еден возач. На патот кон местото каде што треба да стигнат се случува нешто што ќе го промени целосниот тек на настаните.

Дали Теа конечно ќе успее да се спаси и ќе продолжи да живее притоа заборавајќи на своето болно минато?

Дали ќе може повторно да сака и да биде среќна?  Кога во болница ѝ кажуваат дека е бремена таа не го сака нејзиното бебе затоа што неа знае чиво е, но не може да го абортира затоа што е во одмината фаза од бременоста…Дали ќе се роди тоа дете кое не е плод на љубов туку плод на дивјачко и агресивно задоволување на потребата на груб клиент кој плаќа за да се задоволи?

Чудните патишта и околности раѓаат обврски кои мораме да ги исполниме. Некогаш успеваме и победуваме, некогаш сме губитници. Нашата реакција кон тоа што ни се случува е најважна. Дали ќе ги прифатиме победите и поразите подеднакво смирени и подготовени за нови предивизци зависи само од нас. Како и од нашите избори.

Напишете коментар