Skip to content

Каде што се раѓаше светлината – Филип

  • by

Светлина. Некоја магична светлина се испреплетуваше ко тунел пред мене. Стоев меѓу просторот на светлината и светот. Стоев, а земјата не ја допирав, ниту имав крилја, а лебдев ко ангел. Во мене струеше чувство на безгрешност и на неизмерна среќа, на уникатна љубов. Тоа бев јас во некоја проѕирност, а и лежев на врелиот асфалт целиот во крв. Се насобраа луѓе. Беа преплашени, испаничено се обидуваа да помогнат. Се довикуваа со пискав, тажен и преплашен глас, а неколку мигови пред да ја отворат устата, јас ги знаев нивните зборови кои ко песна протекуваа во мене.

Го превртеа автомобилот и го извадија татко ми од смачканиот автомобил ко згазена печурка, а потоа и мајка ми, и на крајот го пронајдоа брат ми, склопчен помеѓу задните седишта и смачканиот багажник. Знаев сѐ за тие луѓе: зошто се овде и каде треба да пристигнат, како и за нивната иднина. Ги знаев нивните тајни кои не ги знаеше ни тишината, како некој долгометражен филм кој не траеше ни секунда. Ја знаев историјата на нивните предци.

„Алексеј… Алексеј!‟, – извикуваше татко ми, кој сѐ уште во некоја бесвест ме гледаше мрачно како лежам на асфалтот, а моите екстремитети беа ко осумка. Му се смешкав и му повторував дека сум до него, да не се грижи, дека не ми е ништо, а тој избезумено викаше ко разбеснет снежен леопард среде Хималаите. За миг ко да се приближуваше и мајка ми кон светлината каде што лебдев, но еден безглас од зад грб во беспросторот на времето, навидум, како да ми шепотеше гласот на баба ми: „Сега не е време“. Раката ми беше пружена кон нејзината, која му доаѓа од некоја блиска далечина, но не и ја дофатив и се изгуби. Се врати таму, на асфалтот… Мораше да се врати, ѝ беше потребна на татко ми и брат ми.

Како што нејзиниот дигестивен и психолошки систем се враќаше во нормала, јас се оддалечував. Патував во вртилом од магична светлина кон некоја точка на бескрајноста на љубовта. Тоа беа милји препатувани за неполна секунда. Стоев пред порти во некој дијагонален беспростор помеѓу два света. Додека лебдев кон тие порти, во паралела ја гледав тагата, болката и немоќноста на моите родители и брат ми. Мајка ми и татко ми беа скршени од болка. Нивните срца беа скршени на милиони мали делчиња за кои составување нема. Плаче над мене, се проколнува, косите ги искоренува од тага, а јас немам ниту болка, ниту немир, ниту чувство на вина… ко да бев ангел, а Алексеј умираше.

Пред мене се појави нов свет со чувство на безусловна, безгранична и уникатна љубов. Се испреплетуваа безброј нови бои, дури илјада пати поубави од боите на виножитото, за кои мислев дека се најубави на светот. Светлината беше зад мене, а пред мене беше рајот. Да, неверојатно, тоа беа портите на рајот! Тогаш морав да одберам дали ќе се вратам назад или ќе исчекорам само милиметар и ќе влезам во портата на рајот, без таа небесна порта од светлина да ми се отвори. Тогаш го одбрав овој нов свет, свет на љубов. Всушност, не одбрав јас, туку моите мисли и чувства. Јас не постоев веќе. Го гледав целиот мој животен краткометражен пат, кој завршуваше овде. Се опростив со светот и зачекорив кон рајот.

Бела светлина. Лебдев во нејзината беспросторност. Патував со неверојатна брзина и за миг бев таму.

„Еве го!‟ – одекнуваше гласот на докторот.

Вдишав воздух и мојата проѕирност ја снема во беспросторот каде што се раѓаше светлината. Бев ситна душа, овде нова, зашто овде сѐ започнува од почеток. Со првиот воздух, и целата меморија остана во тој простор на светлината.

Се вратив.

„Машко е! Ви честитам Марија, имате син!‟.

Колку времето е несврзано овде. Поминале четири децении, а таму беше само миг, безвременско е сè.

„Ќе се вика Алексеј, како мојот брат‟, – заклучи дедо Сергеј пресреќен за внукот, кој штотуку дојде на свет.

Да, тоа бев јас, Алексеј, повторно се вратив, и тоа не случајно. Сè се врти во тој безграничен круг на универзумот.

Не постојат случајности, а сето друго е илузија создадена од самите нас.

Автор: шифра-Филип

Напишете коментар