Skip to content

Во очите на многу добри луѓе, ги видов очите на баба ми – Јована Јаневска

  • by

Многу често, скоро секогаш животов, својот живот го гледам низ очите на еден од моите внуци. Низ очите на дете трагач. Очите на она дете кое наместо да си игра со останатите врсници на улица, попладнето го поминува во прашина и книги на поткровјето. Животот го гледам низ очите на детето кое ќе ги наоѓа и чита моите дневници. Ќе трага по локациите, ќе ги допира местата кои јас некогаш сум ги допрела. Ќе почувствува што јас некогаш сум чувствувала и можеби немала доволно зборови да го објаснам необјаснивото.

Во рацете ќе му се најдат сите карти од метроа и возови, театри и концерти, сите листови веројатно собрани од повеќенасочни улици, пердуви од птици скитници и делови од одамна заминати луѓе. Ќе пролетува низ мојот живот како низ приказна. Затоа што секој човек е приказна. Жива или не мојот дух ќе биде на тие листови, моите спомени макотрпно преведени во зборови, кои ќе бидат достојни да ги задржат свежината и силата намислата.

Мојот дух ќе биде во сувите цвеќиња подарени или собрани од бескрајни полјани или вжештени асфалти веројато поради нивната скромна различност.
Мојот дух ќе биде во речениците, кои понекогаш со месеци биле присутни во душава и ме буделе сред ноќ, за да добијат форма и запис.

Тоа дете ќе има дар на трагач, тоа дете ќе биде водено од чувства, никогаш од разум. Можеби и пред неговите родители ќе ја има осознаено смислата на животот. Ќе знае дека животот е игра. И дека постојано треба да е забавно, колку и да е тешко. Штом престанува да биде забавно и жарот гасне, време е да трагаме по она што ќе ја врати искрата. Дека, животот е краток, дека на крајот се сведува на неколку денови кога сме биле блиску до себе и искрени пред себе. Дека животов е ветеров кој во моментов проаѓа низ коса, животов е здивов вдишан со полни гради кој вели дека имам уште многу што да му дадам на светов пред да заминам.

Дека животов не сме ние туку децата што ги оставивме зад нас и брзавме да пораснеме. Но тие никогаш не нè напуштија, не следea секогаш кога се сретнувавме себе си, колку и да беше ретко тоа. Сè уште сме тие деца, постојат делови во нас кои градат целост секогаш кога сме сведоци на неправда или кога гледаме ромчиња кои си ги греат рацете на нешто што веројатно е украс пред угледен локал каде безгрижно луѓето слават просечност, петок/сабота на -10.

Таквите делови засекогаш ќе останат детски.
Оставете ги. Нека ја задржат наивноста на детската душа и вербата на трагачот.
Тоа дете ќе биде чувар на мојата сенка. Секогаш е подобро да постоиш во само едно срце отколку во стотици глави. И мојата приказна ќе биде негов патоказ. Нека наоѓа пат за бегство секогаш кога животот натежнува врз детските рамена. Нека наоѓа одговор на прашањата кои можеби јас нема да успеам да ги одговорам.

Автор: Јована Јаневска

Напишете коментар