Skip to content

Средба – Соња. С

Беше пладне. Улиците вриштеа од уморните лица на возачите. На постројката за градски нетрпеливо тапкаа уморните нозе. Очите се валкаа во своите оквири, тонеа во нив, или попатно се губеа во своите меѓупростори. Во таа група од попладневни згрчени лица се изделуваше една насмевка што пловеше од едниот до другиот крај на бреговите обрабени со нежни розеникави обравчиња. Светот што вреваше и тонеше во сопствената апатија не успеваше да ги згрчи во набори нејзините усни. Високите потпетици и ги движеа нозете, сакајќи да го скратат времето што ги делеше од чекорите кои тапкаа некаде во другиот дел од градот…
Звукот на мобилниот се испомеша со ламтежот од градскиот сообраќај, едвај да го слушнеше… Ех, да не беше срцето во очекување…

Благ, но решителен машки глас ја преплива далечината и достаса до работ на нејзината свест. Брановите од немири и ги заплискаа дамарите, ја залулаа како барка заскитана во олујна бура. Имаше потреба да го допре своето тело до некаква цврста потпора пред да се сруши од налетот на емоциите.
Беше толку смајана што не успеа да ги разбере првите кажани зборови.
Се обидуваше да ги дофати барем следните, за да ја сфати смислата на сопствената бесмислена ситуација. Ситни капки немир ѝ прошетаа низ падините на нејзиното тело ронејќи се низ парфемиранаат крема што пред неполн час ја нанесе со љубов. Ах, да, најпосле…

Студен бран испратен на помош од нејзината свест, почна да и ги дешифрира сигналите што не успеваше да ги улови.
Гласот ѝ даваше информација што ѝ ја параше и така распарталената свест…
Однекаде, како повикано пред неа застана жолто такси. Со брзање ја дофати кваката на предната врата и се лизна на седиштето до трошниот возач. Усните ја пропелтечија адресата и таа тргна во пресрет на гласот од нејзините соништа. Зад себе ја остави толпата да го чека црвениот градски што ќе ја одведе до домашниот праг…

Автор: Соња. С

Напишете коментар