Skip to content

Само да не умреше – Анилегна

Јас и Теодор бевме направени еден за друг. Тој, синоок проклет убавец, со спуштени густи веѓи имаше еден од најпрецизните погледи кои сум ги видела некогаш. Ме гледаше како да не му се верува дека сум негова, а јас пак не можев да верувам дека тој е мој. Не го разбирав неговото неверување, бидејќи тој можеше да ја има секоја девојка која ќе ја посака, а ме избра мене, малечка и срамежлива црвенокоса. Не знаев со што заслужив да му се допаѓам. Но, најмногу не знаев со што заслужи тој да умре.

Не, не умре метафорички, туку буквално, срцето му запре и си замина.
До тој момент не знаев што значи смртта. Гледав многу смрт околу мене, но никогаш не помислив дека тоа ќе му се случи на некој близок и тоа баш сега.
Кога ми јавија за смртта на Теодор почнав хистерично да се смеам: “Ќе ве молам, престанете со овие несолени шеги! Сигурно Тео ви рекол да ме заплашите!? Доста ми е од неговиот црн хумор!” Камо да беше така. Сè на светов би дала да беше само една невкусна шега. Плачев една цела недела. Или можеби беше месец, не можам да се сетам. Секој момент ја проколнував судбината, го проколнував светот, ги проколнував неговите родители што го родиле, па и нивните родители, го проколнував денот кога се запознавме на едно предавање. Зошто ли отидов таму? Не ме ни интересираше претприемништво.
Зошто го запознав за да го изгубам токму кога ми беше најпотребен? Овие прашања ми претставуваа толку голема мачнина што мислев дека и јас за скоро ќе умрам. Може ли човек да се натера со сила да умре? Можеби и ќе умрев, ако не се случеше тоа што се случи. Мачнината не била предизвикана само од прашањата кои си ги поставував. Дознав дека сум бремена. Навистина не знаев како да се чувствувам. Првата помисла беше да абортирам. Но која сум јас, што до вчера плачеше за смртта на еден човек, да предизвикам друга смрт?
Набрзо се откажав од таа намера и малку по малку почна да ми се враќа волјата за живот. Подоцна сфатив дека ова мало зрнце во мене е сè што имам од Теодор. Проклетиот, и покрај тоа што умре, не ме остави сама. Ми го остави најдобриот подарок од себе. Родив син. Тој порасна. Сега е ист синоок убавец каков што беше татко му. Веќе има свои деца: две девојчиња и едно момче кое го нарече по својот татко кој никогаш не го запозна. А, јас сега сум стара, не сум повеќе црвенокоса, не сум ниту срамежлива.

Својот живот го посветив на мојот син. Никогаш не се омажив, не затоа што не можев, туку затоа што не сакав. Сето ова време бев заљубена во Теодор и сè уште сум и ќе бидам и после мојата смрт. Ако има нешто таму горе, ако ме слуша, го молам по пишувањето на ова писмо да ме однесе кај мојот Теодор.

-Мери

Автор: шифра – Анилегна

Напишете коментар