Skip to content

Човекот и убавината која ќе го спаси светот – Александра Стеваноска

Попаметна верзија на човеколикиот мајмун или суштество пратено од Бога како последно и најсовршено дело создадено од Неговата рака, уште од првите години на своето постоење се соочувало со т.н. животна борба или борби на опстанок. На почетокот единствената грижа на човековиот ум било снабдување со храна и вода како основни елементи на егзистенција.
Но,по некакво чудо на еволуцијата, денес луѓето се грижат за далеку пософицирани цели.
Се грижат да остават трага на светот кој многу брзо заборава, се грижат да бидат корисни оставајќи им аманет за совршен свет на следните генерации.

Живееме кратко, живееме брзо! Една индивидуа, дел од општественото дејствујање, но таквиот мал и динамичен живот треба да одговори на норми зададени од општеството: да се образува, да најде работа и чесно да заработува за живот, да основа семејство и да остави потомство.
Но, во исто време треба и да ги следи своите соништа, да се пронајди себе си и да ги оствари сите свои замисли за на крајот од својот живот да може со гордост да фрли поглед на своето минато и да рече: „Да. Завршив сè што сакав. Бев сè што сакав да бидам. “Честопати, во текот на своето дејствување, човекот заборава на другите. Несвесно и неволно создава егостички поглед на светот. Никој не размислува за грижите на другите кога е преокупиран со своите.
И тоа е во ред. Но, некогаш човекот свесно одбива да помогне.
На пример: колку пати имате донирано на жиро-сметка00008…стотина денари да спасите човечки живот? Свесно избирате да не го направите тоа.
„Возљуби го ближниот свој за да те возљуби твојот Господ“, вели Библијата.
„Сакај го другиот како себеси“, надополнува. Но, таква ли е нашата реалност?
Ги исполнува ли нашето денешно општество замислете кои според христијанството, Бог ги имал за човеколикиот род?
Може вака директно да се одговори: ако беше ова вистина, ќе имаше ли гладни?
Ќе имаше ли луѓе кои бараат чиста вода? Ќе имаше ли луѓе кои едвај крпат крај со крај и живеат под некој мост оставени на милоста и немислоста на природата?
Ќе постоеја ли човечките особини кои го забавуваат човечкиот развиток: љубомората, зависта, среброљубието…?
Ова се случува поради тоа што луѓето заборавиле на вистинските човекови вредности.
Заборавиле што е важно. А, тоа вака може да се објасни: најпрво се живеело во т.н. „општества на изобилие“ и на народот не му било потребно ништо друго освен храна, вода и пријатно место за спиење. Сега живееме во општества во кои луѓето бараат матријални добра за да ја заситат својата глад за убаво.
Но, очигледно ја испуштаат поентата. Убавината ја бараат на погрешна врата.
Ја бараат во покуќнината, во облека и обувки, во автомобилите: во предметите.
А, забораваат на добродетелта, на љубовта, на хуманоста, на задоволството од чинот на доброто дело. Забораваат на вистинската убавина која се наоѓа во длабината на човековото срце.
Секој на крајот од некое сторено дело ги преиспитува своите постапки.
Така, кога ќе стигнат во длабока старост, луѓето ги преиспитуваат одлуките кои ги носеле во текот на животот. За да се чувствуваат исполнети, за да бидат целосно задоволни од себе, погоренапишаната реченица треба да добие ваков лик: „Да. Завршив сè што сакав.
Бев сè што сакав да бидам. Му помагав на светот во неговата битка против злото со својата добрина“. Убавината на човечката душа е фактор во кој човештвото треба да ги полага своите надежи за да се одговори на замислите на Бог за совршен свет и на своите замисли за совршен свет.
И на крај, да му веруваме на Достоевски: „Можеби сепак убавината ќе го спаси светот“.

Автор: Александра Стеваноска

Напишете коментар