Skip to content

Да се стане различен – Слаѓана Башеска

Нужен и доволен услов да станете дел од „големото јадро“ од „големата група“ на нашето „модерно општество“ е молкум да прифатите да живеете исто како другите, невознемирено и рамнодушно, потчинето, без посебна цел за живеење. Или да мислите за светот, како на место за живеење со оскудни ресурси и лимитирани можности. Тогаш, сопатниците ќе ги гледате како опасни луѓе кои грабаат и нè оставаат ништо за вас. Тука, едноличното секојдневие беше еднакво добро колку нивниот живот – едноличен. Исти луѓе, озборувања, размислувања со туѓ памет, незадоволства, неостварени соништа, префинети интелектуалци кои често одбиваат да изберат нова патека, бидејќи е полесно да се справат со познатото отколку со непознатото.
Обичните луѓе вообичаено чекаат додека животот не им ги открие своите тајни, но за малкумината избрани, тајните на животот се откриваат пред да се тргне превезот. Малкумина одлучуваа да бидат поинакви – оние кои патуваа сами. Малкутемина кои имаат менталитет на изобилство, веруваат дека постојат доволно награди за секого, па натпреварот е повеќе тежнеење да го дадете најдоброто од себе и охрабрување на другите да го направат истото.
За да успеете мора да го изодите патот по кој малкумина одлучуваат да одат.
Нив ги придружува токму потребата да се стане РАЗЛИЧЕН. Различен од себе, различен од другите кои сега се како нив. Оние кои сакаат да станат исти со повисоките од нив, сакаат да се кренат, да се издвојат од пониското во себе! Еднаквоста е поднослива само додека постојат повисоките; еднаквоста станува добра, само во миговите во кои повисоките ги затекнува судбина иста како на тие еднаквите. Во тоа се согледува некоја казна на тие што се изделиле, и некоја утеха за тие што останале долу. Тие во принцип и свесно го одбираат потешкиот пат – особено кога води до нешто што го почитуваат и вреднуваат.
Но, факт е дека ги има и тие што без двоумење го прифаќаат полесниот пат, особено ако тој води кон понатамошна перпетуирана удобност.
За нив е идеално да го избираат не потешкото, туку полесното – А она што ним особено им одговара е тоа што постојат оние другите – тие што сакаат да го изберат потешкиот пат. За некои луѓе преземањето одговорност е далеку позастрашувачко, отколку да му ја предадат на некој друг. Кога околностите или животот ќе им ги наруши плановите, може да го обвинат универзумот, боговите, или другите околу нив. Во крајна линија, обвинувањето не ни врши работа. Преземањето одговорност е единствениот начин да се усовршат скршнувањата и промената на околностите низ нашиот живот. Животот често се шегува на наша сметка и вели: „конечно си победник!“, а ние, со секоја победа, мислиме, го освојуваме светот, додека тој сака да бидеме негови пријатели, бидејќи ја имаме предноста да бидеме уништени. Eдни издржуваат и се борат, други се откажуваат и мислат дека е така најдобро, трети воопшто не се обидуваат. Првите учат од сопствените грешки, вторите од туѓите, третите од ничии.
Ако не се обидеме, нема ни да успееме. Ако поставиме граници, нема ни да ги преминеме. Ако не веруваме, нема причина да се бориме. Ако не се бориме, тогаш сме изгубиле многу!

Светот нè проголтал уште пред да научиме да пливаме, сме се фатиле во пајажината на животот уште пред да престанеме да бидеме деца, иако престанавме да бидеме тоа, дамна пред да пораснеме. Кој поет ќе ни ги напише најтажните елегии за маките на децата кои цицаат од горките гради на своите мајки? Кој ќе ни биде култ за достоинство и почит? До која мера ќе го материјализираме светот, дур душите почнат да ни вредат? Експресивна ќе е нашата љубов? Бесцелна е нашата вера? Бесполезна ќе е нашата луцидност? Слободата е – попатен, маргинален проблем? Дали забранетото (возбудливото, она околу кое свети аурата) е навистина лошото!? Човечкиот живот- тоа е единствената работа која заслужува истражување. А пак, колкава е наградата! Колку чудесен ни станува светот! Страстите околу чие потекло се залажуваме се тие што најмногу не транзитираат. Нашите најслаби мотиви се оние за чија природа сме свесни. Често се случува кога мислиме дека експериментираме со другите, всушност, да експериментираме со самите себе.
Вистина е дека , додека човек го гледа животот во неговиот чуден тигел од болка и задоволство, не може на лицето да носи маска од стакло.
Има толку болештини што мора да помине низ нив за да ја разбере нивната природа.

Беше потребно толку многу да се изгубиме низ лавиринтот на животот за најпосле да го најдеме вистинскиот пат. За да научиме? Како да дишеме со последниот здив? Како да чекориме со последните сили? Како да љубиме и кога срцето ни е откорнато? Како да умреме и повторно да оживееме? Беше ли потребно да војуваме, за да научиме… што е борба а што страв, што е љубов, а што надеж… Требаше да се изгубиме во темнината, та најпосле да ја препознаеме светлината? За да научиме. Да почувствуваме болка од студот во коскиве, за да знаеме што е топлина? Да почувствуваме како цревата ни се превртуваат од глад за да го препознаваме и мирисот на корката леб што ни е дарен? За да научиме. Дека еден ден гладот ќе нè насити, жедта ќе нè напои, кроткоста ќе нè направи силни, понизноста ќе нè вознесе! Дека ќе престанеме да дишеме дури тогаш кога ќе се откажеме, ќе умреме дури тогаш кога ќе престанеме да се бориме! Да научиме дека нашиот живот вреди повеќе од сите дијаманти на овој свет!

Автор: Слаѓана Башеска

Напишете коментар