Skip to content

Беше некако мила – Менче Кадинец

Таа росна девојка беше некако мила, топла. Очите црни маслинки, насмевот топол, забчината пријатно поредени, долгите коси како бујни роси. Не, не можам точно да ја опишам, бидејќи ме плени.
Ја чувствувам како права Македонка. Витка става, раце нежни и вредни, нозе долги. Но, најмногу ѝ го сакав сепак насмевот искрен, нејзиното „Добро утро“. Иташе по своите работни задачи насмеано, ведро, гласот како ѕвонче ги вртеше погледите на лугето.
Во краткото сукниче или тесните фармерки делуваше пријатно.
Тоа беше такво време, таков стил на облекување. Не можеше поинаку од своите другарки, нивно време. Некој можеби ќе речеше „Види, види колку се стегнала“. Ама секој во своето време. Јас го сакав и нивното време. Младоста освежуваше. Така порасна нашето девојче. Сега тажно гледам низ улицата, жедна за нејзината смеа, жедна за нејзиното „Добро утро“, жедна за нејзиниот џагор, за радоста што ја внесуваше во нашите души.
Таа нашата Македонка ги остави улиците без нејзе пусти, како и птиците да ги немаше во нашата улица.
Често се прашував дали пак ќе ја видам? Не, не знам, само знам дека солзата ме давеше, тагата ме корнеше по нашата Македонка.
„Биди среќна каде и да си“! Ама ја видов… Ја видов еден ден.
Еден ден кога душата на младата девојка беше прелеана во неспокој, во некоја бркотница, па топлина, па болка.
Еден ден кога сакаше во тој виор на животот да ја раскаже својата приказна.

Како што животот си ги редеше судбински настаните нашата Македонка велеше: „Само мене може тоа да ми се случи“.
Така беше осамена, повлечена се прашуваше каде грешеше.
А, го засака него, Владо на прв поглед. Му веруваше, му веруваше, му веруваше, на секој збор, на секоја прегратка, на секој бакнеж, на секој насмев. „Убава лепотица моја ѝ велеше“, мрсејки ја нејзината долга плава коса. Седеа на клупата, грицкајќи грицки, таа го ранеше него, тој нејзе, а смеата гласна ечеше во ноќта. Во ноќта месечината со свелост ги даруваше, а тие плановите на животот во мечти ги редеа. „Јас замисли ќе бидам твојот голем архитект, ќе проектирам згради, а ти мојата докторка која ќе се грижи за мене, убавина“, занесно ѝ зборуваше Владо.
Секогаш се чекаа на истото место, под истото светло.
Така помина една среќна година. Владо го заврши факултетот, а таа имаше уште две години..Доаѓaше Владо со убавата сива кола, го вртеа градот, чиниш немаше поголема среќа од нив. Наближи есента со жолто црвени листови, со роскања тивки, таа го чекаше ама Владо го немаше…На телефонот му sвонеше ама тој не се јавуваше.
Лошата мисла ја корнеше: „Каде згрешив, што згрешив“.
Доаѓаше на старото место секој ден, од него ни трага.
Дождот ситно ја росеше, а таа го фрли чадорот. „Мили роси, исплакнете од мене сè, од мојата душа, од моето срце, од допирот негов“, мрмореше за себе. Не ѝ беше битно кој ја гледа, што мисли, ќе помине си велеше оваа болка. После еден месец со својата другарка излезе во градот. Седнаа во кафичот, си разговараа.
Секој нејзин збор полн со тага, но наеднаш се загледа во другата маса. Да, да тоа беше Владо прегрнат со црвенокоса девојка, насмеан, расположен. Не можеше да се воздржи тргна кај него и го праша: „Зошто, кажи ми, зошто“ и побегна со трчање.

Чекор по чекор иташе накај дома..Дождовните роси се сливаа се сливаа на косата, образите, облеката, ги сакаше го плакнеа нејзиното тело и срце од него. Времето си течеше, нашата Македонка го заврши факултетот, почна да работи. Ги сакаше и бараше сè уште дождовните роси. Во ноќта си мрмореше „ќе дојде, ќе дојде и сонцето во моите прегратки“. Сонот, сонот полека ѝ ги затвораше очите.
Но, во сонот тој и понатаму постоеше. Се штрекнуваше во ноќта, стануваше, низ собите се растрчуваше „Зар љубовта знае да корни, нели го избришав од моите соништа“. Ја поврзуваа со Владо, радостите, тагите, разговорите. „Морам да го потиснам ова време, во некое невреме, каде не постоиш“, мрмореше во ноќта. А, дождовните роси се уште ги сакаше, ги сакаше.„Ќе дојде време кога среќата ќе ме впие, кога љубовта ќе ме успие“. Помина после тоа во нашата улица ,сè уште убава, горда, поносна, сè уште полетна. Само во еден чекор ни донесе радост и топлина. Беше сè уште некако мила, топла, полна со живот. Мојата Македонка.

Автор: Менче Кадинец

Напишете коментар