Skip to content

Нешто во врска со мачки – Сузана Ѓорѓиевска

Почнаа! – помисли пред да ги протрие, во полутемнината на предмалку расонетата соба, очните капаци од кои непркопсаните мачки од непрокопсаниот сосед од куќата со број 69 ѝ ги искубаа пердувите на сонот.

-Дај им да јадат, скоту! – пониети да се издере низ отворен прозорец и да го крене на нозе целото соседство, но обувајќи ги карираните влечки на боси нозе и земајќи ја празната шолја од чај, во која малото лажиче почна да поигрува по ритамот на нејзината растреперена рака, ѝ подвикна на старинската наткасна:

– Мочко! Сакал мачки! Не треба да ги сакаш, треба да ги храниш, хра-ни-ш-ш-ш!

Чајарникот, светнат и празен, го заскокоткаа првите капки ладна вода додека во кујната, светната како чајарникот, со гргорот на водата се помеша нејзиното потпевнување: „Што се прави во ден празниечен, додека спие целата улица!? Се пие чај! Се пие чај, чај, ч-а-а-а-ј!!!“

Но, не колку да се пие нешто, што и да е. Или да се работи нешто, што било. Таа сакаше чај. И целата подготовка околу чајот. Го држеше чајарникот со зовриена вода и ливчиња нане, како да го држи гудалото од своето виолончело, и го гледаше тенкиот млаз што чадеше како се спушта одвисоко врз стишната цедалка, како да гледа чудесен водопад. Беше први јануари и тоа ѝ беше првата шолја чај во новата година. Го сакаше со две коцки шеќер, подизладен. Во своите седумдесет и… не е важно колку години, пензионираната професорка по виолончело, освен подизладен чај со две коцки шеќер, сакаше чајни тркалца и птици. Па, ајде тогаш да гледаме птици! И да грицкаме чајни тркалца претходно брцнати и омекнати во чајот.

Со шолјата чај покрај себе, седна на столчето покрај затворениот прозорец и со двоглед почна да ги пребарува голите гранки, влажните покриви и празните жици. Улицата „Дојди Види“, во елитната населба “ Ваква Друга Нема“, во девет часот на први јануари, сѐ уште спиеше. Пензионираната професорка по виолончело спокојно пиеше голтка по голтка од својот подизладен чај меѓу две залачиња од чајното тркалце и вешто и строго, како заповедник на војска, ги шеташе големите очи горе-долу, лево-десно и ако имаше кој да ја праша колку реда ќерамиди има на покривот од спротивната куќа и колку ќерамиди има во секој ред ќе му одговореше брзо и точно, не заборавајќи при тоа да го каже бројот на скршените и напукнатите, кои ете, никој не си окарал мајка да ги замени. Зборот окарал не беше отсекогаш меѓу нејзините зборови. Не! Никако!

* Пцуе! – велеше пензионираната професорка по виолончело кога нејзиниот татко ќе ѝ подвикнеше по секој неуспешен стројниклак:

* Еба ти веленцето шо те завиткаја! Нема чоек без мана! Нема да бидиме живи јас и мајка ти со орлите! Ќе останиш сама, ни дете, ни коте!

Но, неодамна, во месарницата го слушна месарот како му вели на својот чирак: „Никој не си окара мајка да се потруди да ги израдува децата! Ближи Нова Година… А дедовци, а мешловци, колку сакаш во населбава!“ и толку сочно изгвореното никој не си окара мајка го потпевнуваше цел ден се дури не ѝ се причини како да говори туѓ, непознат јазик. И убав.

* Како лани, така и годинава никој не си окара мајка да ги исчисти олуците- му зборуваше пензионираната професорка по виолончело на својот двоглед и

ако имаше кој да ја праша колку олуци се затнати од лисје и повеќегодишен гнилеж ќе одговореше брзо и точно, не заборавајќи при тоа да каже колку гранки од небовишните виновници треба да се исечат и колку дупнати олуци треба да се заменат.

* Никој не си окарал мајка – му повторуваше на својот двоглед, никој, ни… – и на третото никој се засркна, се раскашла, ги испрска светнатите стакла во прозорските рамки со чај и омекнато чајно тркалце, образите ѝ станаа црвени како суви пиперки, очите ѝ се насолзија, но, не од чајот, не од чајното тркалце. Пензионираната професорка по виолончело, во своите седумдесет и… не е важно колку години, во девет часот, триесет минути и дваесет секунди на први јануари остана без здив заради гол маж! Гол, како од мајка роден. Големите очи фиксирани на влезот од куќата со број 69 го држеа на нишан непрокопсаниот сосед, облечен само во брадата од Дедо Мраз, како им тура млеко на своите непрокопсани мачки и промашувајќи ја чинијата додава нови флеки на најизветвеното Добредојде во населбата.

* Чудовиште! – потскокна од столчето пензионираната професорка по виолончело и пониети да се издере низ отворен прозорец и да го крене на нозе целото соседство, но земајќи ја полупразната шолја, жедна за поголема голтка чај, пивна, го прочисти грлото и му подвикна на двогледот:

* Сигурно пиел и дупел, дупел и пиел цела ноќ!

И зборот дупел дотогаш не постоеше во нејзините реченици, барем не врзан за онаа работа. Но, сега, некако ѝ се залепи за врвот од јазикот и ѝ се стори многу, многу попристоен од зборот на е. Како и да е, депилираниот задник на непрокопсаниот сосед, кој се мушна низ влезната врата како црвеноперка низ речни камења, ја налути и таа ја подаде раката кон телефонската слушалка сакајќи да се јави во Станицата и да се пожали за нарушување на јавниот ред и мир, и честа на старите моми, кога едновремено се отворија и влезната врата и прозорецот од вториот кат на куќата со број 71, и додека вратата го пушташе во тремот насмеаниот Дедо Мраз, прозорецот го пушти мегафонот на пензионираниот професор по физичко воспитување, многу уважениот вдовец Зарм Одед, низ кој одекна гласот на неговиот внук:

* Дедо Мраз беше кај нас! Дедо Мраз беше кај нас!

Сега двогледот го регистрираше будењето на целата улица и чудесното појавување на Дедо Мраз кого, пред две седмици, речиси сите медиуми го прогласија за исчезнат.

Сега беше јасно, нема нејавување. Пензионираната професорка по виолончело ја зеде слушалката, како да го зема гудалото од своето виолончело, деветпати го пикна показалецот од десната рака во дупчињата со бројки и – Повелете! Кој се јавува! – слушна насмеана од уво до уво. Пензионираната професорка по виолончело најпрво, се разбира, рече – Среќна Нова Година!, а потоа раскажа сѐ како што беше не заборавајќи го ни непрокопсаниот сосед од куќата со број 69 и неговиот депилиран задник, брадата од Дедо Мраз што му висеше над алатот ( и овој збор некако убаво ѝ

легна во усната шуплина) брзо-брзо ја провна, брзаше да каже дека Дедо Мраз погледна кон нејзиниот прозорец и ѝ намигна.

* У-у-у-у! да не поверува човек! Па ова не се случува! Се случува, се случува, да видел Господ! Најсимпатичниот дедо на светот ми намигна! – викаше таа во ситните дупчиња на слушалката низ кои излегуваа за да ѝ влезат в уво тивките да, да, да на соговорникот од другата страна.

* Ох, Драго, Драгице! Зошто го оставив прозорецот отворен… воздивна пезионираната професорка по виолончело, спуштајќи ја немата слушалка како да го спушта гудалото од своето виолончело – Кому да ја раскажам сега оваа чудесија?! Итно ми е потребен пријател!

-Пријател итно потребен! – викна низ отворениот прозорец но не, не го крена на нозе целото соседство. Сите очи беа вперени во Дедо Мраз и во непрокопсаниот од куќата со број 69 кој, уште облечен само во брадата од Дедо Мраз, ги грабна мачките трудејќи се со нив да скрие и покрие што беше за криење и покривање.

– Ох, Драго, Драгице! – воздивна пезионираната професорка по виолончело Мазарм Икчам – зошто слета на она ветво, грозно, смрдливо Добредојде до чинијата за мачки?!

Автор: Сузана Ѓорѓиевска

Напишете коментар