Skip to content

Салче – Живко Карески Горноселец

Од сите жалости, оваа ја боли најмногу. Срцето ѝ го кине. До денес тагуваше неколку пати, ама сега… Тишината во нејзината спална соба ја пара нејзиниот плач. Плаче, плаче, па се примирува, а усните ѝ потреперуваат. Сосема случајно, во огледалото на плакарот, таа се гледа себе си, седната на креветот, ги гледа своите вжарени образи, крвјосаните очи… „Ајде! – ѝ прелетува низ главата – Облечи ја црнината и долу слези. Има уште многу време за плачење…“ Со напор станува, црниот фустан од плакарот го зема и го облекува. Без да се погледне во огледалото, со вешти движења, својата костенлива коса на тилот ја собира. Од кутијата на наткасната го зема бисерниот гердан што татко ѝ ѝ го подари кога матурираше… Мама секогаш велеше:„И на моето заминување да го носиш, чедо!“ – ѝ прелетува мислата. Да! Ќе го носи и денес и утре. Ги обува црните чевли, го зема и црниот, правоаголен шал и побрзува низ скалите. Во дневната соба ја пречекува тишина. Тешка тишина. Тишина што пара, тишина што боли, тишина што пече. Стои крај ковчегот, загледана во смилосаното, малку насмеано лице на најзината нена, на нивната нена. А солзите ги остава да течат по нејзините образи.
-Ајде Салче, ајде мила! – ѝ приоѓа Петар – Дојди, сестро, седи, седи…
  Таа немо го погледнува својот постар брат, не вели ништо и го остава да ја поведе од другата страна на ковчегот, до троседот. И тој покрај неа седнува, гушкајќи ја.
-Сé е веќе средено, сé е во ред. – тивко ѝ вели – Немој за ништо да се секираш!
-Така ли? – шепотно прашува Славче, барајќи го неговиот поглед – Немој нешто да не е како што треба! 
-Сé е договорено, на сите јавено… Скоро и Наде ќе стасаат!..
   Салче само благо климнува со главата и на братовото рамо се навалува. Не забележува кој влегува, кој излегува?.. Ни шепотниот разговор меѓу тетка Блага и стрина Добра не го слуша. Така навалена на братовото рамо и загледана во ситната резба на ковчегот, во мислите се враќа назад, многу години назад:
„Разиграни снегулки… тригодишно девојченце во широки, маслинести пантолони со завиткани ногавици, кафено палто – три броја поголемо и со завиткани ракави, жолто шалче околу вратот, платнени патичиња и предиплен лист од тетратка во џебот… Црномурна жена што ја фаќа за малата, премрзната дланка и ја поведува со побрзување низ дворот, во големата куќа, зад портата од ковано железо… Нежен галеж по костенливите кадрици, блага насмевка и: „Како се викаш?“ „Салче!“ – срамежлив, уплашен шепот, а на предиплениот лист од џебот: „Ова е мојата сестра Славче. Татко пред две недели почина, мајка пред три дена замина некаде во светот. Не можам да се грижам за неа. Во аманет му ја оставам на некој со големо срце. Збогум. Кирчо.“ А потоа, со насмевка: „Ти си нашата малечка… ова се твоите браќа Петар и Диме и сестра ти Наде… И тато Орде кој е дома само доцна попладне и долго со загрижен поглед… а јас… јас сум твојата… не, твојата, вашата мама Вера, ама, вие ме викате нена… Е-е-е, до денес и само за нив останав нивната, мала Салче… И мојата розова соба со розов кревет, розов плакар, розова постелнина… многу играчки и многу насмевки… приказни пред заспивање… голема новогодишна елка, под неа многу подароци за сите дома… многу роденденски торти… од пролет до првите пожолтени лисја – нишалка во дворот… летувања на море… прв училишен ден… од Петар, од Диме и од тато, секоја година именден… Мојот голем портрет, покрај другите, ене и денес е на ѕидон… го наслика бато Диме и веднаш потоа замина во Париз… Ох, колку е убава дада Наде во невестинскиот фустан?!.  Колку пролеани солзи кога Диме е во болница, таму, некаде далеку… ах, таа сообрајќајка… милиот мој, бате Диме… првото внуче во куќава – синот Иванчо од бате Петар… потоа дојдоа моите гимнзиски денови и првото заљубување… мојата матура: сите петки, златна белезица од Петар, обетки од Наде, неочекуван подарок – златен ланец со плочка на која е изгравирано: „На мојата сестричка Салче од бато Диме“ и бисерен, триреден гердан од нена и тато… после: студирање, патување, со Милан летување и пред дипломската нена рече и пресече: „Па што ако е сиромашен?! Тој те сака! Ќе останете со нас, овде! Место има за сите…“ и – мојата голема свадба… А на свадбата неповикан гостин… мојот поглед со неговиот се сретна, во моето и во неговото око солза светна и прашањето што како птица летна: „Кој е овој? Каде сум го видела веќе? Или?..“ Да, да, десетина дена по свадбата, Петар ми кажа: „Моја Салче! Тој ми рече дека е… бил твојот брат… Види… ти не паметиш… нашата Чае пред порта те нашла… другото го знаеш… јас го замолив свадбата да мине… се претнавме пак вчера, тој документите ги виде.. си замина, мила моја сестричке и никогаш, никогаш повеќе нема да се врати… А ти биди спокојана, ти си наша и ничија од друг… ти си нашата Салче!“… ми требаше малку време… Јас на работа, Милан со екипата час ваму, час таму… ете, мајка се сторив, а синот – Орданчо, од тато името го носи… По неколку месци многу солзи, могу тагување – бато Диме почина… во метален сандак го донесоа, а животот не застана… мислам оти нена преку ноќ остаре, а тато… тато, по една година имаше инфаркт и – крај… Нова тага, нова болка… не дочека, кутриот, в раце да ја крене нашата ќерка… Петар се пресели во новата куќа… понекогаш доаѓаат на неделен ручек… Гледав како нена старее… многу ноќи до зори светлото во нејзината соба светеше.. како цвеќе без вода венееше… Нејзе, трошка љубов што во срцето ѝ остана, на моите деца им ја подаруваше… на нејзината црнина сите се навикнвме: јас, Чае, децата… И Чае веќе остаре, а уште е со нас… и кога стаса кобната вест: мојот Милан… гушкање и ракување, а не знаев дека тоа ќе биде негово последно патување и уште една прерана смрт и уште еден пресен гроб… Е-е-ех, живот…“
Благиот допир од братовата рака како да ја разбудува од некој чуден сон. Погледнува во Петар, па погледот кон вратата го свртува. А таму стои Наде, крај неа Ацо и децата. Погледот ѝ запира на корпата со многу црвени рози што ја држи Ацо. Држејќи се за братовата подлактица, Славче споро станува и во следниот миг гушкање и гласен плач. Чае ја подзема корпата, ја остава на масичката, над главата од покојната и излегува. Двете сестри, така гушнати, стојат среде собата и плачат. Славчевиот, плачлив поглед закован е за драгиот ѝ лик во ковчегот, а мисли ѝ доаѓаат:
„Ех, Салче, Салче-е-е! Во оваа куќа дојде сама и еден ден пак ќе останеш сама-а-а!.. Кој зна дали твојот Орданчо ќе се врати од Америка?! Еден ден, можеби многу скоро, и твојата Лидија ќе се омажи, а ти… Ти, Славче или Салче, како што ти е мило,  ќе останеш сама, само со твоите песни, со твоите раскази, со твоите слики… Може покрај тебе ќе биде само старата Чае… А ти?.. Ти ќе имаш и премногу време да ги оддиплуваш и да ги прередуваш спомените… Сите убави и сите болни спомени, Салче-е-е!.. Можеби така рекле наречниците, кој знае?! И тоа е живо-о-от!.. Ех, Славче, Славче-е-е!

Автор: Живко Карески Горноселец

Напишете коментар