Skip to content

Среќна нова ’49 – Јована Јаневска

  • by

Низ годините научив дека местата знаат да болат исто како и нечие отсуство. Научив дека луѓето не бегаат од корените, стравовите, домовите, туку од сопствената сенка. Научив дека не треба да се потценува туѓата болка. Научив дека ништо не може да ме расплаче колку човечка добрина направена набрзина и срамежливо, без суета и сведоци. Видов дека ги сакам луѓето кои го избегнуваат контактот со очи додека помагаат на оној кој не може да возврати.
Тоа се тие кои ја чувствуваат туѓата непријатност, болка и гордост. Научив дека градовите се исти како луѓето. Накитени и блескави, а внатре празни. Со одземени библиотеки и опустошени спомен-куќи на големи луѓе кои бргу се забораваат. Научив дека луѓето веруваат на скапи облеки, часовници, длабоки гласови, префинети движења и очила.

Многу повеќе треба за да се уверат во нечија болка и безизлезна состојба, отколку во некој привид на малограѓанска среќа. Многу повеќе веруваат на очите, отколку на душата. Научив дека лажат кога велат „ако не ги контролираш емоциите, тие ќе те контролираат тебе“.
Ако ги контролирате емоциите не сте искрени пред себе. Ниту пред другите. Ни се згади од извештаченост. Научив дека денот знае да биде подолг од годината. Сфатив дека овде во Македонија, ништо побрзо нема да нè уништи и разнебити од индивидуалната игнорантност, злоба и себељубие. Ништо нема толку да нè уназади како барањето полесен пат до просечен живот.

Научив дека Скопје има лице и опачина. Го нашминкавте со туѓа историја, го натеравте да личи на светските градови, наместо со гордост да го чувате она скромното што го носеше, макар и тоа да се лузни од вашите неуспешни владеења. Што е лице, а што опачина? Ако ликот се фасадите, светлата, полните кафулиња, приватните оази, бистите на модерните робовладетели пред кои коленичите, правдата која одамна не ви е света, непотизмот кој без срам го јакнете и фалите пред светот, скапите автомобили кои ги паркирате пред картонските кутии на луѓето кои просат, костумисаните синчиња кои покажуваат моќ пред децата пациенти на клиника, тогаш која е опачината? Дечињата кои ги игнорирате на секоја раскрсница? Животните зад кои ја криете сопствената неспособност? Улиците кои се претесни за сообраќај? Улиците кои се уморни од протести и штрајкови на измачени луѓе, оние кои ги избегнувате во вашите високи гнасни кругови? Опачината се стечајците кои пред дваесет години со солзи и знамиња молеа пред објектите на кои во една држава треба да се гледа со почит, но нè натеравте да гледаме со презир и гнев.

Прашавте ли што се случи со тие животи? Прашавте ли колку деца останаа без шансата за високо образование? Колку родители завршија во психијатриски установи, поради неможноста да го поддржат сонот на своето дете?
Ги обештетивте ли лузните, брчките и духовната испиеност? Ги препознавате ли тие луѓе по улица?

Затоа што тука се. Ако меѓу нас се децата на социјалата, тогаш тие се децата на транзицијата. Генерации кои ги осакативте, сите вие што се продадовте за сигурен живот. И ако не ве допира звукот на тапанот, развеаните стари и во душава единствени знамиња на Република Македонија, ветви тенки јакни за зимски денови, стари чевли и збрчкани лица кои маршираат по улица барајќи мал дел од она што им го украдовте, можете ли да се наречете луѓе, а потоа македонци? Дали опачината се децата на социјалата, кои животот ги шамари секој ден потсетувајќи ги дека не треба да сонуваат на големо? Потсетувајќи ги дека секоја птица лета во своето јато и дека наместо сонување на големо треба да ја носат тежината на беспарицата и неизживеаните соништа на родителите, кои можеби и најмногу тежат. Вие не верувате во децата на социјалата.
Вие никогаш не им дадовте шанса на тие деца да го пуштат гласот. Затоа ги пуштивте далеку од дома. Ги расеавте низ светот. Уште од студентските денови го носат бремето на неправдата, класната поделба и стравот од крајот на месецот. Развиваат емпатија кон општеството, која ни за два животи нема да ја развие еден класичен костумисан син на функционер. Но, вие верувате на таквите.
Сакате да верувате во фантазија, да живеете во илузија, да чекате друг да се погрижи за отпадоците кои ги фрлате на тротоарот.
Патите од сили за кои тврдите дека ве следат одозгора, дека тие решаваат за сè што и вас ве засега. Знаете во една реченица да го загушите студентскиот дух, да го убиете отпорот, да наметнете апатија и да ги избркате умовите кои никогаш нема да се согласат со вас. А големите сили од кои генерациски се плашите, одамна ги заболе за Македонија.

Животот на западот и гнасната музика што ви ја пикаат во уши ви го замати умот, што веќе не допират до вас гласовите за промена.
Загаден воздух од кој ќе експлодираат мерните станици, ни истураат туѓи отпади во Дризла, во фабриките под стечај може да почнат да се снимаат хорор филмови. Ни затвараат библиотеки за смешни четири илјади евра. Државните болници наликуваат на болниците во воена состојба. Повеќе од седум пациенти во иста болничка соба. Чаршафите се кратки и стари, ќебињата се тенки. Има по некој дух што крева глас против, но вие не слушате. Не знаете дека постојат луѓе кои готват и донираат храна, не знаете дека постојат луѓе кои своеволно носат сирмашни дечиња на театарска претстава, затоа што замислете и тие дечиња сакаат да веруваат во Дедо Мраз како и вашите. И нема да посакаат телефони колку монитори како вашите, туку поевтини лекови за болни родители, повеќе дрва за огрев и можност да се појде на некоја екскурзија организирана од училиште. И многу е смешно како сите ги навирувате очите кога ја читате приказната за девојчето со кибритчињата, а секојдневно во декемвриските денови сретнувате исти премрзнати девојчиња – роми, за кои нема солзи туку предрасуди.

Научив дека искуството и мудроста не доаѓаат со годините.
Научив дека не треба да се молчи пред оние кои со зајадлива насмевка и потсмев приоѓаат кон студентската мисла и волја. Ако сакаш да овенеш млад дух, потсмевај се на неговите идеи, вели му дека е идеалист и дека набрзо ќе легне на брашно. И ќе гледа низ призма на профит, баш како Вас, уважуван докторе. Научив дека моќта го менува светот. Но и идеалистите го прават истото. И дека човек останува единствено жив, само кога го слуша сопствениот внатрешен глас. Научив дека е тешко да се остане исправен пред општеството кое не верува во идеалисти. Во општеството кое поставува дијагнози за сè освен за сопствената неначитаност и неможност за разбирање. Ништо нема колективно да не загуши како ограниченото размислување. Наскоро ќе го исклучам телевизорот од штекер за да ги избегнам новогодишните честитки од политичарите. Штом вие немате лице да застанете пред вистинита, ниту ние немаме уши за вашата корумпирана уста и душевна простоќа. Теориите за среќно општество, економски напредна земја и некакви бескрајни патишта за ЕУ предавајте ги на вашите ќерки и синчиња, на кои утре ќе им овозможите школување во светските колеџи. На нас децата на транзицијата не ни се потребни вашите честитки, ние ја живееме судбината на македонскиот студент, водени по старата девиза дека сопствениот сон ќе го оствариме со сопствена пот.
Она со што не можете да се пофалите. А сакам да верувам. Да верувам во Македонија за која пишуваше Кочо Рацин. Македонија за која умре Ристо Шишков. Тој не молчеше како вас и неговите колеги, додека се исмеваа со неговата Македонија. Тој во очите на неговите колеги беше човек со кратки нерви, а денес додека раскажуваат, полека станал херој. Но, не го поддржале, плашејќи се од сили кои секогаш следат. Сакам да верувам во Македонија низ гласот на повоените поети, Македонија низ разговорите со старите луѓе по селата додека пиеме кафе и прибирам забелешки. Додека раскажуваат за судбини на војници кои исто така верувале во Македонија, за големи луѓе кои спасувале дечиња од друга националност и се ставале себе си во оган. Да верувам во Македонија која ја сакаше Тоше Проески. Таквите духови го менуваат светот. И немој некој да си дозволи да се спореди со неговото дело, зашто немате доволно духовна широчина за да го почувствувате алтруизмот кој го чувствуваше тој. Ве научи дека празниците постојат за да споделите со оној кој нема. Дека постојат домови за деца без родители и болници каде исто така има луѓе кои системот редовно ги заборава. Сакам да верувам во старите македонци, без разлика на националноста, во старите села и општини, во нашата вистинска култура, а не наметнатата. Дека ние не сме потомство на Барокот туку на плевните по дворовите, ората по средселата, селските чешми и целата традиција од која бегате, правејќи се себе деца на градот. Дека Македонија е запрежните коли, носиите, вршењето жито под жешкото сонце, берењето на македонското грозје, вечниот непокор и револуцијата.

Автор: Јована Јаневска

Напишете коментар