Skip to content

Јана – Олгица Трпческа

Јана наликуваше на убавиците од модните писти, со плава бујна извиткана коса што нежно паѓаше на нејзините совршено извајани рамена што беа во склад со останатите делови од телото, со кое се движеше лесно и елегантно како тоа да го учела од некое кралско семејство. Имаше сини очи и блага насмевка што ја правеше многу мила и едноставно убава.Таа се јави од кујната со својот певлив глас:

,,Мамо, ја завиткав и последната сармичка, ајде дојди да видиш дали е се како што треба“.

Мајка ѝ знаеше дека Јана е веќе вешта во готвењето, па уште невидени сармите ја пофали: ,,Леле Јаничке па ти си подобра готвачка од мене, не трба да ме прашуваш,тоа ќе бидат најубавите сармички, многу ќе го израдуваш Андреј“.

Таа сакаше да го изненади својот сакан. Беа договорени заедно да ја дочекаат Новата Година во Скопје, не беше важно каде, само да бидат заедно, а сармичките за Андреј ќе бидат како десерт зашто тој не беше тука за славата СВ.НИКОЛА и не касна ништо од богатата посна трпеза во домот на Јана. Андреј беше студент на Градежен факултет последна година, а со Јана се познаваа одамна.

Нивната љубов започна ненадејно во еден сончев јулски ден кога се сретнаа во едно кафуле во Прилеп. Двајцата беа излезени сами без друштво мислејќи дека ќе наидат на некој од своите познаници или другари. Може тоа и да беше судбина, зашто кога Андреј гледајќи ја Јана како се загледува и бара друштво, ѝ пријде, се загледа во нејзините сини очи кои наликуваа на разбрането море, потоа го сврти погледот кон раскошниот фустан со сини цветови и па во елегантните долги нозе кои ги красеа бели сандали со високи потпетици и на крај пак го врати погледот на розово нашминканите усни. Со широка насмевка покажувајќи ги бисерно белите заби ја покани да се напијат по едно кафе:

„Здраво убавице, јас мислам дека мене ме бараш, зашто одамна јас посакував вака убаво друштво“.

Јана го погледна и ѝ се допадна поканата, начинот на кој што го кажа тоа шармантниот убавец, направи движење со главата што значеше дека одобрува и седнаа еден спроти друг. Разговорот протече толку едноставно полн со духовити досетки и смеа што и двајцата не забележаа дека е време да си одат. Летото и волшебството што го носи со себе направија тие да се среќаваат што почесто, да уживаат во сонцето и шареноликите паркови. Се среќаваа скоро секој ден. Андреј ѝ кажуваше дека многу одамна сакал да ѝ пријде ама таа не покажувала никаков интерес за неговите погледи што ѝ ги испраќал. Тој умееше да доминира во секоја ситуација, беше многу мудар, секогаш се извлекуваше со насмевка и убав збор. Таа чувствуваше дека се вљубува во него, се предаваше целосно на неговите силни и топли прегратки, ја обземаше голема страст каква што до тогаш немаше доживеано. Го чувствуваше неговото силно тело покрај себе, му возвраќаше на бакнежите и беше многу среќна, како да се прероди. Животот ѝ се измени. Заборави на тагата и болката што ја доживеа кога нејзиното момче ја остави без објаснување и замина во Германија.. Затоа сега Јана беше толку среќна што ќе оди во Скопје .

„Koлку ќе биде радосен Андреј кога ќе ме види“ – Си го повторуваше тоа по кој знае кој пат. Се враќаше со мислите во моментите поминати заедно, кога заедно го слушаа шумолењето на брезите и го гледаа заоѓањето на сонцето,шетајќи крај реката фатени за рака занесени секој во својата фантастична приказна дека набрзо ќе бидат заедно засекогаш.
Ги читаше повторно стиховите што ги запиша на хартијата и ја стави во кутијата каде беа сместени сармичките:

“Ете таква љубов сакам
Само моја да е,
ни со ноќта, ни со денот да ја делам,
Нит пак розите црвени моја замена да бидат
Да бидам вода, вино да бидам
Без наситка што се пие
Ете таква љубов сакам
Како воздух да е
Да умира без мене
Храна да бидам
И песна утринска
Без мене да не дише
Со мене да живее.“

Возот веќе застануваше на железничката станица во Скопје кога Јана ги поднамести своите плави прамени од косата што немирно излегуваа од под црвената како жар капа, се подзавитка со шалот и им се обрати на дедото и бабата со кои патуваше:

„Убав нека ви биде престојот кај вашите внучиња, среќна Нова Година, многу ми беше пријатно патувањето со вас“.

Таа сакаше што побрзо да излезе да земе такси и да оди кај Андреј додека не тргнал да оди на факултет. Зградата имаше лифт, но во моментот не работеше, беше се расипал, ама за Јана не беше тоа проблем, таа лесно ги искачи скалите и се најде пред вратата од станот на Андреј на четвртиот кат. Со првото ѕвонење не се помести клучот во бравата и таа повторно подолго поѕвони . Чекаше и со нетрпение тапкаше со нозете в место во кои веќе го чувствуваше студот:

,,Нека ми студи ќе се стоплам сега во прегратките на мојот сакан, ќе ме топлат бакнежите и неговите зборови што знае со посебна насмевка да ми ги каже ,,УБАВИЦЕ МОЈА, ти си тука, колку се радувам“.

Вратата одеднаш се отвори и таа го виде Андреј завиткан во голема плава крпа околу половината, со водена разбушавена коса, но таа не ја виде саканата насмевка на неговото лице, виде само голема вчудоневиденост, лут поглед упатен кон нејзиниот насмеан лик. Насмевката ја снема и од нејзиното лице кога зад него ја виде полуголата убава млада жена, со црна, исто водена коса која праша:

,,Кој е тоа миличок толку рано што не вознемирува?“

Андреј, како да не беше свесен за случувањата во моментот.
Јана пак без размислување се заврте и со трчање по скалите се најде на улица. Продолжи да трча сè додека не остана без здив. Солзите сами се слеваа низ нејзините студени, а сепак розови образи. Таа ги бришеше ама безуспешно, тоа беше непресушен поток кој извираше од ранетата душа, од душата во која не остана ништо друго освен големата празнина со ладни чувства, душата што остана без љубовта за која живееше, без сонот што го сонуваше во денот и одново го оживуваше во ноќта. Почувствува само една соголена пустина без оаза со надеж на среќа.

Снегот што почна да паѓа не го забележа, зашто таа ја сакаше зимата и снегот кога Андреј беше до неа, кога ја држеше и топлеше со својата силна рака. Сега него го немаше. Остана таму со непознатата жена во големиот град што го мразеше од дното на душата.

Стоеше на перонот и несвесно го чекаше возот што ќе ја врати во градот каде требаше да продолжи да живее, само овој пат како ранета лавица што ќе бара лек во осаменоста. Јана одејќи кон железничката станица кесата во која се наоѓаа сармичките му ја даде на човекот што седеше на картонот со подадена рака. Таму остана и песната запишана за Андреј ама никогаш не прочитана од него. Можеби на човекот што седеше на картонот ќе му се стопли душата од љубовните стихови што Јана ги напиша за својот сакан.

Автор: Олгица Трпческа

Напишете коментар