Skip to content

Никогаш слободна – Джејн Карински

Нов град, нова работа, нов почеток. Најпосле решив да го средам својот живот. Секое влакно на моето тело трепери додека влегувам во новата канцеларија, со нови колеги, со ново учење на работниот процес. Поминаа две години откако избегав од него, откако успеав да ја прекинам таа токсична врска. Таман животот почна да ми пишува нова страница.

Влегувам во канцеларија, ме пречекува новиот шеф. Ме запознава со новите колеги. Сите се насмеани, се чувствувам добредојдено. Ми се допаѓа работната атмосфера и едвај чекам да видам што и како ќе тргне понатаму. Дојдов во утринската смена, запознав можеби третина од колегите. Шефот започна да ме обучува и неколку часа не излеговме од салата за конференции. Кога најпосле завршивме, во канцеларијата веќе беше дојдена втората смена. Нов круг на запознавање со нови колеги. Последниот беше тој. На една секунда се стаписав, ама не му дозволив на моето тело да му покаже дека сум преплашена. Се ракувавме како прв пат да се гледаме.

Бидејќи моето работно време за тој ден заврши, бргу ги собрав своите работи и побрзав кон излезот. Цел век ми требаше да си го најдам мобилниот во чантата. Што е тоа со женските чанти? Ги носам само најважните работи, а сепак никогаш ништо не можам да најдам и секогаш нешто ми се губи. Како и да е, го извлеков мобилниот и ја побарав Кристина. Ајде, мори, јави се! Ми праќаш пораки цел ден за да провериш како ми поминува првиот ден на новата работа, а сега не се јавуваш кога е навистина итно!

Мислев дека ќе излезам од сопствената кожа поради нервозата и стравот кои ги чувствував откако го здогледав. Илјада прашалници ми се вртеа низ мислите. Илјада теории. Дали се вработи бидејќи дозна дека јас добив работа таму? Колку долго работи таму? Дали знае каде живеам? Што сака од мене? Дали ова беше случајност? Две години не се видовме и таман си го средив животот, а сега изгледа дека пак ќе морам да бегам. Од него, од себе, од стравот.

Кристина се јави цела вечност подоцна. Во еден здив ѝ кажав што се случи. Беше исплашена дури повеќе од мене. Решивме дека неколку дена ќе се преправам како ништо да не се случува. Можеби сепак се работи за случајност. Можеби сепак не ме следи и можеби никој на работа не знае за нашето минато. Можеби ќе ги преболам старите рани и ќе можам да го игнорирам. Ми треба таа работа и моментално не можам ништо да сменам.

Деновите поминуваа, се вклопував во новата средина, а по некој случај или според нечија одлука, скоро и не работевме во исти смени. Се смирив и почнав да се концентрирам на својата работа, што побрзо сѐ да научам за да не грешам премногу. Помалку сум перфекционист, како него.

Помина два—три месеци, а и тој како да се преправаше дека не ме познава од порано. А тогаш почнаа да пристигнуваат меилови од него, на мојот официјален меил на работа. Првин праќаше добронамерни забелешки за моите грешки, некои незлонамерни исправки. Само му се заблагодарив со ветување дека следниот пат ќе внимавам. Никому ништо не му кажав бидејќи немаше што да се каже. Мислев дека е вообичаено и позитивно грешките да се покажат и исправат, за да не дојде до нови грешки.

Не помина ниту еден полн месец, а тој во меиловите почна да пишува за сѐ и сешто. „Зошто си толку љубезна со тој и тој?“ „Зошто се смееш на шегите на тој и тој, дали навистина ти е толку смешен?!“ „Зошто му допушташ на тој и тој да те исправува, да ти објаснува нешто што шефот уште не ти го покажал?“ Буквално секој ден по меил добивав коментари за моја интеракција со другите колеги, во прв ред машки.

Сега веќе морав да изреагирам и отидов кај шефот. Му кажав сѐ. И за нашата поранешна врска, иако го изоставив делот дека едвај избегав од таа врска, дека две години одев на терапија и дека тие две години буквално се плашев да излезам од дома. Ама му кажав за меиловите. Тој беше слободен во денот кога ова му го раскажав на шегот, како и следниот ден, и шефот ми кажа дека ќе разговара со него штом тој ќе се врати на работа.

Цел ден бев нервозна поради стравот и помислата што ќе се случи кога шефот ќе се соочи со него. Знам колку лесно може да се налути и колку многу сака одмазди. Тој ден грешев повеќе од инаку и едвај чекав да си одам дома. Штом часовникот покажа 16 часот, истрчав од канцеларијата.

Веќе дојдов до почетокот на својата улица кога го здогледав пред влезот на мојата зграда. Сакав да се свртам и побегнам, ама ме виде и дотрча до мене. Секогаш беше пребрз за мене. И пресилен. Ме фати за рака и ме одвлече во својата кола. Бев толку преплашена што останав без здив. Дури помислив дека би било полесно во тој момент да се задушам отколку да ја продолжам оваа мака и да видам што ќе направи со мене. Се возевме во тишина. Не знаев каде. Свртивме на некоја шумска патека и уште некое време се возевме. Дојдовме до некоја куќичка среде шумата. Тука ме извлече од колата, ме однесе во куќичката, ме врза за стол, се насмеа и замина. Помина цел ден откако замина, успеав да се ослободам од јажето со кое ме врза за столот, а мојот мобилен има толку батерија за да ја напишам оваа порака и да ја вклучам локацијата на неколку минути. Се надевам дека токму во овој момент ја читате поракава и дека некој може да ја најде мојата локација. Ве молам, помогнете!

Автор: Джејн Карински

Напишете коментар