Skip to content

Партија шах – Наталија Наумовска

Војната е почната. Коцката е фрлена. Во главата ми се вртеше една мисла. Постојано ме прогонуваше и сите други мисли ми се разбиваа поради неа. Таа гласеше: „Време е за игра“. Зарем целиот наш живот не е една игра? – си помислив во себе.

Помина одреден период откако оваа мисла ми го окупираше секојдневието и јас продолжив да го живеам животот без да мислам на „играта“. Во меѓувреме се сменија годишните времиња повеќепати, завршив факултет и бев горд дипломец кој очекуваше работа.

Минаа неколку години, чекав работа, следев огласи и конкурси, испраќав сивија и мотивациони писма, одев на интервјуа и секогаш постоеја изговори зошто јас не го заслужувам работното место и секогаш вработуваа некој друг. Не е виновен изборот на факултетот што не може да се најде работа, виновен е системот, се тешев себеси. Желбата за работа ми остана иста, но надежта полека опаѓаше како што минуваа годините.

– Вие младите многу барате, не сакате воопшто да работите. Барате работа, а молите Бода да не ја најдете! – наслушнав еден човек што се наоѓаше во близина на шалтерот кога чекав ред за да поднесам документи во Агенцијата за вработување. Каква дрскост, си помислив. Работата нас нè не сака, сакав да му речам иронично, но одлучив дека е попаметно да си молчам како риба.

Чекајќи да ми се јават со некаква понуда повторно ми се појави мислата која гласеше: „Време е за игра“, но сега со додаток: „Во која ќе ги земеш работите во свои раце“. Аха! „Време е за игра во која ќе ги земеш работите во свои раце“. Седев така со скрстени раце цел ден мислејќи како да си ја оправдам појавата на оваа мисла. Алелуја! Конечно се сетив! Уште откако првпат ми се појави во мислите оваа реченица знаев дека нема обично значење. Па, време е за партија шах! Како не се сетив порано. Таа е игра во која ги земаш работите во свои раце и во која никогаш ниту еден потег не се должи на „фактор среќа“.

Тогаш сфатив дека за да ја играм играта ми треба противник. Оваа игра не се игра со еден играч. Потоа сфатив дека немам ниту табла ниту фигури.  Мора да размислам за друга игра во која работите „се земаат во свои раце“, ова со шахот нема да ми успее.

Следниот ден излегов на прошетка во најблискиот парк. Со празни џебови, со уште жива надеж дека ќе дојде „подобро време“ за мене и дека ќе ме огрее сонце поминав покрај една клупа на која двајца пензионери играа шах. Се сетив на мојата вчерашна загриженост околу играта. Застанав до нив и културно ги прашав дали смеам да ги гледам кај што играат.

– Само доколку навиваш за едниот од нас – низ насмевка ми рече едниот. Му реков дека ќе бидам неутрален затоа што не знам колку вешти играчи се.
– Во денешно време најлошо е да бидеш неутрален – ми рече другиот пензионер. Мора да одбереш бели или црни фигури – додаде.
– Ќе бидам за црните зошто во последно сè ми е црно – им реков.
– Доколку победи тој со црните ќе имаш можност да играш со победникот – ми рече пензионерот кој играше со белите фигури.

Но, јас немам време за играње, си помислив. Вчера толку многу сакав да играм што денес кога ми се укажува прилика јас ќе мора да ги одбијам.

Го гледав натпреварот, фигурите се движеа по полињата напаѓајќи се едни со други. Ловците голтаа пиуни, топовите ги блокираа коњите, си ги разменија кралциите и дојде момент кога црниот крал не можеше да се помести на ниту едно поле зошто беше нападнат од сите страни и победи пензионерот со белите фигури.
Имав среќа, нема да мора да седам на клупата во паркот и да се претворам во пензионер. За волја на вистината се чувствував како пензионер со мојата невработеност. Ако седнев да играм доживувањето ќе беше комплетно.

Одејќи кон дома размислував многу за играта. Партијата шах ја симболизира војната, а војната може да го претставува животот. Кралот и кралицата се столбовите, а сите останати фигури им служат ним. Сите заедно функционираат и си помагаат меѓусебно, а сепак секој игра за себе и дава сопствен придонес. Победува оној кој имал повешти потези, го предвидел следниот чекор на противникот предвреме и го измамил. Во животот можеби не постојат точно определни шеми и правила по кои мора да се „движиме“, а сепак борбата е како во партијата шах. Секој се бори за себе, а победува оној кој целосно ги научил напамет правилата на „играта“.

Појдов во најблиската продавница и на продавачката ѝ побарав шаховска табла. Тогаш ми текна дека не понесов паричник. За моја среќа, продавачката ме препозна, ме праша како сум и ми рече дека одамна не сме се виделе. Кога ја погледнав поубаво веднаш ја познав. Таа беше мојата другарка од детството која живееше на десет чекори од мене со која заедно се учевме да играме шах, односно јас ја учев неа. Од продавницата излегов со купена шаховска табла на „вересија“ и договорена средба следниот ден да пиеме кафе за да ѝ ја платам шаховската табла и да одиграме една партија шах како во старите добри времиња.

*Расказот е објавен во списанието „Современост“.

Напишете коментар