Skip to content

Ако од уметноста не може да се живее без неа не може да се умре

Уметноста е составен дел од нашите животи, без оглед дали сакаме или не. Што претставува уметноста накратко низ мојата призма? Прочитајте во продолжение.

Спротивставени ставови за уметноста

Уметник си? Црташ, вајаш, сликаш, пишуваш, пееш, изработуваш?      
Епа за тебе нема надеж според сите оние кои тврдат дека од уметноста не може да се живее. Ама никој не им кажал дека не знаат колку всушност грешат. Некому целиот живот му е уметност. Друг пак е самиот уметност со целата појава, а трет ја опишува уметноста како дрога од која никогаш нема да може да се откаже.
Сите овие спротивставени мислења водат до премисата дека постојат две поларитети кога е во прашање уметноста: едната е дека уметноста е неопходна за живот колку и да не можеш од неа да заработуваш доволно за живот, а другата дека уметноста е ништо и дека не е потребна зошто од неа не се живее.                                                 

Второто тврдење е многу погрешно. Постојат сликари чиишто дела се продаваат за вртоглави суми. Или автори кои нивните многубројни дела се бест-селери и се преведувани на многу јазици ширум светот. Дали тоа значи дека тие сепак можат да живеат од нивната уметност? Како и да е, во секој случај кај нас ситуацијата е малку поинаква.
Ние сме мала земја со мал број на население и уметноста (од било кој вид) кај нас за жал не е доволно ценета. Што и да е се случи, како и да се одвиваат работите секогаш ќе постојат два типа на луѓе. 

Уметноста живее насекаде околу нас              

Едни кои не ја ценат ниту ја разбираат уметноста и други кои живеат за неа. Во кој тип спаѓате вие? Ви се случува ли да се воодушевувате на некоја скулпутра кога ќе патувате во некоја нова земја?
Или пак можеби три дена од глава не можете да ја извадите книгата што сте ја прочитале и сите авантури на кои таа ве одвела”? Се фаќате себеси како си размислувате за ликовите и се прашувате дали романот ќе имаше поинаков крај. На пример доколку некој од нив постапеше, чувствуваше или се изразуваше поинаку? Непобитен факт е дека уметноста постои, а постоела и од пред многу векови. Таа живее насекаде околу нас колку и да постојат оние кои ќе ја негираат.

Може да живее и во нас доколку знаеме да ја изразиме и покажеме. Но уметноста не би можела да живее без луѓето.
Тоа е двонасочен процес од кој сите имаат полза.
Животот на уметниците никогаш не бил воопшто лесен.
Постојат низа примери низ историјата кои укажуваат на фактот дека многу од нив биле погрешно третирани и угнетувани, а нивните дела биле забранувани, спалувани и деградирани. Патот до создавање на едно уметничко дело може да биде многу долг и исцрпувачки, а некогаш е исполнет со леностија во зависност од тоа во каква емоционална состојба се наоѓа креаторот на своето дело.

Што е важно во процесот на создавање уметничко дело?

Има уште фактори кои одредуваат како ќе тече процесот на „создавање“, но најважниот е имањето идеја.            
Идејата те движи и ти дава нови идеи кои пак раѓаат материјал и го претвораат она што сакаш да го претставиш во нешто видливо, читливо или претставено. Идејата, планот, имагинацијата и замислите се ништо без активност. Активноста е особено важна кога се создава нешто вредно. Впрочем, како и во секој друг аспект од животот за да „мрднеме“ од одредена положба потребна е било каква активност. Ништо не е поразлично во создавањето на ново дело.         
Во животот на уметникот имало моменти кога имало ролеркостер од емоции, кога бил на дното и успеал да се издигне повторно. Постоеле моменти кога доживувал комплетна среќа и задоволство до моменти кога се наоѓал во навидум „безизлезна ситуација“ и сето тоа успеал да го „надживее“. Успеал да го процесира, преработи за накрај да го претвори во ремек-дело.

Уметноста можеби не е најпрофитабилна „професија“, но и те како е духовна храна од која се збогатуваме духовно и емоционлано.    
Без неа не би можело да се замисли ниту една човечка цивилизација во било која епоха. Музеите, самите градови, историски места и знаменитости како важни обележја на одредени градови и држави сведочат за уметничките творечки актови. Всушност, во живеењето само по себе постои некоја надворешна уметност која говори за внатрешната состојба на поединецот.

Ако неа ја имаме насекаде околу нас, во секој проект од некој архитект, во секое ќоше од стариот град, во жената што создава накит или во накитот што е создаден од жената, во дрвената куќичка што ја создал занаетчија, па дури и во начинот на кој една девојка е нашминкна, ние не можеме без неа. Најголемата вистина е дека ако од уметноста не може да се живее, без неа дефинитивно не може да се умре.

Наталија Наумовска

Напишете коментар