Skip to content

Мерсо соочен со смртта сфаќа дека човекот мора да се обидува да ја бара смислата на постоењето

Кога го имаш цел свет на дланка, не размислуваш за некакви можности. Дозволуваш мехаиката на модерното време да те доведе во состојба на апатија која и така не ја вознемирува твојата рамнодушност. Дури ниедна дразба не може да им пркоси на духовните сетила, а ти чувствуваш и живееш во телесниот, ограничен простор кој ти ја ставил душата во зандана.
Задачата на егзистенцијализмот не е само проблематиката околу смислата на постоење, главен акцент Сарт ѝ дава на слобадата.
Битието во неограничен простор, оставен од Бога и „фрлен“ во човештвото со милион можности има право да ја бира постапката за себе и да одговара за истата доследно, повторно за себе.
Човекот според егзистенцијалистите се изедначува со самиот поим и претставува слобода, но кога човек е ставен пред алтернатива – само ќе чувствува неспокојство и страв за направениот избор, а можноста светот да го проголта твојот ентузијазам во вакви ситуации е неминовна.
Според ова, нас воопшто не нè изненадува меланхолијата што ја чувствуваме преку ликот на Мерсо во еден од најдобрите дела на ХХ век од страна на Ками.
И покрај тоа што делото одговара на повеќе филозофски и литературни правци, самиот Ками вели дека го иритира самото поистоветување на романт со егзистенцијализмот на Сартр.
Причината за индиферентниот однос на главниот лик може да лежи во неговото претходно премногу размислувано прашање за својата состојба, па денешниот живот е последица на преживеаното а самиот лик е во фаза на „сеедното“.
Според искуства на доведување себеси до сеедното, потребно е да се помине негирање и неприфаќање, целосно помирување, а потоа невознемиреност.
Но, прашањето е дали сите оттргнати од општеството размсилуваат за трансформација или како нашиот јунак, доведени се да направат некатегоризирани дела баш поради фактот што не е значајно што ќе направат, баш тоа ќе им го промени местото во општеството и испадне дека сѐ е значајно за да конечно сфатат дека има работи што треба да го допираат човекот?! Човекот има таква функција да влијае на луѓето околу него само со еден поглед или збор. И покрај стореното, доволен е еден разговор со свештник за неговата душа да почне да го бара покајанието и казната да не е од енормни размери, но неговото его и статус на атеист го заплеткуваат во синџир, го прават затвореник со окови на сопствената горделивост. Да бидеш непријател на себеси во свет каде сите ти се непријатели е потешко од смртна казна, а таа е она што ќе го потресе како ништо дотогаш. Ниту тогаш, кога Марија, негова бивша колешка и според мене, која што можеше да му биде перспективна иднина не го потресе кога го праша дали да се венчаат. Чувствата, кои ги занемари можеа да го одведат во некои поубави димензии од животот. Дури и кога губиш, потребен е само еден потег за нештата да почнат во нагорна линија, па и поразот е поприфатлив. Од друга психолошка перспектива, можеби начинот на кој тој се носи со работите е неговата ладнокрвност, а внатрешноста во никој случај не го издава, па макар и војна и бура да има во него? Но, клучно можеби за безизлезноста на ситуацијата е тоа што таа бура, измешана со енергија еманирана од сонцето која како неподнослива ја почувствувал и на самиот погреб на мајка си изглегла во моментот неколку секунди пред првиот истрел?
Можеби четирите испукани куршуми потоа се само космичка сила која сакала да го одведе на полесниот пат, па да може да се брани мислејќи дека е нападнат. Или можеби, потребата да се бори за нешто доаѓа во несоодветни моменти и повлекува многу работи во низата. Со ова дело, прифатил Ками или не, егзистенцијалистите и нивниот правец доби нов облик, а смислата на постоењето е индивидуална и човекот доколку има среќа не би ја открил во миговите на очекуваната смрт. Казната што Мерсо ја плаќа со најгрдата пројава не е само поради тоа што не знаел да ја игра играта, туку затоа што примижувал при секој мал зрак на спасение. Смртта не е страшна колку помислата за самата зашто животот без неа е ништо, а нихилистичката идеја која се всадила во душата на слободниот човек е најголемата казна. Или како што Сартр би посочил на искуствата како најдобра школа, а таквата школарината е скапа, во тој случај можеме да кажеме дека Мерсо платил дупло поскапо.

Напишете коментар