Skip to content

Eпистулa до Јулија, ќерката на Октавијан (наградена песна) – Катица Ќулавкова

SEZIONE SPECIALE “ANTE POPOVSKI” con l’Ass. Cult. Kontext di Strumica, rep. di Macedonia

Глетките ми навираат од некаде длабоко
и редум се редат:
Те гледам како се пулиш
ту во небото, над хоризонтот
ту во морето, под хоризонтот
она море кое има име
ама тоа повеќе не е битно
море си е море –
морската шир е идеална за медитација
за да те снема во неа
во најдлабокото од длабокото
(така ми доаѓа да кажам понекогаш
кога ќе ѝ се предадам на глетката
како на судбина, без остаток)
Те посматрам додека седиш налактена
на прозорецот, налик на Ифигенија
митски, аскетски, поетски
додека зјапаш, не можејќи да му се нагледаш
на невидливото
онаму каде што Јул Антониј
да, токму тој, и твој и не-твој
те чека да излезеш од бањата
гола и мокра како извор
трепетлива како искон
привлечна како магнет
потем те наметнува со бањарката
топла од неговите дланки
намирисана од неговите препони
игрива од неговите прегратки
оросена од твоите оргазми и спазми
Јулија, Јулиа, Иулиа, иуиа
јулска жего, ожегната, а штотуку жугната!

Катица Ќулавкова

Напишете коментар