Skip to content

Иднината е запишана во ѕвзедите или во нивните свесни избори? – Рецензија на „Седумте сестри“ (Приказната на Маја) од Лусинда Рајли

„Сите ние сме во одводен канал, само што некои од нас гледаат во ѕвездите“ – Оскар Вајлд

Инспирација за оваа книга и за сите останати од серијалот се митските Плејади кои биле ќерки на титанот Атлант и океанидата Плејона. Кога нивните посестрими Хијади умреле од тага по својот мртов брат Хијант, си го одзеле животот од жал, а богот Зевс сите ги претворил во ѕвезди. Биле седум. Од таму и симболиката на седумте сестри чии животи ги испрепретила Лусинда во своите дела.
Животот на сите нас ни нуди различни предизвици.

Некои од нас имаат таква среќа или несреќа уште од самото раѓање да бидат соочени со предизвик.

Дали животот сака да си поигрува со нас? И ако одговорот е потврден, зошто тоа би го правел?

Би рекла за да бидеме посилни и да си го цениме нашето постоење. Постоењето на Маја и на нејзините останати сестри во никој случај не може да биде случајно.

Израснати и одгледани во Атлантида – изолиран замок како од сказните на бреговите на Женевско Езеро сестрите се „разлетале“ секоја по својот пат додека изненадната вест не ги принудила сите да се вратат назад. Единствено Маја која е најстара не го напуштила местото на живеење, но ќе го направи тоа откако ќе ги добие координатите кои ќе ѝ го одредат местото на патување.
Трагата која ѝ е оставена ќе ја одведе дури до Рио де Жанеиро каде ќе ја испишува својата приказна пробувајќи да ги состави сите делчиња кои недостастуваат во истата.

Речиси еден век претходно, постои прекрасната Изабела што ќе биде принудена да стапи во брак кој нема да биде по нејзина волја.
Но за да не го разочара татко ѝ таа прифаќа да ја игра улогата на послушна ќерка и покорна сопруга. Сè додека свршеникот не ѝ дозволи да отпатува во Европа заедно со пријателот на татко ѝ кој е угледен архитект и неговото семејство. Благодарение на тоа што тој ќе ја проектира скулптурата на Исус Христос и мора да најде скулптор во Париз кој ќе му помогне во реализирање на идејата, неговата ќерка и Изабела се радуваат за тоа што ќе можат да ги поминат тие четири месеци заедно и ќе ги видат местата кои остекогаш сонувале да ги посетат.

Клучна средба

Средбата со младиот и згоден скулптор Лоран ќе ја доведе Изабела во незгодна положба. Меѓу нив ќе се развие посебна врска и љубов која никогаш нема да умре. Од престојот во Париз животот ќе ѝ се промени засекогаш.
Писмата кои си ги испраќале ќе сведочат за меѓусебните чувства кои овие двајца млади ги споделувале. Со игра на судбината ќе продолжат да ја негуваат таа љубов. Плод на тоа ќе биде ќерката која сопругот на Изабела ќе ја прифати иако е сигурен дека таа не е негова.

Животот нема да милува никого, посебно не Изабела чијашто мајка ќе се разболи од неизлечлива болест. Приказната на Маја е возбудлива. Трагата ќе ја одведе до топлите краишта од каде што потекнува. Таму ќе го запознае писателот кому му ја преведуала книгата. Тука некаде е крајот на едната и почетокот на другата половина од приказната која Лусинда Рајли умешно ја „плете“ со нејзиниот богат, но сепак едноставен стил на раскажување.

Сопственото потекло е важно за секого

Во одреден период од животот сите оние кои не си ги знаат корените сакаат да дознаат барем нешто околу нивното потекло.
Маја е на некој начин принудена да навлезе во трагите на своето далечно минато. Тоа го прави најпрво читајќи ги писмата од нејзините предци. Потоа и преку живописно раскажување на жената која цел живот живеела со нејзината баба и ја знае цела историја.

Најубавата и најстарата, но и најголемата куќа во Бразил ѝ припаѓа на бабата на Маја која пак е на смртна постела во старечки дом. Нивната средба е сосема неочекувана, но многу моќна.
Ниту едната ниту другата не можат да покажат емоции иако се длабоко допрени. Но сепак тие се само обични странци кои животот ги разделил. После тоа одлучил да ги спои повторно пред едната од нив засекогаш да си замине.

Не постојат доволно зборови за да се долови тоа што се доживува при читањето. Описите на плажите, местата, до процесот на проектирање и градење на една од најпознатите статуи во светот. Учеството и сведочењето на Изабела во истото е само дел од тоа што треба да се прочита за соодветно да се доживее. За да може да се состави целокупната приказна. Ова е само првиот дел од серијалот за „Седумте сестри“ од Лусинда Рајли.

Напишете коментар