Skip to content

Голем, а скромен борец – Верица Милорадова

  • by

Секој ден, нова приказна која постојано кружи околу нас, исти сцени, исти ликови со променети улоги. Гледајќи ја оваа игра како непристрасен набљудувач, од една повисока, продуховена точка, заклучувам дека животот на поединец и животот на сите луѓе колективно, заедно со целата мрежа на релации, односи, врски, конекции-изгледа како ремек- дело на некој мистериозен сликар кој преку луѓето сака да се осознае себеси.

Алчни, љубоморни и лицемерни.. секаде наоколу само такви луѓе, но таа не беше таква. Таа беше нешто поразлично од оние околу нејзе, презираше омраза, алчност и лицемерие. Постојано се водеше по своите цели и планови и од нив не отстапуваше макар и кога сите беа против нејзе. Навидувм обична девојка, а во душата мека како памук, ќе речеш живее во свој свет и ќе погрешиш, таа не се разликуваше ни од мене, ни од тебе, беше иста како нас, навидум иста како нас.
Таа беше девојка на која тагата и беше најверен пријател, а осаменоста постојано беше дел од неа, среќата ја посетуваше, но кога и да затропаше на нејзината врата, таа се плашеше да отвори, но сепак ѝ велеше топло добре дојде. Беше девојка која успешно ги минуваше животните пречки, иако речиси сама чекореше во животот, таа знаеше дека само на себеси може да се потпре човека во животот, па затоа единствен најдобар пријател освен тагата си беше сама на себе. Имаше таа пријатели во животот и такви кои многу ги сакаше па ја разочараа, такви од кои се изненади од нивната навидум добра душа и такви какви што секогаш мразеше, алчни, љубоморни и лицемерни. Велат со кого си таков си, но оваа девојка е доказ дека тоа не е секогаш точно. Таа знаеше точно што сакаше од животот, го бараше она што не го добие и девојка која си ја знаеше својата вредност, знаеше дека само со крената глава и без сожалување ќе го добие она што го сака и ќе издвојува победа. Девојката за која ви зборувам, навистина ме восхитува, навистина таква девојка, жена, мајка го заслужува само најдоброто. Но, нејзината судбина не се согласува со моиве зборови. Нејзината судбина е сурова, ги изгубила личностите кои ги сака вистински, оние кои ѝ биле семејство, од оние блиски луѓе кои ѝ останале секојдневно добивала само навреди и сожалувања и давале помош бидејќи ја сметале за слаба и ранета птица, а таа како орел се извиши над сите нив. И не е до инаетот, до желбата е, да покаже дека човекот има само еден најдобар пријател, самиот себеси, дека и кога ќе ги загуби сите и ќе мисли дека сè е завршено, се отвараат новите видици, кои секогаш водат до нешто ново и подобро. Беше скршена, опкружена со луѓе, а се чувствуваше празно и напуштена, но секогаш знаеше да ги почувствува страдањата на отфрлените, солзите на напуштените, болката на повредените, страста на заљубените, гневот на обесхрабрените, грижата на загрижените, восхитот на просветлените.
Иако скршена, но не докршена секогаш пронаоѓаше извор за обнова, за рехабилитација. Беше свесна дека мора да продолжи понатаму затоа што со успех може да им се одмазди на сите оние кои некогаш ѝ нанеле зло.

Поминаа години и години, а таа станаа успешна во работата која што ја сакаше, догурка и подалеку од каде што се гледаше себеси во иднина. Но, и понатаму не ја заборави болката, има сега можност да ги навреди оние кои пред многу години ѝ го правеа нејзе, но таа не е таква, сега дури и ја пружи нејзината помош на оние кои високо летаа во облаците. Остана скромната девојка, ги научи своите деца да бидат борбени но скромни, исто како мајка им.

Девојкава без име, нека остане таинствена, но поучна дека оној што сака да успее во животот не му се потребни пофалби за да добие елан, ветер во грб, доволни му се само вистински желби и потези.
Лекциите кои ги добиваме секојдневно се единствените наши патокази до успехот. Не постојат граници за оној кој сака да успее, не постои невозможно за оној кој решил да биде успешен, за оној кој решл да биде голем, а скромен борец во животот.

Напишете коментар