Skip to content

Да ѝ погледнеме на вистината во очи – Бисера Батаклиева

Признај! Кога поминуваше денес по улица и ја фрли мастиката воопшто не ти текна да погледнеш дали има корпа во близина. Признај! Кога го преминуваше мостот и го фрли книжулчето се насмевна бидејќи падна во реката и даде кош. Признај! Кога влегуваше во сопствениот дом на тротоар го остави картонот од пицата иако дома имаш корпа. И јас исто! Признај! Кога денес играше видео игри со убивање и војна, воопшто не размисли дека во истиот тој момент во светот на некое девојче тоа му претставува реалност. Признај!

Кога ја пушти чешмата и ти заѕвони другарка ти потполно заборави да ја исклучиш и воопшто не размисли дека во Африка во истиов момент луѓето сонуваат за таа голтка која ти ја фрлаш. Признај! Признавам! Признај, гајле ти е за загадениот воздух што го дишиш! Ти си принц, ти си принцеза (јас сум принцеза), некој друг треба тоа за тебе да го реши! Уште и цигара палиш! Велосипедот ти е детска играчка, а на планина пешачиш само за да направиш селфи.

Зошто? Која ни е целта во животот, многу евра и долари?
Парите не се јадат, не се пијат. Парите не се дишат!
Ги сечкаме Амазонските прашуми во мали правоаголничиња, на нив пишуваме бројки и ги користиме за купување мали задоволства, кои потоа ги фрламе и газиме. Да ѝ погледнеме на вистината во очи!
Ова е многу лошо! Кога ќе го решаваме овој проблем?

Кога ќе станеме на нозе? Кога е време за промена? Во иднина? А што ако иднината е утре? Што ако таа е најмногу задутре? А што ако иднината воопшто не дојде? Некој друг нека мисли на тоа, така? Јас наместо тебе?
Твоите неродени деца наместо тебе? Наместо мене? Зошто овие генерации да ги памтат како уништувачи, а не спасувачи? Земјата може да ги задоволи сите наши потреби, но не и нашата алчност! Лицемерни сме!
Сечиме дрва, правиме хартија и на неа пишуваме Не Ги Сечете Дрвата! Тие се само дрва, не се интересни, штета што само го произведуваат кислородот што го дишиме.

Ајде да ѝ погледнеме на вистината во очи. Да ја пронајдеме љубовта во нас и храброста и човечноста, ајде да станеме подобри луѓе. Да, ќе боли, ќе се двоумиме, од многу работи ќе треба да се откажеме, но со крајниот резултат ќе се гордееме! Животот дами и господа, очајно сака да биде на наша страна!

Бисера Батаклиева

Напишете коментар