Skip to content

Незаборав – Марина Додевска

  • by

Веќе некое време чекорам низ тесниве улички на ова тивко градче барајќи те. Дрвената клупа во градскиот парк, ресторанот покрај кејот во кој се служат најубавите колачиња со цимет…се само некои од местата кои ги посетувам и седејќи со часови го враќам времево наназад и за момент ја сопирам оваа сурова реалност.
Се навраќам на еден стар филм кој својот крај го добил одамна, но сè уште е тука во главата. 
Но дали од љубов или така се навикнав откога си замина не знам да ви кажам.
Се прашувам како ќе реагирам ако еден ден судбината си поигра со нас и повторно те стави пред мене.
Дали ќе заборавам на бесот и силно ќе те прегрнам или пак ќе се претворам во камен и молчешкум ќе те набљудувам.
Можеби треба се да оставам во нејзини раце и да го запрам ова неуморно трагање по тебе кое нема крај. Веќе треба да престанам да се прашувам што правиш во моментов, дали имаш некоја друга и дали ти е доволна нејзината љубов.
Дали ќе успее да го поднесе товарот на твојата гордост и болката која ќе ѝ ја нанесеш. Дали игра по твоите правила и дали го има правото да се искаже, она кое патем јас го немав.
Иако проклето ми недостигаш овие црни ноќи, јас не се плашам од иднината.
Ти ме научи дека животот не застанува, туку продолжува без оглед на тоа колку е силна болката. Животот е суров, зарем не?
Ако си слаб ќе паднеш, но ако ја кренеш главата горе и цврсто се држиш можеби и ќе успееш да го надминеш она нешто што те притиска одвнатре.
Затоа ти благодарам што влезе во мојот живот и внесе радост во него.
Ти благодарам за спомените кои каде и да сум ќе ги носам засекогаш со себе.
Ти благодарам што ми покажа дека љубовта не трае засекогаш.
Со тебе научив да ги сакам розите, но и да газам по трње.
Можеби еден ден ќе успеам да се навикнам на твоето отсуство и ќе ми биде сеедно кога името ќе ти го изговорат.
Можеби еден ден кога ќе ми зараснат раните ќе станеш заборав, а дотогаш?
Дотогаш ќе боли лажната насмевка, студените четири ѕида, недокажаните реченици…Секој миг ќе боли и ќе пече ко сол на рана мој незабораву.

Автор: Марина Додевска

Напишете коментар