Skip to content

Силвија Плат – Поетеса и писателка заљубена во смртта

Трагичниот живот испреплетен со постојана борба со стварноста, неприфаќање на истата и страшниот крај се повеќе од повод да се потсетиме на една од најголемите поетеси на 20 век – Силвија Плат. Поетеса која за жал има доволно храброст успева да се соочи само со хартијата, а не со животот кој вистински никогаш не го спознава.

Позната со нејзината улога во конфесионална, исповедна поезија која е навистина многу интимна и каде е сеприсутна нејзината амбивалентна природа.

Се препуштаме на емоциите додека ги читаме нејзините стихови, таму можеме вистински да ја спознаеме нејзината душа и нејзините рани кои не успева ги залечи како резултат на недостаток на самодоверба и сигурност.
Надживеана од нејзините демони, како да не успева да го најде Бога, со што станува ќерка на една пост – модерна ера, ера во која жената сѐ уште не може да ја надживее љубовта на мажот. Само се обидува.

Тоа е љубовта која ја бара во секој маж во кој сака да го препознае својот татко кој го губи на многу рана возраст. Фројд за неа вели: „Силвија Плат е параноична личност која  страда од фиксација во нарцисоидноста“ . Таков нарцисоиден пациент секогаш бара сурогат ако по некоја случајност изгуби некоја драга личност. Се разбира, го препознава татка си во контроверзниот поет Тед Хјуз, обвинуван од илјадници нејзини обожаватели од двете страни на Атлантикот за нејзината смрт, човек кој отворено ја изневерува со Асија Вевил  и за кого таа ќе каже: „Тед, во сѐ она што наликува на маж, наликува на татко ми“. Неговите животински страсти ја привлекуваат уште при првата средба:

Страсно ме бакна во уста и ми ја истргна лентата за коса, а моите омилени сребрени обетки…, „задржи ги“, остро изусти. „А кога ме бакна на вратот, силно го гризнав на образот, па кога излеговме од собата, од лицето му капеше крв…“
Оваа страствена средба не можела, а да не заврши трагично.

Невозвратната љубов од татко ѝ и нејзината опседнатост со неговата отсутност како да е причина за нејзината амбивалентна природа, нејзината вечна борба која ја води меѓу љубовта и омразата и која јасно се огледува во една од нејзините најпознати песни „Тате“  за која и самата признава дека е напишана од девојче со Електрин комплекс.

Тате

„Отсекогаш сум стрепела од тебе

Со твоето дрн-дрн јариња твоето Luftwaffe

и твоите под конец мустаќи

и ариевски очи, светло сини.

Панцир-човек, панцир-човек, О Ти –

Не Бог туку свасика

од што е црна нема небо што ќе ја пробие.

секоја жена обожува Фашист,

чизма в лице, ѕверско срце

ѕверско, на ѕвер како тебе.“

 (извадок од „Тате (Daddy)“ – препев од англиски јазик Кристина Зимбакова „Избор Песни“)

Нејзината амбивалентна природа е критична и кон бракот како институција која за неа е социјално наметната. Говорникот во нејзината песна „Кандидат“ е само една обична домаќинка, жива кукла, сон на секој костимосан шутрак, како што го нарекува мажот.

Кандидат

„Што велиш за костумов, а

Црн е и крут, но лошо не стои.

Ќе го земеш ли?

Водоотпорен е, кршоотпорен, отпорен

На бомби врз покрив и огноотпорен.

Жими мајка, ќе те закопаат во него.

Извини, ама во главата си шутрак.

Имам дерман за тоа,

Излези од шкафот, ела тука, срцка.

А, што мислиш за ова?

За почеток, ко хартија е гола

Но за дваесет и пет лета ќе биде сребрена,

За педесет, златна.

Жива кукла, од глава до пета.

Знае да шие, знае да готви,

Знае да ломоти, ломоти, ломоти.“

(извадок од „Кандидат (Applicant)“ – препев од англиски јазик Кристина Зимбакова „Избор Песни“)

Ставот на Силвија Плат кон смртта

Ставот на Плат кон смртта, исто така, изгледа како амбивалентен. Повеќето од нејзините автобиографски песни ја откриваат оваа вистина. Во „Дамата Лазарус“ таа се гордее со тоа дека „Умирањето е уметност, како и се останато“ и како што вели самата таа „ Јас го правам тоа исклучително добро.“

Денес, нејзините песни можеби треба да се читаат со доза претпазливост, особено меѓу младата популација зошто некои од нив, посебно од нејзината збирка „Ариел“ може несвесно да влијаат врз нивната психолошка состојба која е особено кревка за време на адолесцентниот период.

За крај, може да се каже дека Силвија Плат останува да биде нем сведок за последиците кои ги остава самоубиството врз општеството како и за нејзината силна и нарцисоидна, но истовремено и амбивалентна природа која како да не сака да побара помош, зошто нејзината нарцисоидност е поголема од самата смрт. Таа е цврсто убедена дека можеби и смртта е една од нејзините поеми кои може да ги доведе до совршенство.

Или можеби останува да биде симбол на потиснатите жени, особено преку нејзиното самоубиство? За многумина фактот што ја ставила главата во рерна и се отрула со гас е објаснета како чин на протест против симболичната смрт на жената во нивната кујна – ќелија.

Напишете коментар