Skip to content

Денес е меѓународен ден на литературата за деца

Книжевноста за деца е посебна книжевна област со свои идеи, воспитни и уметнички обележја. Книжевноста за деца е наменета за најмалиот читател или слушател, за деца од 2-15 години (или нешто повеќе). Овде спаѓа книжевноста создадена од деца, или детската книжевност и делата создадени за деца.
Се сеќавате дека кога бевте мали ви читаа или раскажуваа приказни? За да го прават тоа вашите родители, баби и дедовци морале да прочитаат прво и тие самите. Но сигурно е дека и ним некој им раскажувал претходно. Литературата за деца иако е наменета за деца таа е подеднакво забавна и за возрасните. Речиси во секоја книга за деца се кријат разни мудрости кои сме ги подзаборавиле. Па не би било лошо одвреме на време да се потсетиме на нив повторно.

Се сеќавате на вашите први лектири во училиште? Како на пример: „Касни-порасни“, „Хајди“, „Двојната лота“, „Доктор Офболи“, „Волшебното самарче“, „Робинзон Крусо“, „Орхан“, „Белото циганче“, „Бела грива“, „Втора смена“, „Вујко Вања“, „Грдото пајче“, „Гуливеровите патувања“ и многу други.

Денес се одбележува светскиот ден на литературата за деца. За да го одбележите и вие купете им на вашите деца или внуци некоја детска книга. Обидете се секојдневно да им ја пренесете љубовта кон книгата. Нека се заљубат во страниците, затоа изберете некој интересен наслов кој ќе им го привлече вниманието и ќе посакаат да читаат уште повеќе. На најмалите кои уште не знаат да читаат прочитајте им или раскажете им некоја приказна додека ги држи вниманието. Нека прерасне тоа во навика.  На пример правете го тоа секогаш пред да заспијат, па доколку им се допаѓа и самите ќе бараат да им читате.

Зошто читањето да им биде навика на децата?

Децата од мали нозе се учат на здрави навики, па нека биде нивна навика читањето книги. Верувајте, кога тие ќе пораснат ќе ви бидат благодарни за тоа што сте им помогнале да го засакаат читањето. Научно се докажани придобивките од читањето, па нема потреба да спомнуваме дека децата кои читаат имат придобивки и се во предност за разлика од тие што не читат.
Читањето нека биде вкоренета навика исто како миењето заби. Децата кои читаат како мали, ќе бидат возрасни кои ќе мислат со своја глава. Среќен нека е светскиот ден на литературата за деца!

Напишете коментар