Skip to content

Сонетен венец – Нове Богојески

  • by

I

Не сум поет ко Прешерн јас

сонетен венец што нижел,

за љубовта секој ден и час

во полусон кога мижел.

Четиринаесет сонети,

петнаесетти магистрал,

сите како марионети,

предводени од генерал.

Ниту поема ќе правам

ко Прличев втор Хомер,

ловоров венец да ставам.

Сакам само да ветам

за љубовта вечна спомен,

ако можам ќе сплетам .

II

Ако можам ќе сплетам,

од стихови букет убав

и по втор пат ќе ветам

исполнет со чиста љубов.

Ако љубовта е сила

таа сите нè тера напред,

искрена, нежна и мила,

најубава на цел на свет.

Како утринската слана

врз росната мека трева

послана в мугра рана.

Се сретнува поглед за час

и во мигот кога има врева

љубовта да цвета за нас.

III

Љубовта да цвета за нас

место круна со венец

цвет од стихови праќам јас

и везам венец, првенец.

Како врз ленена риза

нека се нижат ред по ред

од мали зборови низи

од почеток до недоглед.

Надвор дождот ситно роси

и во потокот се влива

секој стих љубов носи.

Мракот полека се губи

маглата в земја се впива

утро да почне со љубов..

IV

Утро да почне со љубов

да подариме цвет еден

тоа е гест, добар, убав

во љубовта чекор следен.

Цветот в градина да расне,

силен мирис нека сее

и никогаш да не згасне

ко вечен оган да грее.

Времето брзо да тече,

љубовта силно да гори,

нека гори, нека пече.

Жарот долго нека трае,

од утро па се до зори ,

било на сон или јаве.

V

Било на сон или јаве

спомените се редат,

а песните за навек

една по една следат.

Љубовта е како река

за неа подава рака,

кога некој те чека

и искрено те сака.

Времето мине,лета,

в градина цветна тогаш

љубовта нека цвета.

Затоа надеж не губи ,

направи како некогаш

од љубов цвет за љубов.

VI

Од љубов цвет за љубов ,

нови стихови следат

исполнети со убост

пак сонети се редат.

Секој љубовна тајна

некаде во себе крие,

како мала ѕвезда сјајна

на небото што спие.

Штом од сонот се буди

во ноќта црна и глува

сам на себе се чуди.

Можеби тогаш и не знае

дека несвесно ја чува

во него вечно ќе трае.

VII

Во него вечно ќе трае

како златна птица в лет,

ко небесна ѕвезда сјае

заштитничка на цел свет.

Поетите песни пеат

и весели и тажни,

девојките солзи леат

искрени, топли, влажни.

Љубов со љубов се враќа,

од секогаш било така,

љубовни стрели праќа.

Погодува право в цел

со малку труд и мака

тој љубовен бакнеж врел.

VIII

Тој љубовен бакнеж врел

и рацете околу вратот,

беше првиот чекор смел

на скалите од катот.

Се слуша на птица глас

и таа за љубовта пее,

а можеби во тој час

љубовни солзи лее.

На прозорецот стојам

нешто слушам, нешто гледам

птиците в лет ги бројам.

Вознемирени во јато

со солзлив поглед ги следам,

а солзите се слатки.

IX

А солзите се слатки

штом за љубов се збори,

љубовните ноќи кратки

мирни, без тешки мори.

Не, ништо не е важно

ниту тогаш ниту сега,

ако лицето ни е влажно

ако погледот ни бега.

Тој што вели не е така

не е во право, не е тој,

нека подаде рака.

Песната се пее по такт

во полумрак во домот свој

вечерва пишувам пак.

X

Вечерва пишувам пак,

строфа по строфа се редат

со брзиот ритам и такт

нови сонети следат..

Љубовта вечно да трае

опеана во песна

трепери и силно сјае

ко пеперутка е лесна.

Не треба надеж да губи

тој што некогаш сакал

или искрено љубел.

А за љубовта вреди

да се живее макар

еден нов живот да следи.

XI

Еден нов живот да следи

со нова надеж и сила,

на почеток нов гледај

како самовила мила.

Заиграј оро вито

со твојата рамна снага,

сред село да видат сите

колку си мила , драга.

Гајдата силно да свири,

Сите танец да вијат,

орото да се шири.

Штом денот убав ќе пројде

во ноќта сите ќе спијат

чекам повторно да дојдеш.

XII

Чекам повторно да дојдеш

со нова надеж и сила.

Каде ли мислата ќе појде?

Во прегратки топли, мили.

А потоа и бакнеж врел

нов прстен, нов завет

и чекор прв, чекор смел

за љубовта, за навек.

По некоја солза врела

љубовна, топла, блага,

што ќе зближи две тела.

На лицето насмевка пак

и пак песна нова, драга

нов ритам со љубовен такт.

XIII

Нов ритам со љубовен такт,

две чаши црно вино

на масичката од даб

врз чаршафот во сино.

Се редат спомени стари,

многу желби, могу тајни,

секој со нешто се фали

за минатото не жали.

Иднината е пред нас,

да кренеме сега чаша,

во неа е нашиот спас.

Среќата сама ќе дојде

ќе цвета љубовта наша

а ноќта брзо ќе пројде.

XIV

А ноќта брзо ќе пројде,

со зраците топли, мили

утрото нека дојде

ново утро, нови сили.

Ден да почне со топол чај

и со насмевка блага,

за љубовта вечна знај

ќе направам сè драга.

Нов почеток, нов завет

сега во овој свечен час

за љубовта, нова надеж..

На крајот букет цвеќе

и мала здравица за нас,

венецот е готов веќе.

МАГИСТРАЛ

Не сум поет ко Прешерн јас,

Акростих сакам да сплетам

Љубовта да цвета за нас

Утро да почне со љубов.

Било на сон или јаве

Од љубов цвет за љубов.

Во него вечно ќе трае

Тој љубовен бакнеж врел.

А солзите се слатки

Вечерва пишувам пак,

еден нов живот да следи.

Чекам повторно да дојдеш,

Нов ритам со љубовен такт ,

а ноќта брзо ќе пројде.

Автор:
Нове Богојески

Напишете коментар